Акредитација, 30.11.2007

Системот за контрола на квалитетот во Република Македонија се заснова на три столба.  Тие се Институтот за Стандардизација, Бирото за Метрологија и Институтот за Акредитација. Квалитетот во сите области е пропишан, дефиниран, измерен, одобрен и верификуван преку дејноста на овие институции. Притоа, Акредитацијата е "капа" на овој систем и таа го верификува квалитетот на телата што се занимаваат со дејност од областа на контрола на квалитет: калибрација, испитување, инспекција, сертификација на производи и персонал, како и сертификација на системи за менаџмент со квалитет и со околина. Институтот за Акредитација ја верификува способноста на сите кои се занимаваат со контрола на квалитетот.

 

Деновиве добивме една убава вест: Институтот за акредитација на Република Македонија се стекна со статус на полноправна членка во Европската Асоцијација за акредитација (European co-operation for Accreditation-ЕА). Асоцијацијата е европска мрежа од национални тела за акредитација и во неа членуваат телата за акредитација на сите земји од ЕУ. Полноправното членство во неа е отворено само за националните тела за акредитација од земјите членки или кандидати за членки во ЕУ и EFTA (European Free Trade Association), а кои географски припаѓаат на Европа.

Целта на Европската Асоцијација е да обезбеди усогласеност на сите национални тела за акредитација преку развој на хармониэирани критериуми за акредитација. Едно национално тело за акредитација може да биде примено во оваа асоцијација само ако ги задоволува строгите критериуми кои се пропишани за членство. Полноправното членство во оваа организација потврдува дека Институтот за Акредитација ги исполнува сите меѓународни критериуми за вршење на акредитациски активности.

 

Една од главните цели на Асоцијацијата е поддршка, промоција и меѓусебно признавање на услугите во областа на акредитацијата, што е од особена важност за развојот и зголемувањето на конкурентноста на македонската економија и подобрувањето на вкупната бизнис клима. На тој начин, сите дејности кои се акредитирани во Република Македонија, се взаемно признаени од сите членки на ЕА, односно на Европската Унија. Значи, во оваа област веќе е обезбедена евроинтеграција. Сертификатите издадени од нашите тела се признаени во Европската Унија – чекор кој е од посебно значење и уште една потврда за вистинската насока во која се движи македонската економија.

 

Деновиве слушаме пораки од нашите политички опоненти дека евроинтеграциите во Македонија стагнираат и дека државата е на лош пат во однос на оваа наша стратешка определба. Треба ли да потсетиме во каква состојба се наоѓаше сегментот на контрола на квалитет пред само една година? Во состојба на хаос. Наследивме поделени сфери на влијанија контролирани од неколку локални шерифи во стилот на шпагети вестерните на Серџо Леоне. Тие безмилосно контролираа се и тоа беше институционално верификувано. 

Замислете го овој апсурд: граѓанин на Делчево во својот автомобил вградил плински уред и за да добие атест мора автомобилот да го донесе во Скопје. Ако тоа не го направи во Скопје, ќе треба да се збогува од идејата да има плински уред или ќе ризикува да вози на диво.  Ете таков систем за контрола на квалитет имавме. Или универзитетски професори и доктори на науки кои квалитетот на производите го мереа со стап и коноп водејќи го тоа како авторство во нивните професии.

Доволно е да се сетат сите оние кои сакаа да бидат акредитирани што се правеше во тоа време. Преку системот за акредитација се развиваа монополи во областа на сертификација и контрола на квалитет и беа поделени точни сфери на влијанија. Се знаеше по име и презиме кој го контролира квалитетот на возилата, кој на лифтовите, кој на ред други производи и услуги. И сите тие беа луѓе од најблиското опкружување на тогашните моќници. Нивни колеги од факултетите, нивни пајташи и јатаци.

Процесот на акредитација бара строго определени правила на игра. Овие правила се дефинирани и усогласени од страна на Европската Асоцијација и во оваа област нема повеќе простор за мешетарење, за делење на сертификати според нечија припадност. Процесот е транспарентен и може да биде акредитирана секоја страна која ги задоволува условите. Нема повеќе монополи карактеристични за каубојците од дивиот запад.

Сега откако нивото на припадност во европската асоцијација е достигнато, оваа дејност треба да се движи во насока на строго почитување на правилата на  игра. Потребно е целиот овој сегмент достоинствено да застане на здрави нозе, да се ослободи од баластите од минатото и да нема место за коруптивното, пристрасно и недомаќинско однесување. Сите оние кои ги задоволуваат условите - лаборатории и тела кои ја поседуваат пропишаната опрема и персонал кој е соодветно обучен - треба да бидат акредитирани.

Акредитацијата е на доброволна основа и не е обврзувачка. Но секако е потребна за една здрава и конкурентна економија кон која се стремиме.  Овој процес во иднина ќе има за цел да го подигне нивото на македонското стопанство, да ја зголеми конкурентноста на македонските производи, да го подобри нивното технолошко ниво. Ќе има за цел да ја зајакне конкурентноста на македонските компании. Да ја зголеми адаптибилноста на нашите претпријатија и на вработените во нив. Интегрирањето на системите за контрола на македонскиот квалитет во европските асоцијации го подобрува нашиот имиџ.

Господа кои фрлате дрвја и камења за се и сешто: ние работиме и имаме потврда за нашите резултати. Работиме на она што нам ни е потребно за подобар живот, а не само на она што некој го бара од нас.