Поддршка на земјоделството, 09.05.2008

Прв пат земјоделецот во Македонија има јасна слика пред себе колку државата ќе вложи во развојот на земјоделството.

Сите со носталгична топлина се сеќаваме на сликата на традиционалното македонско семејство собрано околу трпезата или огништето навечер по успешно завршениот работен ден како се радува на добрата работа на богатиот род, на добро поминатиот пазарен ден. Тоа е слика карактеристична за едно семејство што живее од својот труд, обработувајќи ја својата земја. За жал, таа слика кај нас избледе во последните 15 години.

Запустувањето и систематското уништување на земјоделството, значеше запустување и систематско уништување на животот во малите места. Земјоделецот во Македонија долги години беше напуштен и заборавен, оставен заглибен во сопствените проблеми. Долготрајниот неодговорен однос на државата кон руралните средини придонесе животот во нив полека да изумира. Многу луѓе ги напуштија вековните огништа, а среќата си ја побараа на друго место, често во туѓина. Свесна за значењето на земјоделството, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година постави стратешка цел: преродба на земјоделството како една од носечките гранки на економскиот развој и на вработеноста. Целта беше да се изгради ефикасен и конкурентен земјоделски сектор во кој земјоделците ќе имаат подобри приходи и повисок животен стандард.Во првите две години од нашиот мандат, за земјоделството издвоивме вкупно 90 милиони евра субвенции, наспроти 4-5 милиони евра годишно во мандатот на СДСМ од 2002 до 2006. Уште во октомври 2006 ги зголемивме субвенциите од планираните 6 милиони на 18 милиони евра. Веќе во 2007 субвенциите достигнаа 27 милиони евра и рекордни 45 милиони евра во 2008 година. Зголемувањето на субвенциите десет пати во однос на порано, даде конкретни резултати: зголемување на приходите на земјоделците и на социјалната стабилност на селското население. Стимулацијата за пченица, пченка, јачмен, ориз, сончоглед, маслодајна репа и соја за оваа година изнесува 100 евра по хектар. Тоа ќе овозможи земјоделците да покријат значителен дел од трошоците за производство, ѓубрива и слично, со што ќе се добијат повисоки просечни приноси. Производството на овие култури постепено ќе ја задоволи домашната побарувачка и ќе ја елиминира потребата за увоз. Субвенциите за тутун годинава изнесуваат 30 денари за килограм. Тоа е историски највисок износ, двојно повисок во однос на 2006 и 2007 кога беа исплатени 15 денари за килограм. Тутунарите од Прилеп, Радовиш, Конче и другите краишта од Македонија, веќе оваа недела ги добиваат ветените 30 денари за килограм.Тиквешкиот регион добро ја почувствува поддршката од 2 денара за килограм предадено грозје во винарска визба. Истовремено, се дава поддршка за нови лозови насади во износ од 2.000 евра за хектар. Ефектот од овие мерки е двоен: зголемување на засадените површини и мотивирање да се намали извозот на винско грозје, а да се зголеми извозот на флаширано вино. Но, за да се спречи уценувањето од страна на винариите, ќе остане отворена и можноста за извоз на грозјето. Така производителите ќе имаат можност да изберат од двете опции што е за нив најповолно.

Годинава се постигнаа историски највисоки цени за јаболката, праските и другото овошје. Се врати животот и оптимизмот во Росоман и во Ресен. Еден земјоделец ми кажа деновиве дека младите од Росоман купиле преку 50 веспи во последниве неколку месеци поради добриот приход оваа година. За 2008 предвидена е субвенција за подигање нови овошни насади во износ од 75.000 денари за хектар.Пред само две години, млекопроизводителите имаа големи проблеми со пласманот на млекото. Во сеќавањата се' уште ни стојат сликите од истуреното млеко по улиците во знак на револт од лошата политика на државата. Денес, таквите млечни кризи се минато. Денес постои обратна криза - недостиг од млеко. Влезот на шведската млекарница, „Лакталис“ во битолска млекарница и „Дукат“, заедно со субвенциите од 2 денара по литар, го препородија млекопроизводството. Субвенцијата ја користат сите производители, што значи и оние што имаат помалку од 5 крави.

Финансиската поддршка за свињарството изнесува 500 денари по грло заклано во кланица. Субвенцијата за овчарството изнесува 1.000 денари за задржано женско јагне, односно 500 денари по глава кај козите. Тоа ќе помогне да се зголеми сточниот фонд и да се искористат подобро пасиштата во Македонија. Се субвенционира и 8 денари за кокошка, односно 10 денари за предаден бројлер во кланичните капацитети.Влезот на хрватски „Агрокор“ и конкуренцијата на домашните откупувачи, овозможија годинава зелката, краставиците, доматите и другите градинарски култури да достигнат највисоки откупни цени. Земјоделците и откупувачите од Струмица, Валандово, Босилово, Василево и во други места деновиве искажаа големо задоволство и оптимизам за иднината на градинарското производство, како на отворено така и под пластеници. Субвенциите во 2008 од 8.500 денари за хектар за индустриска пиперка, домати, феферони, корнишони и гамби предадени во преработувачката индустрија, во следните години ќе бидат двојно повисоки. Финансиската поддршка за оранжериското производство, која за 2008 изнесува 50.000 денари за хектар, исто така следната година ќе е многу повисока. Органското производство е поддржано со 20 милиони денари во 2008 година, што е двапати повеќе во однос на минатата година.Субвенциите имаат најголем ефект кога навремено се исплаќаат. Освен исплатата на тутунот која завршува овие денови, во првата половина на мај ќе почне исплатата за житни и маслодајни култури како и новоподигнатите површини со лозови и овошни насади. Од почетокот на мај почнува исплатата за нови овошни насади со алтернативни овошни култури и за тековно одржување на овошните насади подигнати во 2007 година. Од 20 мај почнува исплатата на поддршката за производителите на кравјо, овчо и козјо млеко, како и за одгледувачите на говеда, свињи и живина. Останатите субвенции ќе се исплаќаат редовно од јуни до крајот на годината.

Земјоделството останува врвен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ. Се обврзуваме во периодот од 2008 до 2012 за земјоделството да обезбедиме субвенции во вкупен износ од 460 милиони евра: 45 милиони евра за 2008 година, 70 милиони евра за 2009 година, 100 милиони евра за 2010 година, 115 милиони евра за 2011 година и 130 милиони евра за 2012 година. Тоа е најголема финансиска поддршка на земјоделството во земјите од Југоисточна Европа!Со тоа, првпат земјоделецот во Македонија има јасна слика пред себе колку државата ќе вложи во развојот на земјоделството. Заедно со зголемениот откуп на земјоделски производи, тоа ќе предизвика преродба во македонското земјоделство: зголемување на конкурентноста за влез во ЕУ и подобрување на приходите на земјоделците. Со ваков пристап кон земјоделството, не само што ќе може да се произведува повеќе и поквалитетна храна, која евидентно денес станува стратегиски производ, туку ќе се поттикне и развојот на помалку развиените региони во Македонија. Озарените лица на земјоделците што ги среќавам насекаде, покажуваат дека се враќа топлината на селските огништа и радоста на семејствата собрани околу трпезата.

Зоран Ставрески