Леб и паричка, 11.01.2008

Еден од најголемите црковни учители, Свети Василиј Велики, покрај по неговата мудрост,  познат е и по неговото човекољубие и добродетел особено кон сиромашните. Свесен за немаштијата и за сите невољи што таа го носи, тој на најсиромашните им давал леб. Но, за да не го повреди нивното достоинство во лебот ставал и паричка. 

Денес, во Република Македонија има многу сиромашни луѓе кои едвај преживуваат. Како последица на сето она што се случуваше долги години наназад, денес има голем број на невработени луѓе кои живеат со изиграни чувства од транзиционите лаги, во сиромаштија и со повредено достоинство. Тоа се луѓе на кои помош им е повеќе од потребна. Но помош не само како милосрдие или еднократен подарок, иако и тоа секако е потребно, туку пред се помош која ќе им овозможи самите да си помогнат себеси.

Високата стапка на невработеност е најголемиот економски и социјален проблем во Република Македонија. Според последните податоци од Заводот за Статистика, во третиот квартал од 2007 стапката на невработеност е намалена на 34,2%, што е речиси два процентни поени помалку од 2006 година кога изнесуваше 36%. Трендот е секако позитивен, но несомнено за поосетно намалување на невработеноста е потребно многу повеќе. Решавањето на овој проблем е единствено можно преку континуиран висок економски раст од најмалку 5-6% годишно, пред се фокусиран на микро, малите и средни претпријатија кои во сите земји се главни генератори на новите работни места.

Како дополнителен инструмент за решавање на проблемот на невработеност кај одредени таргетирани категории на невработени, пред се долгорочно невработените лица со пониски квалификации и образование, може да се користат и тнр. активни политики на вработување. За жал, во изминатите години бевме сведоци на бројни промашени активни политики од типот ²еден вработен по семејство² или даночни и други финансиски повластици за фирмите кои ќе вработат невработени лица. Лошиот дизајн на тие мерки и отсуството на адекватна контрола, заедно со нискиот економски раст од околу 3% во просек, резултираа во попусто потрошени буџетски средства без никаков видлив ефект врз вработеноста.

Охрабрувачки е што конечно, по 17 години за прв пат оваа година економскиот раст во Република Македонија ќе надмине 5-5,5%. Врз основа на сите параметри, во следните три-четири годиини може да се очекува висок економскиот раст кој во просек ќе достигне околу 6%.  Тоа ќе овозможи позабележително смалување на невработеноста и подобар стандард за македонските граѓани. Истовремено, врз основа на позитивните искуства на други земји, преэемени се мерки за поттикнување на претприемништвото и започнување на сопствен бизнис. Така, во 2007 година започна проектот за самовработување на околу 550 лица кои добија грант средства за отварање на  мал сопствен биэнис.

Позитивните искуства од овој проект овозможија негова надградба со нов Проект за самовработување, за кој во првата фаза во 2008 година се обезбедени вкупно 6 милиони евра. Проектот предвидува доделување на кредитни средства под исклучително поволни услови на невработени лица кои се заинтересирани да започнат сопствен бизнис. Кредитите ќе се доделуваат на невработени лица кои имаат амбиција да ја реализираат својата претприемачка идеја. Истите се наменети за сите невработени, стечајци, лица прогласени за технолошки вишок, земјоделци, мали трговци, занаетчии (фризери, кројачи, чевлари, автомеханичари, козметичари, изработувачи на ракотворби), угостители и сл. На тој начин, ќе бидат поддржани бизнис идеи од сите дејности, особено во делот на агробизнисот, занаетчиството, личните услуги, трговијата, производството, угостителството, туризмот. Се очекува земјоделието и агробизнисот да побудат најголем интерес заради потенцијалот кој го нуди овој сектор.

За секое новоотворено работно место ќе се доделуваат средства во висина од 3.000 евра (во пари или опрема), со можност да се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 15.000 евра. Како дополнителен стимул, за вработување на лица невработени подолго од 5 години, како и на лица кои ја загубиле работата по основ на технолошки вишок, стечај и ликвидација, ќе бидат одобрени уште по 1.000 евра, эначи 4.000 евра по работно место. Средствата ќе се одобруваат со најниска можна каматна стапка од само 1% годишно, додека рокот на враќање на кредитот ќе биде 3 години со одложено плаќање од 1 година. Корисникот на кредитот ќе треба да учествува со 25% од вкупната вредност на добиените средства, а како гаранција ќе биде потребно да обезбеди залог или хипотека во еднократен износ од одобрениот кредит или гаранција со само еден жирант. За идните корисници на кредитот, ќе се врши бесплатна обука за основни познавања од водење бизнис: регистрација, сметководство, бизнис план, маркетинг, работни односи итн. Имплементацијата на проектот и контролата на наменската употреба на одобрените средства ќе ја врши Агенцијата за вработување, чии комисии на секои три месеци ќе ги посетуваат корисниците на кредитите и ќе го следат спроведувањето на бизнис планот.

За спроведување на Проектот за самовработување во 2008 година се обезбедени 6 милиони евра, со што се очекува да се отворат околу 2.000 нови работни места. Доколку проектот добро се реализира, се планира износот во текот на 2008 и следните години да се зголеми. Тоа ќе значи и повеќе новоотворени работни места.

Започнувањето на сопствен биэнис эа илјадници граѓани ќе значи донесување на одлука за промена на сопствениот живот. Одлука за земање на сопствената иднина во свои раце. Одлука эа эапочнување на приватен бизнис, но и за правилно вложување на дел од сопствените средства. На пример, ако некој невработен сака да отвори автомеханичарска работилница и да добие 3.000 евра, треба да обезбеди пари или опрема во вредност од 750 евра. Опремата, што можеби веќе ја поседува, како што се алати, компресор, апарат за заварување или сл.  е доволна за да се обезбеди потребното учество во сопствениот бизнис.

Не постои поголема помош од онаа која ти овозможува да се стекнеш со знаење и средства за сам да го промениш сопствениот живот. Сам да ја промениш сопствената иднина. Сам да го заработиш своето парче леб и во него да ја пронајдеш својата паричка.