Детска приказна, 19.09.2008

Од сопствениот пример, единствено поважно што им даваме на децата е - љубовта.

Љубовта кон нив, во крајна линија, значи се'. Таа значи дека им посветуваме доволно внимание и време. Дека се грижиме за нивното секојдневје, за нивниот живот

Задлабен во материјалите за следната седница на Владата, една вечер некаде околу 8.30 часот се јавив дома да ја чујам барем на телефон мојата шест и полгодишна Катерина, пред да легне да спие. Како и обично, се распрашав за тоа како поминала на училиште, што научила, дали попладнето се видела со баба и' и дедо и' и низа слични прашања. Арно ама, Кети е една од многуте ќерки на овој свет кои имаат посебна слабост кон татковците (и обратно, секако), па почна со милозлив глас да ме прашува кога ќе се вратам дома, дали ќе се видиме пред спиење и слично. Погледнав на купот документи на моето биро, погледнав на часовникот - и решив: ќе ги земам материјалите со мене и ќе отидам дома, да се видиме со детето пред спиење. Ги ставив набрзина документите во чантата и излетав од работа. Успеав да стигнам дома некаде околу 8.45, кога таа почна со подготовките за спиење.

Ја фрлив чантата во еден агол, кога гледам - Кети веќе дошла во мојата соба. Тамам почнав да размислувам дали повторно да разговараме за училиштето или да фатам некоја полесна тема пред спиење, таа ме изненади со зборовите: „Тато, на Ана од училиште и' се допаѓа Филип“, почна да се гиголи, како што децата прават кога се срамат од некоја работа. Мене веста нешто не ми предизвика посебно внимание, па кратко и' реков: „добро“. Арно ама, пред да успеам да прашам нешто, таа продолжи: „И на другите девојчиња од класот Филип им се допаѓа“. Јас пак, повеќе замислен за тоа кои обврски од работа ми останаа незавршени отколку на тоа кој го сака Филип, и' реков полузаинтересирано: „Добро де, ако го сакаат“. Но секунда потоа Кети успеа и тоа како да ми го привлече вниманието, кога ми рече: „Ама тато, и мене Филип ми се допаѓа!“ и почна да се кикоти и црвенее како дете кога ќе го фатиш со прстот во теглата со слатко во шпајзот.

Ги фрлив настрана костумот и вратоврската и почнав секавично да мислам на темата. Прво што помислив е - мораше ли баш мене да ме заглави со таква тема на која ми паѓа рејтингот бидејќи не знам што да кажам, нели можеше со мајка и' да зборува за ова. Да кажам нешто сериозно, како кога давам изјави на ТВ, или да ја фатам работава на смеење, како што ме засмејува Шема кога зборува за економија. Ни едното ни другото не ми се виде како добро решение: ако сум многу сериозен - ќе ја исплашам, ако ја фатам работата на смеење - нема да дејствувам воспитно на детето. А да ја игнорирам како што го игнорирам Јани кога ме „плука“ и навредува, иако во средно училиште препишуваше од мене и ме молеше да му наместам една девојка од Петта белградска гимназија кога на работна акција го градевме Стрежево... Арно ама станува збор за мое дете, а игнорирањето нема да го реши проблемот. Море да се скарам со неа, како со БЦ кога ни направи штета од 50 милиони евра годишно не потпишувајќи го законот за енергетика... Ама зошто би се карал кога детето не лаже, само детски наивно и искрено си кажа што чувствува. Најпосле сфатив дека мојот политички ангажман не ми помага многу кога треба да најдам одговор за еден обичен детски случај и да го поучам своето дете. Времето изминуваше немилосрдно, а јас се соочив со еден многу сериозен факт: изгледа дека е полесно да водиш една држава отколку да одгледаш и воспиташ едно дете. Посебно во денешните, современи услови.

Секој од нас што е родител знае дека ова е една голема вистина. Во морето на искушенија и пороци, многумина успеваат да ги изведат децата на прав пат, иако тоа е многу тешко. Но некои други не успеваат во тоа. Наспроти повеќето деца што се добро воспитани и израснуваат во здрави личности, постојат и такви што се проблематични, се тепаат, се дрогираат и доаѓаат во судир со сите, а најмногу со самите себеси. Зошто е тоа така? Одговорот не е познат, ниту е научно докажан, а не е јасна ниту улогата на генетскиот фактор. Но сепак, во најголем број случаи, квалитетот на родителската грижа е главниот фактор што ја прави разликата.

Не може да се каже дека во домовите на проблематичните деца не постои никаква дисциплина. Напротив, во голем број случаи постои т.н. лоша дисциплина: тие деца се тепани, казнувани и удирани за најмала грешка. Всушност, многу често самите родители меѓу себе се однесуваат на ист начин: се тепаат и навредуваат пред децата, консумираат прекумерно алкохол и им даваат лош пример на своите деца. Значи, сопствениот пример е еден значаен фактор.

Од сопствениот пример, единствено поважно што им даваме на децата е - љубовта. Љубовта кон нив, во крајна линија, значи се'. Таа значи дека им посветуваме доволно внимание и време. Дека се грижиме за нивното секојдневје, за нивниот живот. Ако не им посветиме доволно време, ќе го испуштиме моментот кога тие ни кажуваат на еден или друг начин дека се случува нешто за кое им е потребен родителски совет и внимание. Родителите кои внимаваат на воспитанието на своите деца, одвојуваат време да го видат начинот на кој детето јаде, како учи, како ги решава проблемите. И ќе најдат време за да ги ислушаат децата, да им одговорат на битните и небитните прашања, да им помогнат да ги решат проблемите. Некогаш со затегање, некогаш со попуштање, со гушкање и солзи, со потчукнување по рамо во знак на поддршка и одобрение, кажувајќи им со родителска благост каде згрешиле и каква поука можат од тоа да извлечат, а децата се многу чувствителни на сето ова. Тие забележуваат кога родителите се пожртвувани и им се посветени ним. Кога патат и се радуваат заедно со нив. Времето и квалитетот на времето што го поминуваме со нив, им кажуваат колку ги цениме. А чувството дека вредат, чувството на лична вредност - е есенцијално за добро ментално здравје и претставува столб на самодисциплината и успехот во животот. Овие чувства или се стекнуваат во раното детство, или засекогаш недостигаат. Љубовта и вниманието се најскапите и највредни подароци што можеме да им ги дадеме на своите деца.

И како заврши мојот разговор со Кети таа вечер? Ух, не беше лесно, се обидов да реагирам најнормално, како пријател, објаснувајќи дека љубовта е најнормално и најубаво чувство и дека, кога ќе порасне, таа ќе се заљуби во некој Филип, а дека тоа што сега го чувствува е само пријателство и симпатија, потоа ја гушнав топло татковски и ја ставив во креветот да спие. Не верувам дека успеав се' да и' објаснам. Ќе треба уште многу многу пати да се разговара, да се посвети многу време, љубов и внимание. На ова, или на некое друго прашање со кое децата и тоа како знаат да не' збунат нас, возрасните. Се разбира, многу ми е полесно да зборувам за трговските дефицити и странските инвестиции, но Кети заслужува и време и внимание и љубов и разговор за сите теми што нејзе и' се интересни. Таа е моето дете. Кети, Ана, Филип - тоа се нашите деца. Да ги воспитаме правилно и да ги изведеме на вистински пат - е најважниот проект во животот на секој родител.

Зоран Ставрески