Буџет 2008, 16.11.2007

Буџетот претставува основен инструмент за реализација на програмата на една влада. Во демократските држави, презентацијата на буџетот од страна на извршната власт пред законодавната власт претставува значаен чин кој обезбедува транспарентност и одговорност во управувањето со јавните финансии. Разбирливо, тоа е и најдобра можност за оценка на квалитетот на работењето на актуелната власт, ефикасноста во прибирањето и располагањето со буџетските средства, како и оценка на политиките и мерките во сите области на јавниот сектор. Имајќи ги предвид комплексноста и големината на буџетската потрошувачка, уште поразбирливо е што донесувањето на буџетот е секогаш проследено со поделени мислења во експертската и другата јавност.

Основата за проектирање на буџетот за следната година ја даваат макроекономските параметри. Според остварувањата за првите девет месеци од 2007, економскиот раст во оваа година ќе достигне највисоко ниво од осамостојувањето од околу 6%. Со оглед на тоа дека вистинските ефекти од политиките за подобрување на бизнис амбиентот ќе дојдат до израз во следната година, нема причина да не се верува дека 2008 растот на економијата изразен преку БДП ќе изнесува над 6%. Извозот кој според податоците за првите девет месеци од 2008 оствари одличен пораст од 40%, и во следната година ќе биде еден од генераторите на економскиот раст. Се очекува и пораст на потрошувачката и инвестициите. Порастот на потрошувачката ќе има позитивно влијание врз економскиот раст, а ќе проиэлезе по две основи: зголемување на личната потрошувачка заради порастот на платите и пензиите, како и пораст на јавната потрошувачка.

2008 по сета логика треба да биде најдобра година за обемот на вкупни нвестиции во Македонија. Оптимизмот има реална основа во следните факти: значајно се подобрени условите за инвестирање, што е и верификувано преку четвртото место во светот во најрепрезентативниот ивештај Doing Bussiness 2008; ослободувањето на реинвестираната добивка од оданочување ќе поттикне многу бизнисмени да вложат средства во нова опрема и машини; ефектите од агресивната промотивна кампања за Македонија како поволна дестинација за инвестиции; дополнителниот стимуланс кој го носи намалувањето на даноците на 10%; и конечно, политичката стабилност поддржана со интеграцијата на Република Македонија во НАТО, која ќе се случи во 2008 година (на разочарување на дефетистите и скептиците). Склопувањето на сите овие коцки во мозаикот наречен бизнис-клима, ќе го донесе толку очекуваниот инвестициски циклус.

На први јануари 2008, Македонија и официјално ќе биде земја со најповолен даночен пакет во Европа. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход ќе бидат намалени на 10%, реинвестираната добивка е целосно ослободена од плаќање на данок, а во слободните економски зони постојат многу атрактивни повластици эа инвеститорите. 2007 година покажа дека концептот на низок рамен данок е супериорен во однос на алтернативните решенија со прогресивни и високи даночни стапки кои претходно се практикуваа во Македонија. Ниските и рамни даноци ја наполнија буџетската каса, во услови кога секој поединец и бизнис индивидуално е оптоварен со помала стапка. Повисоките приходи во буџетот эа речиси 20% во однос на лани, покажуваат кристално чиста победа на овој даночен и развоен концепт над алтернативните кои цела деценија и пол неуспешно ги спроведуваше македонската левица. Лекцијата е едноставна: мотивите се движечка сила за се во животот, па и за економијата.

Буџетот за 2008 обезбедува оптимален баланс меѓу социјалната и развојната компонента. Износот на капитални инвестиции во 2008 ќе достигне високи 5,5% од БДП, што е за цели 2,4% од БДП или околу 150 милиони евра повеќе во однос на 2006 и 2007 година. Тоа е одговор на сите дискусии околу тоа дали буџетот е проразвоен или не, иако и многу други компоненти во буџетската потрошувачка имаат развојна димензија. Такви се на пример програмите за поддршка на новите бизниси, самовработување итн. За земја во која голем дел од населението ја базира својата егзистенција на социјалната заштита, значајно е што се обезбедени доволно средства и за пензионерите, невработените, социјална помош, детски додаток и сл. Економското закрепнување чии први знаци се видливи, постепено на среден рок ќе овозможи се повеќе да се зголемува бројот на работниците и соодветно да се намалува износот на трансфери за социјални намени.

Буџетот за 2008 обезбедува доволно средства за зголемување на платите во јавниот сектор за уште 10% на веќе зголемената основа (ќе се купуваат нови чевли во Рамстор напролет и налето), како и реализација на ветениот пораст на пензиите. Да нема дилеми, во целост ќе биде исполнето ветувањето кон пензионерите за зголемување на пензиите эа 20% до 2010, почнувајќи со првото покачување на 01.01.2008 и второто на 01.06.2008. Доколку постоечката формула за индекасција на пензиите не е доволна за остварување на оваа цел, истата ќе биде остварена со дополнителни измени на регулативата, или други законски можности. Во секој случај, пензионерите ќе ги добијат ветените 20% за периодот 2008-2010 година.

Согласно приоритетите за членство во НАТО и продолжување со решителната борба против корупцијата и криминалот, како и обезбедување на јавната безбедност, во буџетот се обезбедени доволно средства за одбраната и полицијата. Значајни средства се издвоени и за финансирање на проектите за компјутеризација и модернизација на школите, купување на модерна опрема эа болниците, доизградба на коридорот 10 и многу други локални патишта, како и изградба на десетина објекти од културата. Конечно, буџетот за 2008 ги има и ветените 45 милиони евра за земјоделците. Ветување е ветување, треба да се исполни. Тоа и се очекува од една "земјоделска влада", зарем не.

Во секој случај,

благодарност до опозицијата за комплиментот.