Подобро образование, 04.04.2008

Инвестициите во образованието се аполитични и тие не можат да дадат резултат на краток и среден рок, во вообичаениот политички циклус од четири години. Долгорочно, тоа се најдобрите можни инвестиции

Секој човек тежнее кон подобар живот. Најдобриот начин да се излезе од сиромаштијата и да се земе судбината во свои раце е преку знаењето и моќта што ги дава образованието. Затоа, на долгорочен план гледано, образованието е најдобрата инвестиција. Инвестиција во нашите деца, во нашата иднина и во иднината на Република Македонија. За таа цел, во буџетот за 2008 година значајно се зголемени средствата за образованието од 3,5 отсто на 5,9 отсто од БДП, што е на ниво на земјите од ОЕЦД. Во основното образование, веќе од учебната 2007/2008 година се воведе деветолетка. Свесни дека учениците мора да бидат отворени кон светот и случувањата во него, се воведоа и два задолжителни странски јазици. Англискиот се учи од прво одделение, а втор странски јазик од шесто одделение.

За приспособување кон современите светски текови особено е важна информатичката култура. Затоа, во системот на основното образование се воведе задолжителен предмет информатика во две учебни години, а преку проектот „Компјутер за секое дете“ ќе се постигне целосна компјутеризација на училиштата. Образованието е процес во кој покрај стручното усовршување се одвива и педагошка активност за морална и духовна изградба на ученикот. Затоа, како изборен предмет се воведе веронаука и историја на религии, а од шесто одделение и предметот етика. Во средното образование најкрупната промена е воведувањето задолжително средно образование, со што ќе се подигне општото ниво на образованост на населението во Македонија. За развивање на бизнис-вештини воведен е предмет претприемништво, а проектот за компјутеризација ќе ги опфати и сите средни училишта.Кои се најважните реформски проекти во високото образование? Прв пат почна да се води политика на насочување на младите кон студии што ги бара пазарот на работна сила, со цел тие по дипломирањето полесно да можат да најдат работа. За таа цел се зголемија квотите за запишување на насоките на кои се изучува информатичката технологија и бројот на стипендии што се даваат за оваа област. Со формирањето на новиот државен универзитет во Штип и со лоцирање на факултети во другите помали градови се овозможи поголем пристап на сите граѓани кон високото образование. Стекнувањето диплома станува подостапно за илјадници млади од источниот дел на Македонија, чии родители сега ќе имаат помали трошоци за студирањето на своите деца. Воедно, ќе се отворат нови перспективи за тие млади луѓе, да останат и да работат во своите места на живеење, а не да мора да бараат работа во Скопје. Приближувањето до европскиот модел на високо образование неминовно бара и промена на законската регулатива, со цел организациската поставеност на универзитетите да го следи моделот присутен во европските универзитети. По повеќегодишни напори, неодамна се донесе новиот Закон за високото образование. Во овој закон е предвидена поголема самостојност на универзитетите преку системот на интегриран универзитет, а досегашните анахрони модели се напуштаат. Финансирањето и другите аспекти на организација на факултетите според новиот закон ќе се вршат интегрирано на ниво на универзитет, со што во голема мерка се зајакнати позициите на ректорот и на ректорската управа. Таков модел на организација на високообразовните институции има во европските држави. Пред донесувањето на Законот во одделни академски средини имаше бурна расправа како реакција на „губењето“ одредени сегменти од правниот субјективитет на факултетите за сметка на универзитетот. Зошто тоа се случуваше?

Кај поатрактивните факултети на кои има нагласен интерес за студирање, голем број студенти се определуваат за студирање со самофинансирање. Со тоа, во касите на тие факултети се собираат значителни средства. Имајќи предвид дека во изведувањето на наставата учествуваат сите вработени на факултетот, може да се каже дека со средствата собрани преку школарина значително се подобруваше буџетот на наставниците. Наместо тие средства да се трошат за подобрување на условите за студирање преку набавка на стручна литература, софтвер, воведување современи наставни методи и слично, тие се влеваа во платите на вработените. На други факултети, пак, автономијата на универзитетот беше злоупотребена на поинаков начин. Преку блискоста со поранешната власт, на определени комерцијални дејности што ги изведуваа некои факултети им беше дадена монополска позиција и на тој начин тие собираа значителни средства. Карактеристично е што овие пари беа на располагање на мал број вработени кои наплаќаа за овие апликативни услуги. На тој начин се создаде диспаритет во месечните примања на вработените на овие факултети. На некои факултети дури се случуваше и лаборанти и асистенти да земаат повисоки месечни примања од авторитетни и докажани редовни професори. Таквата практика доведе до запоставување на основната дејност, наставно-научната.Во некои активности на факултетите кои се поврзани со задолжителни испитувања и прегледи на производи, се собираа неколкукратно повисоки средства од тие што државата ги издвојуваше за финансирање на овие факултети. Овие невообичаено високи парични средства, сведени на поединечен извршител во конкретната дејност, далеку ги надминуваа вообичаените критериуми за стекнување плата или хонорар кои важат во Македонија. Со овие средства располагаа тесен круг луѓе, кои воспоставија нетранспарентни правила на игра. Можеби токму заради овие причини се крена толку прав при донесувањето на новиот закон, бидејќи со него се воспоставуваат нови односи со кои ќе се намалат ваквите девијантни појави.Втора значајна новина со Законот е воведувањето кредит-трансфер системот, согласно со Болоњската декларација. Со неговата имплементација се зголемува степенот на мобилност на македонските студенти кои со трансфер на кредитите стекнати на македонските универзитети, ќе можат лесно да се интегрираат и да студираат на европските универзитети. Третата покрупна новина во Законот е воведувањето систем на евалуација на високообразовните институции преку Агенцијата за евалуација, што ќе ги подигне стандардите на изведување на наставно-образовниот процес.Подобрувањето на степенот на образование и квалитетот на образовниот процес несомнено бара сериозни инвестиции. Инвестициите во образованието се аполитични. Инвестиции што не можат да дадат резултат на краток и среден рок, во вообичаениот политички циклус од четири години. Но, долгорочно, тоа се најдобрите можни инвестиции затоа што ќе го изменат животот на многу млади луѓе отворајќи им перспективи за подобра иднина.

Зоран Ставрески