Трансфер на технологии, 14.09.2007

Клуч на пазарното јакнење на компаниите претставува високата употребна вредност на производите и услугите и производството на нови производи со висока додадена вредност, при што целта е поквалитетно и поефтино производство. Во овој процес, технолошкото ниво на компанијата има исклучително важна улога. Низ призмата на технолошкиот аспект, компаниите но и земјите можат да се поделат на технолошки напредни и технолошки позаостанати, при што на вторите главен адут им е ниската цена на трудот. Технолошката компонента во производството на стоки е зголемена од 20% во 1950-те на 80% денес. Во таа еволуција, начинот на стекнување на повисока технологија се менуваше, при што меѓународниот трансфер на технологии прерасна во комплементарен метод на интерниот технолошки динамизам на компаниите. Притоа, трансферот на технологија подразбира не само опрема и машини, туку и знаење.

 

Следејќи ја глобалната сцена на технолошките движења, се доаѓа до заклучок дека земјите со ниска цена на трудот се повеќе почнуваат да учествуваат во производни активности со зголемено технолошко ниво заради трансферот на технологии во нивна корист. Производите од овие земји се ефтини заради ниската цена на трудот, но тие се повеќе стануваат конкурентни и заради подигнатото технолошко ниво. Развиените и богати земји почнуваат да го губат приматот дури и во некои за нив традиционални сектори. Така, деновиве проструи информација дека германските возила кои опфаќаат 9% од светскиот пазар, во наредните години ќе загубат најмалку еден процент од светскиот пазар во корист на автомобилите произведени во Кина, Индија и Русија.

 

Во глобалните текови постои миграција на високо-технолошки дејности од земјите со напреднато технолошко ниво кон земјите со ниска цена на трудот. Притоа, основни цели на трансферот на технологии се: зголемена конкурентност, воведување на нови напредни технологии со високи еколошки стандарди, подобрување на социо-економското опкружување, креирање на нови бизнис модели, подобрување на инфраструктурата и на образованието. За реализација на овие цели, неопходна е технолошка соработка на национално и меѓународно ниво, односно формирање на технолошка мрежа во која ќе учествуваат: академските институции, развојните научни институти, државните институции заради обезбедување соодветна регулаторна клима како и производствените компании кои треба да ги имплементираат технологиите.

 

Да видиме што се случуваше, што се случува и што треба да се случува на ова поле кај нас.

 

Во изминатите 16 години од осамостојувањето, нашето стопанство, нашиот производен сектор ја доживеа деструкцијата на катастрофално спроведената приватизација. Бројни фирми кои имаа релативно напредна технолошка инфраструктура и производи во времето на нивна приватизација, или добар потенцијал да стекнат современа технологија преку трансфер од посовремени странски фирми низ процесот на соработка, беа набрзина продавани "на барабан" и тоа на полуписмени лица со сомнително минато и недостаток на елементарни познавања за тоа што го купуваат. Резултатот од тоа беше тотално економско назадување кое што трајно и неповратно ја уништи производствената база во Република Македонија.

 

Лошата приватизација е клучнииот фактор за технолошкото назадување и агонијата во која денес се наоѓаат голем број македонски фирми. Имено, продажбата на претпријатијата на инсајдери поврзани со тогашната политичка елита, ex-ante значеше мали инвестиции во нови машини, опрема, технологија и знаење. Таквата приватизација предизвика затварање на фирмите кон себе, одбивност кон надворешни лица, знаење и технологии, а не дај боже тие да дојдат преку странски партнери. Странските инвеститори беа искористени само во неколку селектирани случаи за да ги покријат криминално направените приватизации.

 

Вториот сегмент кој е значаен за технолошки прогрес е научно-истражувачката компонента. Во државата наследивме и сеуште имаме универзитети кои се во процес на пост-социјалистичка хибернација: зачмаени во кадровската политика и затворени кон новите процеси и идеи. Интелектуалците наместо во креативни активности, се свртеа кон дневна политика. Некои станаa политичари, други амбасадори, трети квази-бизнисмени. Познато е дека ако 10 години не си во својата струка, тогаш времето те прегазило. А едно лице од академската средина  кое 10-тина години не е во тековите на својата струка се смета дека во тој домен е маргинализирано. Барем тие лица да водеа или да беа дел од една исправна политика. Напротив, политиката длабоко навлезе и нагриза во нивниот интелектуализам.

 

Улогата на државата во оваа приказна исто така не може да се занемари. Долги години имавме исклучително лоша бизнис и регулаторна клима. Да се отвори домашна или странска фирма, да се извади дозвола или да се добие атест за квалитет, подразбираше очајно долга, напорна и беспоштедна борба со шалтерската бирократија и корупција.

 

Кога се ќе се собере, многу е јасно зошто странските инвеститори ја избегнуваа Македонија и го пренесуваа својот капитал и технологија во други земји. И многу е јасно зошто новата генерација на политичари и интелектуалци има сизифовски тешка работа пред себе. Но не и невозможна, секако.

 

За да се зајакне македонската економија и да се фати чекор со современите технолошки текови, мораме да го расчистиме ѓубриштето од сопствениот двор. Тоа не е домашна задача дадена од ЕУ, тоа е нужен чекор заради нас самите. Заради тоа, меѓу другото се решивме на остра регулаторна гиљотина, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, амбициозно брендирање на земјата во странство. Тоа ќе доведе до нови домашни, но и странски инвестиции кои ќе дадат импулс на придвижување кон современите технолошки текови. Тие ќе бидат трансферот на технологија од високо-технолошките и развиени земји кон нашава економија со пониска цена на трудот. А трансферот на технологија значи поконкурентни производи, нови работни места и поквалитетен живот. Или - да имаме се што немаме.