8.100-та лага, 08.02.2008

Конечно и СДСМ доби идеја. И тоа каква идеја. Страшна идеја! Да ги подигнеме платите, со минимална плата од 8.100 денари. Образложението е „ептен издржано“: двојно ќе се подобрел стандардот на најмалку 60 илјади граѓани, а најголем ефект ќе почувствувале работниците во кожарската, текстилната, металската и индустријата за обувки, каде што просечното зголемување на минималните плати ќе изнесувало 75 отсто. Па, па, па... па уште викнаа една група т.н. експерти да објаснуваат колку е тоа добро. Е кој може де да спори дека е добро двојно да се зголеми стандардот? Двојно подобар стандард е навистина добро, но мислам дека да се запнеа уште малку можеа тие и подобро. На пример, минимална плата од 12.200, зошто да не? The more, the better, нели.

 

Која хипокризија. Кој неморал. Кој економски, па и политички дилетантизам. Што мислат луѓево, кого потценуваат, кому фрлаат прав во очи? Евтино, да поевтино не може да биде. Дека од никогаш не ги бидувало за работа, и врапчињата знаат. Но, порано барем ги бидуваше за мангуплак, за покреативни иако лажливи идеи кои малку потешко се читаа и се разбиваа. Навистина спаднаа на ниско дереџе, ако ова е најдобрата идеја што ја имаат. Дека нивниот предлог ќе преди?вика бркање од работа на можеби 81.000 работници и тоа пред се токму оние со најниски плати и квалификации - господава се разбира, не кажаа. Можеби и не го знаеја тоа кога побрзаа да ја соопштат големата идеја, што и не зачудува имајќи ја предвид интелектулната сиромаштија на оваа политичка гарнитура.

 

Ако се работи за незнаење, тоа сепак е подобрата варијанта. Потрагично е ако се работи за намера - со неуспешен евтин трик уште еднаш, кој знае по кој пат, да се залажуваат работниците, играјќи на сензитивната тема на платите и на животниот стандард. Истите работници од текстилната, металската, кожарската и друга индустрија кои во претходните години беа подготвени со Владата на СДСМ да потпишат и многу пониска минимална плата, но до тоа не дојде. Истите оние работници што токму заради неспособноста и коруптивноста на македонската левица во годините на транзиција останаа или без работа или работат во фирми чии газди во голем број се политички миленичиња на таа иста политичка опција.

 

Се' на се', плиткоста и неодржливоста на оваа квазиидеја го отсликува неверојатно длабокиот недостиг од креативност, морал и здрави критериуми во функционирањето на македонската политичка опозиција. Како и тоа дека не извлекле никаква поука од погрешниот однос кон граѓаните во сите изминати мандати. Искрено, жалам што е така, бидејќи тоа е поразително не само за нив туку и за квалитетот на политичкиот натпревар во Република Македонија. Ниедна средина не е имуна кога се во прашање лажните критериуми и вредности. Но, алармантно е кога цело едно општество ќе стане заложник на лажните вредности, како што се случи во Република Македонија. Ситуациите во кои се нема здрав критериум за вреднување, водат до постапки во кои вистинските вредности се отфрлаат. Кога ваквиот недостиг, наместо исклучок, ќе стане правило, тогаш низата погрешни постапки во едно општество се мултиплицира, лажните вредности стануваат вистински, а вистинските вредности се отфрлаат. Постојат еден милион примери на лажни вредности во нашата средина. Така на пример, транзицијата наметна претстава дека успешен бизнисмен е оној што по секоја цена ќе стекне пари за кратко време (за волја на вистината многу од нив во последнава година-две завршија во затвор), дека успешен политичар е оној што ќе успее да го стекне успехот со подметнување и со уништување туѓи судбини, дека мерка за успехот се само парите. По истата логика, неуспешен човек е оној што со труд, со знаење и со мака ги добива работите. Партиски луѓе со повеќе од скромен интелектуален, човечки и морален капацитет беа промовирани како „вистински луѓе за одговорните времиња“. Гледајќи ја интелектуалната инфериорност на оние што неприродно беа на високи и одговорни позиции, кај народот се јави чувство дека секој може да се занимава со се'. Локалните мангупи од маалото станаа богати и влијателни луѓе, а чесните се соочуваа со прашања за кои немаа одговор доколку се следи здравата логика.

 

Во приватизацијата многубројни фабрики беа купени од лица со сомнителен капитал кои немаа знаење ниту квалификации да ја водат компанијата. Затоа, многу фабрики беа опустошени, многу работни места беа затворени, а опремата која беше употреблива, или се продаваше за старо железо или дислоцирана скапуваше по ливадите. Денес, токму потомците на оние што се директно одговорни за пропаста на работниците од тие фабрики, искажуваат голема грижа за нив и за нивниот стандард. Што е тоа, ако не недостаток на морални вредности и критериуми.

 

Неодговорните и неморални постапки доведоа до тоа мнозинството да биде крајно обесправено и со неизвесност за својата иднина, а мала група на транзициски профитери да ужива во богатството градено врз туѓа несреќа. Затоа, кај граѓаните почна да се јавува апатија, зачмаеност, несигурност и чувството „дека не не' бива“, дека немаме капацитет за сопствена држава. Дека не се знае што ќе биде со нас и дека нема човечки потенцијал кој ќе не извлече од таа ситуација. Очајната економска ситуација создаде и материјална несигурност и чувство на општ неуспех. Тоа веројатно и беше целта на оние што ја водеа државата без вистински критериуми и чувство за одговорност, зашто само во такви околности можеа тие да опстанат на власт.

 

Каде е излезот од оваа ситуација? Можеби добра насока ќе даде приказната за скромниот и вреден домаќин и за неговите горди, но неспособни синови. Во куќата во која тие живееле се случило да има веселба. На веселбата дошле повеќе гости од планираните, така што во еден момент снемало вино. Било срамота во една домаќинска куќа, па уште и на веселба да се случи тоа. Домаќинот барајќи вино го пратил првиот син во подрумот. Синот дошол со одговор дека бурето е празно. Потоа сите синови по ред биле пратени во подрумот и од сите одговорот бил ист: „го пуштаме чепот, ама не тече вино, значи бурето е празно“. На крајот, домаќинот го викнал својот најмлад син. Тој се симнал во подрумот. Синот го подигнал едниот крај од бурето наспроти чепот. Тогаш бликнало вино кое било и повеќе од доволно.

 

Оваа земја има вино. Има и синови со здрави идеи.