Мали бизниси, 07.03.2008

Развојот на малите и на средните претпријатија не може да биде препуштен единствено на индивидуалните иницијативи. Потребно е да се создадат системски услови за поттикнување на приватниот сектор и на претприемништвото.
Владо има сопствен бизнис. Тој води мала компанија со 30-ина вработени. Долго време го мачеше идејата како да го надгради својот бизнис и да го прошири производството. Финансиската конструкција не е проблем затоа што неговата бизнис-идеја е добра и лесно би можел да го врати кредитот. Контактите за бизнис, исто така не се проблем, бидејќи во земјата постои центар со широко развиена мрежа на контакти. На истиот начин на кој ќе ги добие контактите, тој доби и сознание за новата технологија што ќе ја воведе во производството. Исто така, тој најде и институција во која ќе ги обучи своите вработени за потребите на новата технологија. Условите за водење бизнис во земјата се одлични. Во државата во која живее Владо, постои посебна програма за мали и за средни претпријатија и тој ги користи сите предности на оваа програма. Владо е наш иселеник во една западноевропска држава. Бизнисот го почна од нула, во Македонија. Но, соочен со немањето развојни перспективи, пред неколку години тој реши во Македонија да продаде се', да се отсели и бизнисот да го префрли во новата средина. Зошто да е така? По многуте загубени години, свесни дека најголемиот број вработувања се во малите и во средните претпријатија, и во Република Македонија се спроведуваат програми со кои ќе се подобрат условите эза овие претпријатија. Имено, развојот на малите и на средните претпријатија не може да биде препуштен единствено на индивидуалните иницијативи. Потребно е да се создадат системски услови за поттикнување на приватниот сектор и на претприемништвото. Искуствата на земјите во транзиција покажуваат дека политиката на високи даноци, недостапноста на поволни финансиски средства, комплицираната регулатива, како и ограниченоста во пристапот до меѓународните фондови, се основните фактори што го кочат претприемништвото и развојот на малите и на средните бизниси. Најповолна средина за развој на овие претпријатија е економија без бариери, во која функционира систем на соработка и вмрежување помеѓу бизнис-заедницата, владините и образовните институции.
Малите и средните претпријатија се еден од основните двигатели за постигнување забрзан економски раст, зголемување на вработеноста и подобрување на конкурентноста на една земја. Тие се распространети во сите сектори на стопанисување: од традиционалните семејни бизниси па се' до производството на информациска технологија и модерните услуги. Кај сите брзорастечки економии учеството на малите и средни претпријатија во БДП и во вработеноста е значајно. Потврда за нивното огромно значење е и фактот што во ЕУ функционираат 23 милиони мали и средни претпријатија, што претставува 99 отсто од вкупниот број регистрирани претпријатија. Република Македонија не е исклучок од ваквиот тренд. Малите и средни бизниси придонесуваат со над 60 отсто во БДП и над 75 отсто во вкупниот број вработени.
Ниските и едноставни рамни даноци, заедно со регулаторната гилотина, се дел од мерките за подобрување на бизнис-климата во Македонија, од кои особена придобивка ќе имаат токму малите и средни претпријатија. Воедно, эа нив ќе бидат многу корисни реформите што се спроведуваат во катастарот, судството, заштитата на интелектуалните права, пазарот на работна сила, како и борбата против корупцијата. Едношалтерскиот систем ги задоволува критериумите за доставување едно барање, на еден шалтер и со една посета. Со укинување на основната главнина за основање на претпријатие и со скратување на рокот за регистрација на само 4 часа, максимално се намалија трошоците за почнување бизнис. Во УЈП во тек е подготовката эза формирање посебна канцеларија эза услуги эза малите и средни претпријатија. Проектите „Топ менаџмент“ и Академија на менаџери се твининг-програми што ќе се спроведуваат во соработка со приватниот сектор. Целта е македонските менаџери да се обучуваат во успешни светски компании од развиените земји, во кои ќе имаат можност да работат со врвни менаџери во соодветни компании од иста или слична област и стекнатото знаење да го пренесат во домашните компании. Македонските фирми, преку проектот „Црвено сонце“ треба да се стимулираат да ги добијат ИСО меѓународно признатите стандарди за квалитетно управување. Во соработка меѓу Владата и стопанските комори, договорено е формирање центар за менаџерско образование и мини-асоцијации на мали претпријатија. Центарот за менаџерско образование во себе би обединил кадри од најуспешните домашни претпријатија што ќе организираат обука за подигање на нивото на корпоративно управување, современ менаџмент, управување со финансиски текови, стекнување знаења за водење преговори, стекнување вештини за управување со ризици, подобрување на техниките за маркетинг и продажба, итн. Овој менаџмент-центар треба да прерасне и да се етаблира во современа бизнис-школа. Целта на мини-асоцијациите на истородни мали претпријатија е нивно регионално поврзување, навремена информираност и помош во заедничкиот настап на странски пазари, заеднички транспорт на стоки, организирано саемско претставување и слично. Деновиве особено радува фактот што Република Македонија преку Европскиот информативен и иновативен центар, влезе во Европската мрежа на претпријатија (Europe Enterprise Network). Оваа мрежа е присутна во 40 земји (27 од евро зоната и други меѓу кои Израел, Норвешка, Швајцарија). Од земјите-кандидати за ЕУ, само Македонија и Турција се полноправни членки. Во оваа мрежа членуваат преку 600 партнерски организации кои во себе обединуваат околу 25 милиони претпријатија, универзитети и научно истражувачки центри. Целта е во рамките на мрежата да се обезбедат меѓусебни контакти за вршење бизнис, за размена на технологии, за заеднички научно-истражувачки проекти, за запознавање со условите за водење бизнис, како и стандардите во земјите-членки. Таа во себе обединува три сегменти: бизнис-секторот, научноистражувачкиот сектор и регулаторниот сектор. Преку оваа мрежа македонските компании ќе може да остварат контакти за развивање бизнис, размена на технологии, како и да учествуваат во заеднички проекти со европски и со други странски компании. Изградбата на деловно опкружување што ќе го поттикне развојот на малите и на средните претпријатија и иновативноста, е основа эза подинамичен развој на економијата. Тоа значи повисок економски раст. Тоа значи нови работни места. Но тоа, не е лесно да се оствари. Сепак, значајно е што чекор по чекор, постепено амбиентот эза работа на малите и на средните фирми во земјава се подобрува. Еден ден, не толку далеку од денес, и Владо ќе ја реализира својата бизнис-идеја во Македонија.

Зоран Ставрески