Откупни центри, 16.05.2008

На сите ни се врежани сликите од пред две-три години кога гледавме фрлени лубеници, истурено млеко по улиците, необрана летнина, гневни земјоделци. Пред очи ми е сликата на краставици кои наместо да се најдат на пазарите беа фрлани под тркалата на тракторите. Препознатливи за таа политика на уништување на земјоделството беа и „талентите“ во политиката, особено оние кои до ден-денес не успеаја да узреат

Пред две години, кога во Преродбата во 100 чекори ветивме поддршка за македонското земјоделство од над 20 милиони евра, обезбеден пласман на производите по најдобри цени, многумина не веруваа. Опозицијата тогаш со потсмев зборуваше за овие мерки, нарекувајќи ја владата на ВМРО-ДПМНЕ - земјоделска влада. Се прашуваа зошто е потребно да се дава толку голема поддршка на земјоделството кое според нив немаше перспектива, не сакаа ни да разговараат со земјоделците, а камоли да им помогнат. Исто како што самобендисано не разговараа со бизнисмените, учителите, пензионерите. Две години подоцна, дојде време да се погледнеме в очи. И да кажеме дека обезбедивме не 20 милиони евра, туку 45 милиони евра поддршка за земјоделците - десетпати повеќе од претходно. И обезбедивме сигурен пласман на земјоделските производи по најдобри цени што било кога биле постигнати во Македонија.На сите јасно ни се врежани сликите од пред две-три години кога гледавме фрлени лубеници, истурено млеко по улиците, необрана летнина, гневни земјоделци. Пред очи ми е сликата на краставици кои наместо да се најдат на пазарите, во знак на револт беа фрлани под тркалата на тракторите и на ѓубриштата. Препознатливи за таа политика на уништување на земјоделството, покрај краставиците беа и „талентите“ во политиката, особено оние кои до ден-денес не успеаја да узреат. Таа политика, покрај што ги запусти сите рурални подрачја и остави безброј луѓе без перспектива, го уништи македонското земјоделство. Површините засеани со жита, лозовите насади, градинарското производство, сточниот фонд, драстично се намалија во периодот 1991-2006 година. Таквата политика беше не само погубна за земјоделството, туку и без никаква визија за тоа дека храната е стратешки производ и дека сите земји настојуваат преку субвенции, сигурен откуп и евтини кредити да го зголемат домашното производство. Непостоењето на стратегија ниту за откуп ниту за пласман на земјоделските производи, ги препушти земјоделците на милост и немилост на трговците кои без многу труд го собираа профитот.

Ваквата стихијната политика доведе да се соочиме со големи предизвици при изградбата на современ земјоделски сектор. Современото земјоделство не подразбира само субвенционирање на производството, набавка на опрема и механизација, туку и обезбеден сигурен пласман на произведеното. Впрочем, која е целта на земјоделската активност ако нема откуп на произведеното и валоризација на трудот на земјоделецот.Основен проблем што ги мачи земјоделските производители во годините наназад, беа постбербените загуби и пазарниот квалитет на производот, како резултат на неефикасниот систем на дистрибуција низ фазите на ракување, чување, пакување, складирање, транспорт и пласман на производите. Затоа Владата, покрај издвоените субвенции, презеде конкретни активности за обезбедување сигурен пласман на земјоделски производи. Тоа се постигна преку привлекување на познати и реномирани странски партнери за откуп на македонските земјоделски производи и воспоставување на контакти меѓу домашните откупувачи и откупувачи од други земји, како што тоа го направивме со најголемите хрватски откупувачи оваа година. Веќе се работи на воспоставување на директни контакти со откупувачи од Русија, Украина и Белорусија.Најзначајниот момент во поглед на откупот на производи во иднина е секако влезот на познатата хрватска компанија Агрокор, која во соработка со јавното претпријатие Агроберза во јуни ќе започне со изградба на голем откупно-дистрибутивен центар во Струмица, а во септември во Росоман. Владата учествува како партнер во овие проекти преку обезбедување на државно земјиште и инфраструктура. Откупниот центар во Струмица е инвестиција вредна 15,6 милиони евра. Веќе од 2009 година ќе започне откупот на сите видови зеленчук: патлиџани, краставици, пиперки, зелка, компир и друг зеленчук, кои ќе завршат на пазарите по одлични цени. Откупниот центар во Росоман пак ќе има капацитет за откуп на 60.000 тони зеленчук и овошје. Во 2009, ќе започнат со работа уште два откупни центри: во Гевгелија/Богданци и во Ресен, во партнерство со позната израелска компанија. Покрај откупот на производите, центрите имаат за цел да дадат комплетна логистичка поддршка на земјоделците за чување, пакување, складирање и дистрибуција на земјоделското производство. Истовремено, преку советодавни услуги и набавка на квалитетен семенски материјал, откупните центри ќе помогнат да се зголеми квалитетот на земјоделското производство и истото да се стандардизира согласно барањата на европските пазари. Влезот на реномирани и искусни странски компании ќе им помогне и на домашните, локални откупувачи кои Агрокор и другите фирми ќе ги користат како партнери заради познавањето на локалниот пазар. Тоа ќе овозможи да се подигнат стандардите на работа на македонските откупни компании. Истовремено, владата ќе обезбеди државно земјиште со соодветна инфраструктура во околината на Струмица за изградба на локални откупно-дистрибутивни центри.За зголемување на извозот на земјоделски производи, Владата формираше и мешовито акционерско друштво „Агриленд“ во соработка со израелската компанија „Соли“, кое ќе почне со работа следниот месец. Истовремено, се очекува во 2008 да започне со работа и АД во државна сопственост за извоз на земјоделски производи, раководено од двајца искусни менаџери со меѓународно искуство (од Франција и Холандија). Континуирано ќе се работи и на создавање на мрежа на откупни центри во Валандово, Босилово, Демир Капија, Тетово, Дебарца и други места, со партнери кои имаат долгогодишно искуство во агробизнисот. Во текот на оваа година, ЈП Агроберза ќе се трансформира во Стокова берза и ќе се создадат шеми за поддршка на развојот на асоцијации, маркетинг кооперативи и компании. Пласманот на земјоделските производи, кој беше хронична болка на земјоделството во сите изминати 17 години, конечно е решен. Зголемениот откуп на земјоделски производи, ќе придонесе не само за сигурен пласман и најдобри цени за производителите, туку и за постепена трансформација на трговскиот дефицит во суфицит во размената на земјоделски стоки со странство, отворање на нови работни места и силен пораст на македонската економија.

Зоран Ставрески