Doing Business, 28.09.2007

Мојот комшија Павле отсекогаш сакаше да отвори сопствен бизнис. И отсекогаш го сакаше спортот. Во 2003, тој го напушти работното место, го продаде старото пежо и ги извади парите од штедната книшка во Стопанска банка. Шест месеци подоцна тој речиси стана сопственик на мал дуќан за спортска опрема. Речиси.

 

Тој сепак немаше добиено дозвола од пазарната инспекција, која е задолжителна за отварање на бизнис. Ниту пак техничка дозвола од градежната инспекција. Катастарот не беше сигурен дали може да му издаде имотен лист за парцелата на која градеше, а Министерството за одбрана требаше да провери дали има изградено засолниште во случај на војна. Сето ова не беше чудно. За започнување со бизнис во Македонија во таа година беа потребни 13 процедури и 48 работни дена. Во исто време, во Австралија тоа се завршуваше со 2 процедури и за 2 дена, а Франција воведе електронска регистрација на новите фирми и ја укина обврската за почетен капитал. И другите услови за вршење на бизнис во Македонија во тој период беа лоши. Регистрацијата на имот бараше 74 дена, а извршувањето на договорните обврски одземаше фрапантни 509 дена. Се на се, во извештајот на Светска банка Doing Business, Македонија се наоѓаше на вообичаените позииции - околу бројката 100. Ситуацијата остана лоша и во следните години, со минимално поместување до 2006 година на 92-ро место.

 

Doing Business е несомнено најреномираниот светски извештај за условите за вршење на бизнис во сите земји со популација над 1,5 милиони жители. Од 2003 до 2007 година, објавени се четири годишни извештаи, кои даваат компаративен преглед на десетина индикатори: условите за започнување на бизнис, вработување и отпуштање од работа, регистрација на имотот, даночното оптоварување, условите за добивање на кредит, заштита на инвеститорите, корпоративно управување, условите за тргување, извршувањето на договорните обврски итн. Употребата на исти индикатори, методологија и стандарди, овозможува да се направат мериторни споредби на секоја земја со најуспешните земји во одделна категорија.

 

Основа за забрзан економски раст и отварање на можности за сите луѓе е - динамичен приватен сектор во кој фирмите инвестираат, креираат работни места и ја подобруваат продуктивноста. Од тие причини, владите ширум светот спроведуваат длабоки и комплексни реформи, кои вклучуваат микроекономски мерки, даночни реформи, поедноставување на регулативата, олсенување на условите за пристап до финансиски средства, забрзана регистрација на имотот, ефикасна наплата на побарувањата итн. Истовремено, во многу земји бизнис климата е катастрофално лоша, претприемничката активност е ограничена, развојот стагнира, а луѓето осиромашуваат. Зошто е тоа така?

 

Иако макроекономските политики се несомнено значајни фактори за водење на бизнис, меѓу експертите постои консензус дека квалитетот на бизнис регулативата е клучниот фактор за просперитет на една земја. Македонија е секако најеклатантен, но за жал негативен пример за ова: долгогодишната макроекономска стабилност во отсуство на конзистентни и длабоки реформи, ја направи земјата економски неуспешна приказна. Лошата приватизација која резултираше со ниски инвестиции и неквалитетно корпоративно управување, ги направија фирмите неконкурентни и технолошки заостанати. Заедно со високата корупција и регулативниот лавиринт, тоа резултираше во очајно лоша бизнис клима и имиџ на Македонија како земја во која нема услови за економски развој.

 

Што беше потребно за ова да се смени? Што беше потребно за Павле конечно да почне да работи?

 

Реформирањето на амбиентот за бизнис бара лидерство – и тоа повеќе отколку било која друга реформа. Лидерите кои се посветени на оваа цел, имаат визија, енергија и знаење да ја подобрат бизнис климата, што во основа не е лесно остварлива цел. Но е остварлива. Ако имаш желба за приомена, ако имаш волја за работа, ако имаш знаење како тоа да го оствариш.

 

Започнавме со амбициозни даночни реформи, преку воведување на низок рамен данок со стапка од 10% и ослободување на реинвестираната добивка од оданочување. Продолживме со регулаторната гиљотина – еден од најзначајните реформски проекти во последнава деценија. Проект кој е од исклучително значење за поедноставување и подобрување на условите за бизнис, проект кој ќе ја намали бирократијата и ситната корупција, ќе го поедностави добивањето на лиценци и ќе ги снижи трошоците за бизнис. Воведовме правило "молчењето е одобрување". Воведена е можност за регистрација на бизнис за само 4 часа, без обврска за почетен капитал. Цената и пристапот на фирмите кон финансиски средства се подобрени, како и регистрацијата на имотот. Уште поважно, покажавме извонредни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и во заштитата на интелектуалната сопственост.

 

Како резултат на длабоките реформи, Македонија во 2007 година има неспоредливо подобра бизнис клима. Тоа го зборуваат домашните и странските бизнисмени, тоа го слушаме од ММФ, Светска банка и другите меѓународни институции. Конечно, тоа е верификувано преку фантастичниот резултат објавен  вчера во извештајот  на Светска Банка Doing Business 2008: Македонија е на 4-то место во спроведувањето на реформи во конкуренција на 175 земји. Четврта на листата на топ десет реформатори во светот.

 

Да се биде на четврто место во било која област во светот – feels good. Да се биде на 4-то место во светот според реформите за подобрување на условите за водење бизнис – feels great. Тоа привлекува инвеститори. Тоа руши психолошки бариери. Тоа гради доверба и самодоверба.

 

Се надевам дека и Павле се чувствува одлично. Се надевам дека конечно ќе стекне доверба и самодоверба. И дека конечно ќе започне со неговиот бизнис.