Бизнискратија наместо бирократија, 19.10.2007

Секој од нас барем еднаш во животот се соочил со бирократијата, чувствувајќи се истовремено фрустрирано, бедно и понижено во односите со луѓето од онаа страна на шалтерот. Бирократијата е систем на добро осмислени и испреплетени процедури  и правила кои колку се посложени, толку го прават корисникот на јавни услуги понемоќен и позависен, што е и крајната цел на бирократите. За економските субјекти и граѓаните, бирократските лавиринти значат трошење на многу време, пари и пред се нерви. Основниот проблем лежи во навиките на администрацијата и третманот на државната работа како речиси загарантирана работа за цел живот, независно од квалитетот и односот кон неа и кон корисниците на услугите. Основата за такво однесување, сепак ја дава преобемната и сложена регулатива која претставува клучна пречка во вршењето на бизнис, но и во секојдневието на граѓаните.

Решението лежи во спроведување на сеопфатна регулаторната реформа, која вклучува кратење на непотребните прописи, правила и процедури, сублимирани во препознатливиот проект "Регулаторна Гилотина". Владата беше свесна дека регулаторната гилотина нема да биде лесна и едноставна и дека токму најголемиот отпор ќе го има од државната администрација. Сепак, решеноста за промена на лошите навики и практики, заедно со цврстото лидерство и отвореноста за активно вклучување на бизнис заедницата, резултираа со одлични ефекти.

Кои се конкретните резултати од овој проект? Во изминатата година со повеќе мерки значително се олесни започнувањето на бизнис во Македонија. Постапката за регистрирање на фирма е скратена на само 4 часа и укинато е досегашното барање за минимум почетен капитал. Со работа започна првото  техничко биро во Централниот Регистар кое бесплатно им помага на граѓаните да започнат бизнис. Како резултат на реформите во однос на условите за започнување на бизнис Македонија е на 21 место споредено со 178 земји во светот и се наоѓа пред Шведска, Латвија, Романија, Швајцарија, Грција, Словенија, итн. Со ова веќе е надмината психолошката бариера дека започнувањето бизнис е сложен и скап процес, а на претприемачите им се остава повеќе време да посветат на нивните инвестициски планови. Зголемениот интерес за започнување со нов бизнис е доказ за довербата во економските политики и подобрувањето на инвестициската клима.

Вториот сегмент е најкоммплексен и ги опфаќа процедурите и постапките за добивање на јавни услуги. За жал, досега многу малку внимание се посветуваше на самите процедури, односно чекорите кои фирмите и граѓаните мораа да ги поминат за да се обратат и добијат лиценци, одобренија, согласности и други формалности. Наместо меѓусебна соработка и координација на институциите преку взаемна размена на информации, од фирмите и граѓаните се бараше да одат од шалтер на шалтер, да доставуваат исти документи на повеќе места, без притоа да се има почит кон нив, нивното време и нивните пари.

Првите конкретни резултати од гилотината во овој дел се намалените надоместоци за 50% кај многу државни институции. Така, во Централниот регистар за добивање на бонитет наместо 3.500 денари, се плаќаат 1.750 денари, што е особено значајно за малите и средни претпријатија. Кај Катастарот за регистрација на хипотека наместо досегашните 500-2.800 денари, се наплаќаат 250-1.400 денари. Имотен и поседовен лист граѓаните можат да добијат за само 125 денари. За 50% се намалени и цените на Бирото за Метрологија и Институтот за стандардизација, а Царината целосно укина одредени такси. Освен намалените трошоци, со ова зададен е сериозен удар на ,,тарифникот” на коруптивни активности. Во повеќе области драстично се скратени (најчесто преполовени) роковите, намален е бројот на документи кои се бараат, а обврските за корисниците се редуцирани со тоа што дел од документите државните институции ќе мораат да ги обезбедуваат по службена должност. Воедно, се воведе правилото „молчењето е одобрување“ кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата во пропишаниот рок. Доколку не се добие одговор во предвидениот рок, се смета дека одговорот е позитивен, а за одговорните службеници предвидени се казни со лична и материјална одговорност.

За граѓаните е посебно значајно што за поедноставување на процедурите на добивање на лични документи, со работа започна call центарот при Министерството за внатрешни работи, со што се воведе ред и се поедноставија процедурите за добивање лични документи. Воедно, во тек е постапката за драстично намалување на административните такси кои се плаќаат за издавање на лични документи, уверенија и сл.

 

Што после регулаторната гиљотина? Животно правило е дека штом се расчистат проблемите, треба да се спречи нивното повторно создавање. Секогаш имало и ќе има потреба од донесување на нови прописи. Но она што треба да се направи е да се изгради ефикасен систем на заштита од ,,бирократизација” на прописите кои треба да бидат донесени во иднина. Затоа, во подготовка е проект за оценка на сите нови прописи во постапката на нивното донесување, познат како RIA (Regulatory Impact Assessment). Имено, при предлагањето на нова регулатива, министерствата ќе мора да обезбедат квалитетно образложение дека истата ќе влијае поволно врз бизнис амбиентот. Тоа ќе се обезбеди, меѓу другото, преку задолжителни консултации со бизнис заедницата. Без таква анализа и оценка, ниеден нов пропис нема да биде разгледуван од Владата.

 

Борбата против бирократијата е тешка. Но влогот е голем. Се мери со илјадници понасмеани лица, милиони евра нови инвестиции, повеќе време за бизнисот, семејството, љубовта, пријателите. Затоа и вреди да се вложат доволно време, средства и волја таа борба да се добие.