Инвестиции, 18.07.2008

Тоа се резултати што го разбиваат скептицизмот на тие што по Букурешт уште еднаш, по којзнае кој пат,

ја покажаа својата малодушност прашувајќи се дали Македонија може. Нашите амбиции се уште поголеми. Свесни сме дека можеме и мораме уште повеќе и уште подобро, свесни сме дека со макотрпна работа и добро лидерство, Македонија може и Македонија ќе успее

 

Деновиве имав можност да прочитам некои анализи на Светската банка, кои покажуваат дека во периодот 1996-2005 македонската економија остварила просечен раст на БДП од 2,3 отсто. За споредба, седумте други земји од Југоисточна Европа во истиот период имаа просечен пораст на БДП од 4,2 отсто. Овој податок многу директно и јасно отсликува зошто во истиот период Македонија заостана во економскиот развој зад другите земји од регионот. Исклучително ниската стапка на раст е и основната причина што невработеноста во Македонија во изминативе десет години се задржа на високо ниво, меѓу највисоките во Европа.

Дезагрегацијата на економскиот раст на неговите компоненти уште посликовито објаснува каде лежат причините за нискиот раст на македонската економија во периодот 1996-2005: инвестициите во истиот период генерирале годишен пораст на БДП од само 0,4 отсто (значи 0,4 од тие 2,3 проценти), за разлика од другите земји во кои инвестициите во просек годишно создале 1,8 процент пораст на БДП (1,8 од 4,2). Тоа секако е одраз на ниската стапка на инвестиции во основни средства, која во Македонија изнесувала во просек 17 отсто од БДП за периодот 1996-2006, наспроти 23-24 отсто кај ЕУ10 земјите (новите членки на ЕУ). Заради илустрација, економските анализи на развојот покажуваат дека висок и динамичен економски раст од над 5-6 проценти вообичаено се реализира доколку стапката на инвестиции достигнува најмалку 25 отсто од БДП. Според тоа, неспорно е дека Македонија може да оствари динамичен економски раст од 6 отсто и повеќе само доколку значајно се зголеми стапката на инвестиции, пред се' преку пораст на приватните домашни и странски инвестиции. Порастот на приватните инвестиции, пак, подразбира натамошно подобрување на бизнис-климата, инфраструктурата и пристапот до финансиски средства. Токму затоа напорите на Владата во изминативе две години, а и во следните четири години, ќе бидат фокусирани на мерките за подобрување на инвестициската клима, на зголемување на обемот и ефикасноста на капиталните инвестиции во патната и во железничката инфраструктура, инвестициите во енергетскиот сектор и телекомуникациите, како и зголемување на конкуренцијата во финансискиот сектор.

Делумно, резултатите од преземените мерки и реализираните проекти во овие сфери, веќе се чувствуваат, иако е реално да се каже дека вистинските ефекти допрва ќе дојдат до израз. Имено, според податоците на Државниот завод за статистика за 2007 година, номиналниот пораст на инвестициите во 2007 во однос на 2006 изнесуваше извонредни 52 отсто со што стапката на бруто-инвестиции како процент од БДП се зголеми од 21,9 отсто во 2006 на 24,2 отсто во 2007 година. На тој начин стапката на вкупни инвестиции во Македонија веќе се приближи до посакуваното ниво од над 25 отсто, кое секако е остварливо во 2008 година. Зошто може да се тврди дека ова е остварливо и какви се податоците за првите неколку месеци од оваа година? Според официјалните статистички податоци на Народната банка, во 2008 година инвестициите се зголемуваат со уште поголема динамика во однос на 2007 година. Имено, само во првите четири месеци од 2008 година странските директни инвестиции достигнаа 164,1 милиони евра, односно за околу 60 милиони евра повеќе од целиот годишен износ во претходните години. Приближно 80 милиони евра од пристигнатите инвестиции во периодот јануари-април 2008 отпаѓаат на инвестиции во акционерски капитал и реинвестирана добивка, а 84 милиони се други видови капитал.

Секако дека власта и опозицијата различно ќе ги интерпретираат овие резултати, но фактите се неминовни, а тие покажуваат дека во 2007 странските инвестиции беа двојно повисоки од претходните години, а сите индикатори покажуваат дека во 2008 можеме да очекуваме историски највисок прилив на капитал по оваа основа. Имено, првичните процени за периодот јануари-јуни 2008 се дека во земјата влегле најмалку 250 милиони евра странски инвестиции, што е поголем износ од 2007 кога за цела година беа инвестирани досега рекордни 240 милиони евра. Така, на пример, само во банкарскиот сектор во тек е реализацијата на околу 90-100 милиони евра инвестиции, со влезот на австриска банка во Инвест банка, купувањето на ИК банка итн. Овие податоци се најдобра потврда дека реформите за подобрување се исплатат. Тие исто така се потврда дека реформите кога се спроведуваат истрајно и професионално - даваат резултати. Регулаторната гилотина, намалувањето на даноците и останатите мерки за подобрување на бизнис-климата, како и активната политика за привлекување на странски инвеститори, бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот, и низа други мерки и проекти - ги охрабруваат инвеститорите и тоа како странските така и домашните. Токму затоа номиналниот годишен пораст на вкупните инвестиции во последниот квартал од 2007 достигна фантастични 74 отсто, а во првиот квартал од 2008 дури 75 отсто споредено со истиот период од претходната година. Тоа се стапки на пораст на инвестициите што не се забележени во изминативе 17 години.

Ваквите резултати се охрабрувачки за носителите на економската политика и за сите што работат на преродбата на Македонија, но пред се за македонските граѓани. Конечно, тоа се резултати што го разбиваат скептицизмот на тие што по Букурешт уште еднаш, по којзнае кој пат, ја покажаа својата малодушност прашувајќи се дали Македонија може. Секако, нашите амбиции се уште поголеми. Свесни сме дека можеме и мораме уште повеќе и уште подобро, свесни сме дека со макотрпна работа и добро лидерство, Македонија може и Македонија ќе успее. ПС. Деновиве добивме потврда од две реномирани европски компании за своите намери за инвестирање во Македонија, кои ќе бидат официјалнизирани до крајот на август. Great news, што би рекол еден мој пријател.

Зоран Ставрески