Терапија, 05.09.2008

Уверени сме дека со веќе преземените мерки, годишната инфлација во декември ќе се спушти на околу 6 отсто, а во 2009 година на 3 отсто до 4 отсто, што е прифатливо ниво за земја чија економија конвергира кон ЕУ. Секакви дополнителни рестриктивни мерки би биле давање антибиотици на здрав човек.

Кога човек ќе фати обична настинка, таа трае една до две недели и вообичаено поминува сама од себе. Во таков случај лекарите препорачуваат пиење големо количество течности и полесни лекови што се насочени кон симптомите, како што се парацетамол, витамин Ц, сируп за кашлица, капки за нос и слично. Внимателно се следи состојбата да не се појави некој воспалителен процес (бидејќи организмот е поранлив) и вообичаено по неколку денови веќе се чувствува подобрување. Некои погрешно сметаат дека веднаш треба да се почне со земање јаки антибиотици кои не само што имаат ограничено влијание врз вирусите туку предизвикуваат и други проблеми: го контаминираат организмот, а постои и опасност од развивање резистентност кон антибиотици што може да биде многу ризично во идни случаи на воспалителни процеси. Чувствував за потребно да ја направам оваа паралела со обичната настинка за да ја приближам до обичните граѓани апсурдноста на дискусиите што ги водат некои економски „експерти“ по секое објавување нов податок за инфлацијата во Македонија.

Инфлацијата во Македонија, впрочем како и во целиот свет, почна да расте во август минатата година како последица на порастот на цените на храната и нафтата на светскиот пазар. Моментните цени на храната на светскиот пазар се повисоки за 60 отсто споредено со 2007 година, а двојно повисоки отколку во 2006 година, додека цената на нафтата е повисока за 85 отсто во однос на 2007, а двојно повисока во однос на 2006 година.

Како последица на тие движења на светските берзи, од август 2007 до март 2008 во Македонија беа забележани високи месечни порасти на цените што се движеа од 0,6 отсто до 1,2 отсто, со што годишната инфлација во март достигна околу 10 отсто. Веднаш ни беше јасно, како впрочем и на сите останати економии, дека тој пораст не можеме да го спречиме, но и дека тој е привремен и набрзо инфлацијата ќе се смири. Она што можевме да го направиме, го направивме. Ги ублаживме симптомите со таргетирање на најзагрозените групи на население како што се пензионерите и примателите на социјална помош, преку зголемување на пензиите и тримесечна парична помош за 10.000 социјално загрозени семејства. Воедно, се дејствувашеше и превентивно со цел да се избегне појава на „воспалителни процеси“, односно одмотување на инфлациската спирала. Фискалната политика преку повисоките буџетски приходи од расходи во првите осум месеци од 2008 година повлече околу 6 милијарди денари, делувајќи исклучително антиинфлаторно. Монетарната политика беше затегната, при што референтната каматна стапка се зголеми од 4,5 отсто во ноември 2007 година на 7 отсто во мај 2008, а беа донесени и дополнителни мерки од страна на Централната банка со цел да се контролира стапката на кредитниот раст. Како резултат на ова, но и на очекуваното стабилизирање на цените на храната на светскиот пазар, од април до август 2008 година просечните цени се намалија за 0,2 отсто. Односно, во последните пет месеци не само што нема нов пораст на просечното ценовно ниво, туку тоа е благо намалено.

Ова јасно говори дека инфлацијата е под контрола. Тоа што годишната стапка на инфлација се' уште е над 8 отсто (8,6 отсто во август) е последица на порастот што се случуваше во периодот од август 2007 до март 2008 година. Но, тоа воопшто не е аргумент за тврдењата дека Македонија има проблем со инфлацијата и дека се потребни нови, поригорозни мерки. Тие мерки не би имале сериозно влијание врз екстерно-генерираната инфлација, а само би го закочиле економскиот раст кој во 2007-2008 е најдинамичен во последниве 17 години. Тоа е исто како на лицето што веќе видливо закрепнува од настинката, да му кажете, ти си се' уште болен и треба да земаш уште повеќе антибиотици. Иако на сите им е јасно дека антибиотиците нема да му помогнат, туку може да му наштетат.

Ниската инфлација се смета како основен предуслов за одржлив економски раст. Сите развиени економии водат монетарни и фискални политики насочени кон одржување ниска инфлација на среден и на долг рок. На краток рок можно е инфлацијата да го надмине таргетираното ниво поради надворешни шокови, како што се случи во втората половина на 2007 и првиот квартал од 2008 година. Но инфлацијата и во ЕУ достигна 4 отсто, што е двојно повеќе од планираното ниво од 2 отсто. Европската централна банка само минимално ја затегна монетарната политика со покачување на референтната каматна стапка од 4 отсто на 4,25 отсто, свесна дека поради карактеристиките на сегашната инфлација таа не може веднаш да се намали на 2 отсто, а прекумерната монетарна рестриктивност може непотребно да го забави економскиот раст. Но, ЕЦБ е уверена дека во втората половина на 2009 година ќе успее да ја намали стапката на инфлација на прифатливото ниво од околу 2 отсто. Така работат креаторите на економските политики во развиените економии. Таков принцип на работа следи и Владата на Република Македонија. Трезвено, рационално и одговорно. Наша цел е ниска едноцифрена инфлација. Во координација со Централната банка, на среден рок ние гарантираме одржување ниска инфлација во Македонија. Нашите економски политики се засновани на длабоки и сеопфатни анализи. Уверени сме дека со веќе преземените мерки, годишната инфлација во декември ќе се спушти на околу 6 отсто, а во 2009 година на 3 отсто до 4 отсто што е прифатливо ниво за земја чија економија конвергира кон ЕУ. Секакви дополнителни рестриктивни мерки во сегашните услови би претставувале непотребен удар врз македонската економија, односно давање антибиотици на здрав човек.

Зоран Ставрески