Преродбата продолжува, 02.05.2008

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту предлози што ќе ги нарушат македонскиот национален идентитет, нација и јазик.Нема да дозволиме какво било решение и компромис да бидат наметнати од политичари, влада или од парламентот без претходно да бидат консултирани граѓаните преку референдум.

Во гулазите од времето на Сталин, кога затворениците сакале да убијат доушник, а никој да не биде одговорен за убиството, околу вратот на предавникот ќе замотале долго јаже, а потоа неколку десетици затвореници го влечеле едниот крај од јажето, а уште неколку десетици другиот крај. Така предавникот бил убиван, а ниеден затвореник не можел да биде обвинет за убиството. Колку повеќе луѓе на овој начин се вклучени во влечењето на јажето, толку поголеми се нивните шанси да ја избегнат личната одговорност. Тоа е главниот принцип на сите колективни злодела. Во приказната има жртва и дело, но нема конкретен виновник. Виновни се сите што го влечеле јажето.Исто како и во нашата транзиција, од осамостојувањето до денес. За приватизацијата, за сиот криминал, за сите затворени фабрики, за сите скршени надежи и уништени најубави години од животите на цели генерации не се најде поединечен виновник. Една група луѓе постојано го влечеа јажето околу вратот на македонската држава. Пробуваат да го влечат и денес. Но, и покрај насилството што го доживуваше врз себе, Македонија опстана. Во демократските средини споменатата колективна одговорност носи и колективна казна. Казната доаѓа на изборите, кога народот решава. Народот добро ги знае тие луѓе и памети кој што правеше во изминатите 17 години. Опцијата што не носи прогрес, туку штета, а некогаш дури и зло, на изборите не ја добива поддршката од граѓаните. Тоа е демократскиот одговор на колективната одговорност од Сталиновите или некои други гулази. За време на изборите несомнено ќе се изнаслушаме секакви лаги, за да се замати колективната свест и да се заборави лошото што е направено. Некои ќе продаваат месинг наместо злато, легура што на некои евтини пазари во Ориентот била позната како „злато за будали“. Но, тој месинг нема да помине и одамна не минува на овие простори. Затоа на овие избори покрај понудената изборна програма кај народот, ќе влијае и моралниот кредибилитет на политичките опции. А и за едното и за другото сме многу различни.

ВМРО-ДПМНЕ на претходните избори настапи со платформа, која потоа стана владина програма. Тоа се немаше случено дотогаш. Опозицијата критикуваше, напаѓаше и навредуваше, но не можеше и не ја намали вредноста на „Преродбата во 100 чекори“. Таа ќе остане запаметена како прва сериозна, квалитетна и практична програма, со конкретни рокови и име и презиме на одговорната институција за нивна реализација. Ќе остане запаметена како програма што воспостави нови стандарди во македонската политичка сцена. Го подигна прагот на квалитет на настапот на политичките партии пред граѓаните, а и на нивната одговорност за (не)реализацијата на напишаното. По таа програма никој веќе не ќе може да излегува на избори како претходно со голи фрази и празна демагогија. Прагот на квалитет е подигнат еднаш засекогаш.На следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи со програма што ќе биде континуитет на претходната, но и надградена со отчет за оствареното во изминатите 20 месеци и со нови проекти за следните четири години. Ќе дадеме отчет за с што досега сработивме, а секој може да процени дали е тоа малку или многу и дали е она што сме го ветиле во „Преродбата во 100 чекори“. Секој граѓанин ќе знае уште за време на изборите кои проекти ќе бидат реализирани во иднина за да се остварат приоритетите и целите.Петте стратегиски приоритети во периодот 2008-2012 се: зголемување на економскиот пораст и на конкурентноста, повисока стапка на вработеност, пораст на животниот стандард и на квалитетот на живеење; интеграција на Република Македонија во НАТО и во ЕУ; продолжување на борбата против криминалот и корупцијата и ефикасно спроведување на правото; одржување добри меѓуетнички основи и соживот врз принципите на меѓусебна толеранција и почит и подеднакво спроведување на законот, како и довршување на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образованието како најсигурен пат за создавање силни индивидуи и држава. Главниот фокус на надградената „Преродба во 100 чекори“ е на економијата, земјоделството, образованието, борбата против корупцијата и криминалот и на интеграцијата во НАТО и во ЕУ. Во економскиот дел, за издвојување се два клучни проекти: намалување на стапките на социјалните придонеси за една третина со што ќе се создадат услови за нови работни места врз основа на намалени трошоци на фирмите и 50 нови мерки за подобрување на бизнис-климата и за зголемување на домашните и на странските инвестиции до кумулативен износ од над две милијарди евра за периодот 2008-2012. Во земјоделството клучна мерка е продолжувањето на поддршката со уште поголем износ на субвенции од 460 милиони евра, кој ќе доведе до земјоделска револуција во Македонија. Илјадници граѓани ќе најдат вработување и можност за добра егзистенција во земјоделството, кое постепено ќе прерасне во сектор што остварува трговски суфицит и носи девизи во земјава. Посебно внимание и средства ќе бидат вложени во образованието бидејќи тоа е најдобрата долгорочна инвестиција за секој човек. Компјутеризацијата, подобрувањето на инфраструктурата и модернизацијата на наставните програми се трите компоненти на реформската програма во образованието. Надворешната политика ќе биде посветена на исполнување на следните пет приоритети: членство во НАТО, почнување преговори со ЕУ и зачленување во Унијата, либерализација (укинување) на визите за македонските граѓани, надминување на спорот што го создаде Грција во врска со името на нашата земја и засилување на економската и на јавната дипломатија. Разговорите со Грција за наоѓање решение за наметнатиот спор треба да продолжат за да се реализира целта за влез во НАТО и во ЕУ, но со јасно изградени позиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту идеи и предлози кои ќе ги нарушат македонскиот национален идентитет, нација и јазик. Нема да дозволиме какво било решение и компромис да бидат наметнати од одделни политичари, влада или од Парламентот без претходно да бидат консултирани граѓаните преку референдум. Остануваме целосно посветени на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ, поточно на добивање датум за преговори со Унијата во текот на годинава преку успешно исполнување на осумте репери (benchmarks). Како резултат на исполнувањето на сите услови (биометриски пасоши со ЕУ-стандарди, договор за реадмисија, отворање визен центар, видлива борба против корупцијата и криминалот и исполнување на интегрираното гранично поврзување), Република Македонија ги почна последните преговори за целосна либерализација на визниот режим кои треба да завршат во текот на годинава, по што очекуваме одлука на ЕУ за укинување на шенген-визите.Периодот на избори што доаѓа е период на отчет, период на сеќавање, период на казна за лошото и награда за доброто. Преродбата продолжува.

Зоран Ставрески