Доверба, 27.12.2007

На почетокот од 90-тите години, на патот кон историската придобивка да имаме суверена и независна држава, имавме многу надеж и доверба. Но годините што следеа наместо остварување на очекувањата, донесоа бројни разочарувања. Транзициските профитери донесоа многу лаги, загубени работни места, нарушена хармонија на семејствата, изгубена средна класа, изгубена надеж и неизвесна иднина. Долгогодишното лошо водење на државата донесе целосно истоштена економија, згазена национална гордост и ерозија на сите вредности. Чувството кај луѓето беше дека живееме во еден тесен и задушлив ходник кој не се знае каде води. Сето ова направи довербата во власта да се изгуби, како и надежта за подобро утре. А народ без надеж и доверба, како и власт што не е способна да ја врати надежта и довербата кај народот - е концепт што губи и е осуден на пропаст.

Затоа, основната цел кон која се фокусираше владата во изминативе 16 месеци беше - враќање на надежта и довербата. И покрај силното темпо на работење диктирано од амбициозната агенда, членовите на владата не пропуштија можност да бидат со народот, да поминат низ македонските села и градови, да ги сослушаат и да им објаснат на луѓето што се работи и кога ќе биде сработено, какви се постигнатите резултати и што може да се очекува во иднина. За сите граѓани најзначајна е вербата во луѓето кои ја водат државата и тоа дека тие работат совесно и за доброто на сите. Оваа верба дава надеж за излез од темниот транзициски ходник, дава надеж за подобро утре на сите работници, земјоделци, студенти, бизнисмени, за сите граѓани.

Година и пол подоцна, довербата во новата гарнитура на политички лидери е евидентна. Како што е јасно дека не сме сите исти. Напротив, многу сме различни од оние кои ја водеа државата во минатото. Различни во односот кон работата, кон обврските, кон луѓето. Токму заради тие разлики и се врати довербата кај граѓаните. Враќањето на довербата и надежта е најважната промена која се случи во изминатите 16 месеци.  

Како и во сите активности за промена на зачмаеното и воспоставување на нови, вистински вредности, постојат противници. На неопходните реформи кои ги рушат старите правила на игра и воведуваат еден нов стил и нова психолошка матрица на делување и размислување, се спротивставуваат луѓе кои не сакаат промени, било да е тоа заради загрозување на нивните неприродно стекнати позиции, утврдени навики, или лични интереси. Всушност, "кршењето на рбетот" на тие опоненти на новото и подоброто, беше првиот предизвик, но и првата придобивка од реформите во 2007. Затоа беше многу битно реформите во првата година да се постават амбициозно и да се реализираат бескомпромисно, во еден здив. И секако, да бидат успешни. Само така владата имаше шанса да привлече кон себе се повеќе и повеќе прогресивни сили и да ја заработи довербата на јавноста. А тоа се двата клучни фактори за успех во борбата против ретроградните сили од разноразна провиниенција, чија единствена заедничка црта е мотото "што полошо (за сите нас, з.а.), тоа подобро (за неколкуте нив, з.а.)". Година дена подоцна, првата и најзначајна битка е добиена. Но, војната сеуште трае.

Свесни дека силната економија е услов за силна држава, вложивме многу напори за подобрување на бизнис климата и зголемување на инвестициите. Многу значајно е што оваа година конечно донесе раст на македонската економија од над 5%. Раст кој руши психолошки бариери кај многу луѓе. Посебно кај оние неверковци и вечни песимисти чиј домет во животот и кариерата е 3% и нешто. Тоа се истите оние кои пред точно една година во Собранието тврдеа дека рамниот данок со ниски стапки ќе го испразни буџетот, па прашуваа од што ќе се финансираат образованието, социјалата, платите. И кои упорно и ден денес "мрмлаат" дека Македонија не може, не ја бидува, не е дорасната. А ние тврдевме и тврдиме дека може. И еве, докажавме дека може. Може и да намалиш даноци, и да зголемиш буџетски приходи, и тоа за цели 20%. И да вложиш 27 милиони евра во земјоделието, па потоа уште 215 милиони евра во следните три години. И да зголемиш плати за  34%, од што 10% во првата година. И да зголемиш пензии за...% (ех, кога би можел да кажам за колку, некои опозиционери би го продолжиле новогодишниот одмор само да не се во државава кога тоа ќе се објави). И сеа шо праиме? Кој лажеше? А се знае - кој лаже,тој и краде, спие на таван и има вошки. Но тоа одамна се знае во Македонија.

И замисли сега, ММФ и Светска банка не само што не се против владините предлози и не нé "стројат" како што порано ги "строеја" најсилниве економски таленти од опозицијава (на што патем речено, едно "луто перо" од економската редакција на Дневник многу се чуди и постојано ми поставува едно наивно-симпатично прашање "е што им правите на овие од ММФ што се вака наклонети?"... на што јас и одговарам на шала "им баеме, затоа не сакаат"), туку и не фалат за креативноста, квалитетот на политиките и економскиот раст. Па уште и четврти во светот по реформи за бизнис не прогласија. Feels great, thanks.

Во борбата со криминалот и корупцијата, 2007 исто така донесе "добра берба". Паднаа многу "30-ки" (30 дена притвор) по кои следуваа остри затворски казни, вклучувајќи лица и дела кои пред тоа беа толерирани и дури заштитени од политичката елита. После десетици успешни акции, значително е зголемена довербата на граѓаните и јасно е дека времето на "недопирливите" е завршено. Ефикасното функционирање на МВР, УЈП и Царината, oвозможи зголемена наплата на средства што влегуваат во буџетот. Сетете се само на "Змиско око" и како после тоа вработените на патарините љубезно и со насмевка ви ја врачуваат сметката која сте ја платиле. На тоа се надоврза бескомпромисното затварање на десетици корумпирани полицајци и цариници, како и многубројни фирми и поединци кои се неплаќачи на данок. Или пак беспрекорно изведената акција на МВР "Планинска бура" против терористичко-криминалните банди на Шар Планина. Така се враќа довербата во институциите на системот. Така се враќа моралот на народот. Така се јакне државата.

Во годината која доаѓа, несомнено ќе има нови предизвици и искушенија заради кои уште повеќе ќе ни биде потребно единство, разум и смиреност. Во секој случај, новата 2008 година ќе биде историски една од најважните години за Македонија. Тоа е година во која ни претстои зачленување во НАТО. Тоа е година во која ни претстои добивање на датум за преговори со Европската Унија. Тоа е година во која македонската економија ќе ги оствари најдобрите резултати.

Затоа, да ги задржиме оптимизмот, вербата и довербата. Да си посакаме нашите желби да се остварат. Но пред се, да си посакаме здравје и љубов.