Економскиот контекст на НАТО, 09.11.2007

Од првиот момент кога се појави идејата Република Македонија да стане членка на НАТО, јавната дебата е фокусирана на политичките и воените аспекти на ова прашање. Меѓутоа, не постои политички процес кој нема економски импликации, а тоа е посебно релевантно кога станува збор за интеграција на една земја во најмоќната одбранбена формација на светот.

 

Интеграцијата во НАТО и како процес и како постигнување несомнено има економски ефекти. Основно и најважно што треба да се потенцира е дека тие ефекти се многу позитивни за македонската економија. Подобрувањето на состојбите во економијата пак е добро не само за македонските граѓани, туку и за националната и регионалната стабилност и безбедност.

 

Во современиот свет, посебно по војните на Балканот, Ирак и терористичките напади во САД, Шпанија и Русија, евидентно е дека постои многу силна поврзаност меѓу безбедноста и економските перформанси. Истовремено,  улогата и дејствувањето на НАТО по завршувањето на студената војна значајно се изменија. Од воен сојуз за одбрана на територии, НАТО прерасна во обезбедувач на глобалната безбедност и нејзин гарант. Максимата на современите политички и воени доктрини е дека безбедноста на една земја не може да се издвои од глобалната безбедност. Терористичките напади во САД и Европа ја тестираа, но и ја зацврстија трансатлантската димензија на НАТО, како симбол на евроамериканизмот.

 

Балканот, од своја страна, е регион кој отсекогаш бил поврзуван со несигурност и конфликт. Регион во кој често се вкрстуваат интересите на исток и запад, САД и Русија. Воедно и регион во кој нема лесни одговори на ниту едно политичко прашање. Од тие причини, безбедноста и денес е клучниот збор на овие простори.

 

Оттаму, поврзаноста на безбедноста со економскиот просперитет и развојот на демократијата на Балканот е несомнена, а нејзиното остварување на трајна основа е многу полсено преку интеграцијата на Македонија и регионот во ЕУ и НАТО. Тоа всушност значи примена на мотото ²инвестирање во безбедноста за да се осигури безбедност на инвестициите². Второто се однесува пред се на инвестициите во транспортна, комуникациска, енергетска и информатичка инфраструктура за поврзување на ЕУ и САД со клучните региони како Среден Исток, медитеранските земји, Кавкаските земји и централна Азија.

 

Но инфраструктурата во овој дел од светот не подразбира само она што е позитивно. На Балканот постојат и ²коридори², преку кои се пренесуваат и криумчарат луѓе, оружје, дрога и сл. Прекинувањето на овие канали е клучно за подобрување на безбедноста, но и на економијата во овој регион. Успесите во прекинувањето на многу вакви коридори, како што на пример е последната успешна акција на МВР, заедно со реформите во економијата, армијата и полицијата, се клучните фактори кои ја приближуваат Република Македонија кон НАТО.

 

Сепак, освен геополитичките импликации кои ги носи членството во НАТО, постојат и многубројни чисто економски ефекти од овој процес. Тие можат да се синтетизираат во две групи: мерливи и немерливи ефекти. Првите се пред се изразени во модернизација и опремувањето на армијата, што подразбира зголемен буџет за оваа намена. Во последните две години, буџетот за одбраната е зголемен и позициониран на ниво од 2,3% од бруто домашниот производ. Зголеменото трошење за стоки, услуги и инвестиции поврзани со одбраната има директно позитивно влијание врз економскиот раст. За разлика од Бугарија, Романија или Србија, Македонија нема развиена сопствена одбранбена индустрија. Сепак, зголемениот буџет има позитивно влијание врз малкуте претпријатија од оваа област, како и врз фирми од информатичката технологија, услугите, металната и текстилната индустрија и други кои се деловно поврзани со одбранбениот сектор.

 

Покрај ова, интеграцијата во НАТО има директно и мерливо позитивно влијание врз развојот на инфраструктурата, вклучувајќи ги патиштата, железницата, комуникациите и енергетските преносни системи. За Македонија да стане член на НАТО, мора да ја подобри сопствената инфраструктурна мрежа, што има позитивен ефект врз економскиот раст. Покрај ова, неколку други сектори ќе добијат позитивен импулс: информатичката индустрија поврзана со софтверските и телекомуникациските потреби, туризмот бидејќи ќе се зголеми бројот на деловни гости и туристи од западните земји, образованието каде ќе биде потребно специфично знаење и кадар кој се бара за учество во најмодерниот одбранбен систем на светот, итн.

 

Колку и да се значајни овие мерливи ефекти, вистинската долгорочна корист за македонската економија од членството во НАТО е содржана во немерливите ефекти. Имено, тие помагаат да се поправи меѓународниот имиџ на Македонија како балканска и бивша комунистичка земја, што секако не е најповолен контекст од аспект на странските инвеститори. Контекст кој се поврзува со нестабилност, небезбедност и меѓуетнички тензии, што произведува висок степен на несигурност за странските инвеститори.

 

Наспроти ова, НАТО контекстот подразбира политички решенија за меѓуетничките и меѓудржавните тензии, поголема безбедност на границите, како и подобар институционален квалитет. Влегувањето на Македонија во НАТО е и најдобриот гарант на одржливоста на македонскиот модел, единствениот успешен модел на функционална мултиетничка демократија на Балканот.

 

Се на се, членството во НАТО ја зголемува личната и деловната безбедност и ја зајакнува предвидливоста и стабилноста на бизнис окружувањето и политичката клима. Тоа води кон подобрување на конкурентноста и атрактивноста на земјата, што се потврди низ примерите на сите земји кои се интегрираа во НАТО во изминативе години: Полска, Чешка и Унгарија претходно, а сега и Бугарија и Романија се примери каде членството во НАТО е проследено со историски највисоки приливи на странски инвестиции и најдобри економски резултати.

 

Нема зошто тоа да не се случи и во Македонија.