Дрво на грчкиот парадокс (или „За Македонцките работи“), 11.04.2008

Дрвото на парадоксот беше сосема обично дрво кое растело во нормални услови. Уметникот за да ја изрази парадоксалноста, го откорнал дрвото од корен, го превртел наопаку и го насадил со коренот во воздух, а стеблакот во земја. Единствената вредност на тоа безживотно дрво беше полемиката за парадоксалноста која тоа ја иницираше.

Доживувајќи ги како и сите македонски граѓани најновите настани околу приемот на Македонија во НАТО, имам едно чувство кое неодминливо ме потсетува на чувството што го имав пред повеќе години кога видов еден уметнички израз наречен ,,Дрво на парадоксот“. Дрвото на парадоксот беше сосема обично дрво што растело во нормални услови. Но уметникот, за да ја изрази парадоксалноста, го откорнал дрвото од корен, го превртел наопаку и го насадил така што коренот беше во воздух а стеблакот со лисјата беше закопан во земја. Така, единствената вредност на тоа испревртено и безживотно дрво беше полемиката за парадоксалноста која тоа ја иницираше кај набљудувачите. Во таа парадоксалност немаше ниту естетика ниту живот. Можеби најголем парадокс во целата ситуација беше: зошто некој засадил толку грдо дрво во така убав парк. Парадоксот по дефиниција е ситуација што е апсурдна и контрадикторна самата на себе. Ќе се сложите, на самитот во Букурешт се случи најголемиот парадокс на политиката за широко отворени врати на една организација која за парадигма го има негувањето на слободата и на демократијата. Таа организација се заснова на обединување кое во сржта го има системот на вредности карактеристични за демократски и отворени општества што ги почитуваат слободите и правата на сите граѓани. Политиката на НАТО не е политика на парадокси. Ниту пак трпи парадокси. Дефинитивно.Нашиот јужен сосед, прифаќајќи го парадоксот како „уметничко“ изразување во најгрдата балканска конотација од 19 век, наметна чувство на непријатност кај слободната демократска јавност во целиот свет. И покажа дека во некои средини политичката „флексибилност“ не ја тангираат ниту 100-годишните случувања, ниту реалноста која е на прагот на нивните граници. Во Букурешт тие се воодушевуваа на уметноста на сопствениот парадокс. Недвосмислено, начинот на дејствување, политичкиот резон, националниот романтизам и нивната реторика беа својствени за времето од 1903-та кога излезе од печат книгата „За Македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков. Овие денови очигледно е дека Мисирков во истата балканска констелација е актуелен и денес, а пред нас како Македонци повторно, на истиот простор но во друго време, се поставува неговото прашање: Шчо напраифме и шчо требит да праиме?Што направивме? Изградивме демократска држава. Во периодот на 90-тите години, кога беснееја војните на просторите на бивша Југославија, единствено ние, Република Македонија, успеавме без војна да излеземе од тој виор. Истакнатиот и угледен правник со светско реноме, Робер Бадентер, тогаш искажа дека од сите бившојугословенски републики само Македонија и Словенија се на демократско ниво и со такво уставно уредување да бидат признати и прифатени од страна на целата европска демократска јавност. Но, сепак, не бевме признати и прифатени поради добропознатите причини.

До 1991 година македонските теми во Грција беа табу и спорниот дел од нивната држава го нарекуваа Северна Грција. Македонците и Македонија беа нешто што се случува на север од нив и беа непожелни теми за разговор. Во 1946 година, во времето кога Казанѕакис го објави неговиот најголем роман „Алексис Зорбас“, тие немаа приговори на името и на тоа дека на север се граничат со во тоа време Народна Република Македонија. Името Македонија тогаш не беше спорно, зашто ако беше, тие тогаш ќе иницираа спор. Во 90-тите години, кога ја стекнавме нашата самостојност, кај нив се разбуди невидена „љубов“ кон името Македонија и кон македонството и одеднаш се почувствуваа како „вистински“ Македонци. Тогаш, почнаа да го оспоруваат нашиот идентитет и од позиција на сила настојуваа да го блокираат членството на Република Македонија секаде каде што можеа со образложение дека нивен најголем интерес е нашиот прогрес, а дека им пречи само нашето име. Тоа беа и мотивите за економското ембарго и затворањето на границата од нивната страна. Ембаргото имаше за цел да го осиромаши нашиот народ, но што е уште пострашно, со него тие сакаа да се инкриминира нашето општеството и да се создаде слаба држава. Во тие услови на ембарго, на транзиција, на војна на поширокиот балкански простор, ние сепак не бевме скршени. Во сите турбулентни години бевме соочени со невидени притисоци, неправди и напади кон нашиот идентитет и постоење. Од осамостојувањето до денес, сизифовски поминавме низ ембарга, косовската криза, преку конфликтот во 2001, со сите блокади и негирања на нашиот идентитет, и сепак изградивме држава. Насекаде се „вртеа“ тези дека Македонија нема да опстане. Но ние опстанавме. Истрајни и жилави какви што сме.И денес сме посилни отколку во 1991 година, кога со многу ентузијазам ја започнавме нашата самостојност. Во континуитет продолживме со реформите, демократизакцијата на земјата, заедничкиот живот. Нашата држава Република Македонија во 2008 година ги задоволи сите демократски стандарди и критериуми. Тоа требаше да биде пресудно за добивање на покана за членство во НАТО. Но, на самитот во Букурешт, заради добро познатите причини, Грците ни ставија бесмислено вето за прием. Вето кое не се однесува само на тоа кое име ќе се користи, туку многу повеќе на тоа како и каде тоа име ќе се користи. Со тоа во својот двор тие си го посадија дрвото на парадоксот. Парадокс што го гледа целиот свет.Што треба да направиме понатаму? Ги исполнивме сите критериуми и со право очекувавме дека како земја-членка на НАТО-сојузот ќе добиеме гаранции за нашата безбедност. Со право очекувавме годинава датум за почнување преговори со ЕУ. Сепак, најдобар показател за исправноста на патот по кој се движиме, добивме од сите членки на НАТО, кои кажаа дека Република Македонија е подготвена за членство. Затоа, на овој пат мора да се опстои. Евроатлантските интеграции и стремежот да бидеме дел од заедницата на сите слободни, прогресивни и демократски народи, немаат алтернатива. Реформите што во Македонија ќе се спроведуваат во иднина, мора да бидат со уште поголема динамика. За нас самите. за економско закрепнување, за подобар живот на сите граѓани. Покрај негативниот исход од самитот на НАТО, сепак во тоа зло има и добро. Добро е што ги видовме вистинските пријатели кои, како што нашиот народ рекол, на мака се познаваат. Видовме дека тие пријатели се многубројни: САД, Словенија, Турција и многу други. Добро е што оваа случка поттикна единство во сите сегменти во Република Македонија. Добро е што сите заедно се сплотивме околу зачувувањето на нашиот идентитет. Парадоксалната одлука за вето нас нема да не' уништи. Не само тоа. Ќе не' направи да бидеме посилни. И да можеме да ја кажеме во светот нашата вистина. Тоа треба да го направиме.И на крај. И по настанот во Букурешт, ние сме соседи со Грците. Така ќе биде за навек. Длабоко верувам дека можеме да им помогнеме да ја надминат сопствената параноја и да си ги откорнат сопствените парадокси. Се разбира, не на наша штета.

Зоран Ставрески