Енергетски перспективи, 20.06.2008

Вардар како најголема река во Македонија,е енергетски најнеискористен.

Оттаму,планираниот проект за интегрално користење на водите од Вардарскиот слив е еден од најзначајните повеќенаменски проекти со позитивно влијание врз целокупните економски, социјални, еколошки и хидротехнички состојби во земјава.

 

Енергијата е еден од клучните фактори на економскиот развој. Стабилното и квалитетно снабдување со енергија е основа за развој на целокупната економија. Република Македонија е енергетски увозно-зависна земја од сите видови енергија, пред се' од суровата нафта и природен гас, а во последните години и електричната енергија. Заради тоа, мора да се изгради ефикасна енергетска политика и стратегија, која ќе обезбеди стабилно снабдување со енергија на претпријатијата и домаќинствата. Без долгорочна енергетска стабилност, не може да се очекува економски развој, инвестиции и отворање нови работни места. Заради тоа, неопходно е првенствено да продолжи процесот на либерализација на сите енергетски пазари врз начелата на објективност, транспарентност и недискриминаторен пристап во конкурентски услови. Тоа меѓу другото подразбира да се заврши започнатата измена на законската регулатива со прифаќање на одредбите од Директивите на ЕУ за енергетиката. За унапредување на состојбите во електроенергетскиот сектор, неопходно е да продолжи процесот на финансиско зајакнување на АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО со цел отпочнување нови инвестициони циклуси во модернизација на постојните и изградба на нови енергетски објекти. Врз основа на добиените понуди за инвестирање од две реномирани европски компании, извесно е дека набрзо ќе се избере стратегиски инвеститор и ќе почне изградбата на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, историски најголема инвестиција во енергетскиот сектор во износ од околу 650-700 милиони евра. Истото се однесува и за ХЕЦ Бошков Мост, која е од помал обем. Со периодично објавување на нови концесии, ќе продолжи инвестирањето во изградбата на стотици мали хидроелектрани. Владата ќе направи анализа и за евентуално инвестирање дома или заедно со соседните земји во изградбата на нуклеарна електрана како сигурен, долгорочен и економски прифатлив извор за производство на електрична енергија.Во следниот четиригодишен период ќе се интензивираат активностите за отпочнување со реализација на проектот за проширување на гасоводната мрежа и создавање можности за позначително користење на природниот гас како алтернативен извор на енергија ?а домаќинствата и индустријата. Иницијален импулс на овој проект е наплатата на клириншкиот долг на Русија кон Македонија.Новиот собраниски состав ќе ги донесе измените на законот за минерални суровини, кои ќе овозможат целосна искористеност на потенцијалите за истражување и експлоатација на минералните богатства. Со тоа ќе се овозможи поголема транспарентност, здрава конкуренција во добивањето на концесии за минералните суровини и одговорност во нивното користење. Тоа ќе привлече нови инвеститори и ќе овозможи проширување на постојните капацитети, што е основа за нови работни места и раст на македонската економија. Заради обезбедување поголема енергетска стабилност, потребно е дополнително да се зајакнат капацитетите за интерконекција во високонапонската мрежа во земјата и со соседните држави. Со добри интерконекции, Македонија може да оствари профит од својата географска поставеност. По пуштањето во работа на двата интерконективни водови спрема Бугарија на потегот Штип - Червена Могила и кон Грција на потегот Битола - Лерин, предвидена е изградба на нов интерконективен вод кон Србија на потегот Ниш - Штип, надградба на постојните водови кон Косово, како и конечно затворање на анализите за економска оправданост за нова 400 киловолти интерконективна врска кон Албанија.Посебен акцент во енергетската политика мора да посвети на енергетската ефикасност. Имајќи предвид дека секој вложен денар во намалување на потрошувачката на електрична енергија значи заштеда на два денари во изградба на нови енергетски објекти, ќе се работи на создавање на законски и други предуслови за намалување на потрошувачката на енергенси. Енергетската заштеда е потребна и можна во неколку клучни дејности: во градежништвото преку користење на современи термо - изолациони градежни материјали, во загревањето на јавните и приватните објекти преку изградба на топлани во поголемите населени места, во транспортниот сектор со постапно воведување транспортни возила според современите еколошки стандарди, и во металната индустрија како енергетски - интензивна дејност, преку супституција на електричната енергија со други побазични енергенси и намалување на трошоците на енергија по единица производ.

 

Отпочнатата процедура за избор на стратешки партнер за изградба на електрана-топлана во Скопје која ќе користи природен гас како погонско гориво, ќе се заврши во следните неколку месеци. Со инсталирана моќност од најмалку 300 мегавати електрична и околу 150 мегавати топлинска енергија соодветно, таа годишно ќе произведува приближно 2000 гигават-часови електрична енергија и околу 320 гигават-часови топлинска енергија. На тој начин ќе се супституира значително количество на електрична енергија која сега се увезува, а едновремено ќе им се овозможи на поголем број домаќинства и административно - деловни објекти да го заменат неекономичното загревање со електрична енергија со централно греење. Конечно, Вардар како најголема река во Македонија, е енергетски најнеискористен. Оттаму, планираниот проект за интегрално користење на водите од Вардарскиот слив е еден од најзначајните повеќенаменски проекти со позитивно влијание врз целокупните економски, социјални, еколошки и хидротехнички состојби во земјава. Покрај сигурно и стабилно снабдување со вода за пиење, наводнување, производство на електрична енергија, пошумување, спорт, риболов и рекреација, овој проект ќе овозможи развој на сите населени места по течението на реката Вардар. Целосната реализација на овој проект ќе донесе економска преродба на целиот централен дел на Македонија и конечно заокружување на хидро -техничкото искористување на најголемата река во земјава. За таа цел, во текот на 2008 година ќе се распише меѓународен тендер за странски партнер со кој заеднички би се реализирал овој исклучително значаен проект.

Зоран Ставрески