Очи широко отворени, 06.06.2008

Првпат досега се случи народот да гласа „за“, а не „против“. По 20 месеци работа на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните почувствуваа поинаков стил на работа на политичарите, и убедливо се изјаснија дека оваа политика ја поддржуваат.

Низ историјата нашиот народ поминал низ многу значајни настани што оставиле силен печат на неговиот дух. Сепак, и покрај сите премрежиња, неизвесности и проблеми секогаш сме застанувале исправени со гордо крената глава. Балканските војни кога брат со брат војувал, па двете светски војни, Граѓанската војна во егејскиот дел и исходот од неа,осамостојувањето, транзицијата, многубројните поделби, војните на просторите на поранешна Југославија, конфликтот во 2001... Сите овие настани, а и многу други, придонесоа македонскиот народ да биде многу внимателен кога станува збор за ситуациите во кои тој се наоѓа на крстопат и кога треба да се определи за својата иднина.Можеби затоа на сите досегашни избори од осамостојувањето до денес, свесен за одговорноста на моментот, а не верувајќи никому, народот гласаше со недоверба, често не „за“ некого, туку против опциите што слаткоречиво му се нудеа. Особено во годините од осамостојувањето до денес, имајќи ги предвид сите транзициски случувања, народот немаше доверба во власта и ја чувствуваше како инструмент на определена група луѓе да стекнат богатство и моќ злоупотребувајќи ја положбата во која се наоѓаат. Тогашните владејачки структури погрешно помислија дека народот живее со „широко затворени очи“ и беа убедени дека ќе го манипулираат со евтини предизборни трикови, празни ветувања и лаги што и не беа толку наивни. Кампањите тогаш беа негативни и во нив се плукаше по се' и сешто. Народот незадоволен, полн со недоверба, често и заплашуван за својата иднина, беше збунет. За време на изборите негативната енергија искажана во кампањите беше слична на негативните чувства на народот и затоа овие кампањи успеваа.Но, на последните предвремени избори, во Република Македонија првпат досега се случи народот да излезе со позитивни чувства. И првпат да гласа „за“, а не „против“. По 20 месеци работа на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните почувствуваа поинаков стил на работа на политичарите, и убедливо се изјаснија дека оваа политика ја поддржуваат и сакаат таа да продолжи. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ настапи со „Преродбата во 100 чекори“ - програма што обезбедува континуитет на реформите и продолжување на сите досега почнати проекти што значат подобрување на квалитетот на живеење во сите сегменти. Програмата има точно дефинирани рокови и одговорност за извршување на проектите. На другата страна, коалицијата „Сонце“ имаше бледа, демагошка програма која не беше темелно разработена.

Се добива впечаток дека таа платформа беше набрзина составена откако се излезе на изборите. Но, не беа само изборните програми заслужни за ваквиот исход. Важни беа и луѓето што стојат зад тие програми, и довербата на народот во тие луѓе. Впрочем, довербата беше и пресудна за ваквиот исход на изборите.Кампањата што ја водевме беше позитивна и афирмативна и се засноваше на промоција на проектите. На другата страна, кампањата на СДСМ беше водена со изнесување на многу лаги и невистини. Тие водеа кампања без почит кон граѓаните, кои се обидоа да ги лажат, и кон своите конкуренти, кои жолчно и бескрупулозно ги навредува. Исходот од изборите покажа дека кај народот не само што веќе не поминуваат лагите, евтините политички „маневри“, трикови и личните навреди, туку тој тоа и го казнува. И покрај тоа што нивната кампања беше поддржана од „петтоколонашката братија“, граѓаните добро и мудро проценија за која опција е најисправно да се определат. Но, корените на најголемиот пораз на СДСМ на овие избори се во нивната работа како опозиција. Нив ги порази стратегијата на кочење на реформите, на прогресот во целиот период за овие 20 месеци додека тие беа во опозиција. Затоа, коалицијата „Сонце“ доби само 28 пратенички места од кои само 18 се на СДСМ.На овие избори победи политиката на чесен приод која ја врати надежта на земјоделците, работниците, интелектуалците и ги врати критериумите на вредности што се засноваат на знаење, труд и чесност. Особено значајно е што во изминатиот период народот ја препозна искреноста во бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, во која немаше партиска заштита и селективен пристап. Народот со својата доверба го потврди сето она што досега го направивме.Затоа, огромно е задоволството што го чувствуваме овие денови. Но, уште поголема е обврската. Убедливото мнозинство што го освоивме обврзува на уште поголема работа и на исполнување на сите наши ветувања. Поддршката од речиси половина милион гласачи и повеќе од половина пратенички места во Собранието е сериозна обврска. Радува и фактот што по долги години, народот конечно почна да излегува од депресијата. Продолжувањето на преродбата и целосното исполнување на програмата не само што ќе овозможи преродба на економијата, образованието, земјоделството и сите други области, туку ќе доведе и до духовна и морална преродба во која нема да има место за депресија, за лаги и за евтина изборна манипулација за целите и интересите на една мала група луѓе наспроти иднината на сите граѓани на Република Македонија.По изборите пред нас како влада се исправа период на засилено работење до целосна реализација на „Преродбата во 100 чекори“, која ја проширивме и ја надградивме. Пред нас останува да ја реализираме нашата визија за Македонија како место во кое подобро ќе се живее, а тоа ќе се темели на вистинските вредности.Сепак, на околу еден до два процента од вкупното гласачко тело се случија непосакувани настани во изборниот процес. Од овие настани сите ние и како држава, и како партии и како народ загубивме. Но, колку и да се овие настани впечатливи, сепак, тие не можат да ја поматат сликата дека во најголемиот дел од територијата на Република Македонија изборите беа фер и демократски. Таквата атмосфера мора да биде присутна и на прегласувањето онаму каде што имаше проблеми, за албанската заедница и особено нејзините политички лидери, заедно со сите други во Македонија, да придонесат за развојот на демократијата и за просперитетот на РМ.Само со макотрпна и чесна работа може да се постигне углед и доверба меѓу луѓето. На тој начин нема да треба да ги присилувате луѓето да ве сакаат и да ве наградуваат, туку ќе направите да ве ценат и да ве почитуваат. Со секоја добро завршена работа се раѓа големо внатрешно задоволство кое вреди повеќе од се'. Вратениот оптимизам и довербата на народот се огромен поттик за уште поголема работа во реализација на нашата визија - Македонија како пристојно место за живеење.

П.С. Оваа колумна ја пишувам во Њујорк, каде што Република Македонија ја доби наградата за четврто место во светот според направените реформи за подобрување на деловната клима. Се гордеев што сум Македонец кога стотици најпознати економисти, инвеститори и банкари зборуваа најпозитивно за мојата земја. Тоа е чекор напред за Македонија. Тоа е чекор напред за секој македонски граѓанин. Тоа е показател дека сме на добар пат. Довербата што народот ни ја даде на изборите, покажа дека неговите очи се „широко отворени“. За нас таа доверба претставува обврска тој пат да го изодиме без запирање.

Зоран Ставрески