Две-три добри вести, 22.08.2008

Според Народна банка, во првите пет месеци од годинава во Македонија влегле рекордни

230,7 милиони еврастрански инвестиции, што е исклучително добра вест. Тоа значи дека само за пет месеци од оваа година е остварен ист прилив како за цела 2007 година, која, пак, да се потсетиме, беше дотогаш најдобра година според износот на странски инвестиции.

 

Статистичките податоци отсекогаш во јавноста предизвикувале контрадикторни коментари, зависно од кој агол се презентираат работите. Сепак, две-три нови информации објавени неодамна од страна на официјалните институции, заслужуваат да бидат забележани и подетаљно прокоментирани. Од причина што се набљудувани во целина, тие покажуваат дека македонската економија оди во добра насока. Всушност, во економијата се забележуваат позитивни движења, кои се претходно незабележани во изминатите 15 години. Но, да почнеме со ред. Прво, Државниот завод за статистика објави многу позитивни податоци за индустриското производство. Во мај тоа оствари годишен пораст од 17 отсто, додека во јуни зголемувањето достигна 12 отсто. Тоа се несомнено импресивни резултати за македонската индустрија, која во целата транзиција мака мачеше да оствари стапки на пораст од над 3-4 отсто. Воедно, многу значајно е што порастот не се должи на ексцесивното зголемување во една или две гранки, туку опфаќа голем број индустриски дејности. Тоа значи дека факторите што го условуваат подинамичниот раст на производството се од системска природа - како што се подобрената бизнис-клима, ниските даноци, подобрениот пристап до финансиски средства по поволни услови, итн. Ова дава надеж дека високите стапки на пораст се одржливи на подолг рок. Тоа, пак, е значајно за да може зголемувањето на производството да се преточи во нови работни места, односно да придонесе за ублажување на проблемот со невработеност.

Со овие податоци за македонската индустрија, речиси е сигурно дека БДП како сублимат на вкупната економска активност во вториот квартал ќе го надмине проектираниот пораст од 6 отсто. Во услови кога светската економија се соочува со рецесивни трендови, ваквите перформанси на македонската економија се повеќе од охрабрувачки. Есенва може да се очекува и делумно заздравување на македонската берза, кое може да даде дополнителен поттик на порастот на БДП до крајот на годината. Се разбира, и овде важи добро познатата хумористична изрека на познатиот дански физичар Нилс Бор дека „Предвидувањето е секогаш тешко, особено кога се однесува на иднината“.Втората добра вест дојде од Народна банка, која ги објави најновите податоци за странските директни инвестиции. Според Народна банка, во првите пет месеци од 2008 година во Македонија влегле рекордни 230,7 милиони евра странски инвестиции, што е исклучително добра вест. Тоа значи дека само за пет месеци од оваа година е остварен ист прилив како за цела 2007 година, која, пак, да се потсетиме, беше дотогаш најдобра година според износот на странски инвестиции. Ако се погледне малку наназад, во периодот 2003-2006 просечниот годишен износ на странски инвестиции изнесуваше само 178 милиони евра (без приливот од приватизацијата на државниот монопол ЕСМ, заради адекватна споредба). Тоа значи дека инвестициите во првите пет месеци од оваа година се повисоки од годишниот просек за периодот 2003-2006 за 53 милиони евра или за 30 отсто.

Ваквите позитивни трендови се случуваат првпат во македонската транзиција. Тоа секако е показател дека успешно спроведените реформи за подобрување на бизнис-климата, веќе почнуваат да даваат посериозни резултати. Најзначајни проекти во овој дел се намалувањето на даноците со низок рамен данок од 10 отсто и ослободување од данок за реинвестираната добивка, регулаторната гилотина, зголемината конкуренција во банкарството и телекомуникациите кои доведоа до намалување на каматните стапки и цените на телефонските услуги, подобрувањето на работењето на катастарот, царината, УЈП итн. Секако, и амбициозно поставената, но добро таргетирана кампања за привлекување странски инвестиции, почна да ги дава првите резултати. Овие податоци ги вклучуваат не само гринфилд-инвестициите во слободните економски зони (Џонсон Мети веќе ги внесе првите милиони евра во изградба на својата фабрика во Бунарџик, а во септември не' очекуваат уште три добри вести за нови инвестиции), туку и т.н. браунфилд-инвестиции како што е неодамнешната на Газит Глобе во „Алумина“, млекарската индустрија, банкарскиот сектор, осигурувањето итн. Широкиот опсег инвестиции во повеќе дејности покажува дека инвеститорите конечно почнаа да препознаваат дека условите за бизнис во Македонија се значајно подобрени, што им дава сигурност и мотив за посериозно инвестирање во нашата земја.

Врз основа на остварените движења, досега и најавите за идните месеци (само во финансискиот сектор во јули, август и септември влегоа/ќе влезат дополнителни 100 милиони евра), очекувањата се дека во 2008 година вкупните странски инвестиции ќе достигнат околу 400 милиони евра, а 2009 тие би требало да надминат половина милијарда евра. Колку ваквите движења ја подобруваат вкупната состојба со странските инвестиции во Македонија, која долги години беше исклучително неповолна? За да се овозможи споредливост со претходните години, како и со останатите земји, наместо да се споредуваат апсолутните големини кои се неспоредливи заради различната големина на земјите и БДП, потребно е да се споредат релативните големини, односно инвестициите како процент од БДП или на жител. Странските инвестиции како процент од БДП во периодот 2002-2005 достигнаа во просек само 4,2 отсто. Речиси е извесно дека во 2008-2009 тие ќе изнесуваат околу 7-8 отсто од БДП, што е двојно повеќе од просекот за 2002-2005 година. Ако се набљудуваат странските инвестиции по жител, износот во Македонија во периодот 2003-2006 достигна во просек само 89 евра по жител. Во 2007 тој се зголеми на 115 евра, за во 2008 да достигне најверојатно околу 200 евра по жител. Тоа се' уште е под просекот на земјите од централна и источна Европа (310 евра), но барем е резултат кој не' одлепува од дното, влијае охрабрувачки и влева оптимизам за уште подобри резултати во иднина.

Зоран Ставрески