Кругот се шири, 26.09.2008

Особено позитивно е што растот на БДП е резултат на сите сектори во економијата, а посебно на индустријата и градежништвото, кои остварија двоцифрени стапки на раст од 12,6 и 23,2 отсто

Не така одамна, пред неколку години, во етерот доминираа лошите вести. Пад на индустриското производство од 40 отсто (јануари 2004), стапката на невработеност достигна рекордно високо ниво од 39 отсто (прв квартал 2005), Македонија на 105 место според индексот на корупција (2006), Македонија на 96 место на Doing business на Светската банка, странските директни инвестиции не надминуваа повеќе од 120 милиони итн. Денес, добрите вести за Македонија се се' почести. Се зголемува економскиот раст, инвестициите, корупцијата е намалена, се подобрува имиџот на Македонија во светот. Се создава еден позитивен круг во кој една добра вест поттикнува втора добра вест, втората поттикнува трета, третата четврта, четвртата уште повеќе ја поттикнува првата итн. Ако економскиот раст е силен, се отвораат нови работни места, а се намалува бројот на невработени.

Ако економскиот раст е силен, тоа значи дека се спровеле реформи што ги подобриле условите за водење бизнис. Ако се подобриле условите за водење бизнис, тоа значи помалку простор и потреба за корупција. А тоа пак значи дека е полесно да се инвестира. Кога инвестициите растат, се генерира уште повисок економски раст и уште повеќе работни места. Се создава синергија и кругот продолжува да се шири.

Прво на почетокот на минатата недела Светската банка го објави извештајот за условите за бизнис, каде што Македонија втора година по ред направи значаен прогрес. Напредуваше на 71 место од 181 земја и е најдобра во регионот, а само пред две години нашата земја се наоѓаше дури на 96 место. Напредокот во рангирањето не е само гола бројка. За да дојде до индексот на условите за водење бизнис, тимот на Светската банка собира информации за десет различни области кои ги вклучуваат сите фази низ кои поминува еден бизнис, од отворањето, добивањето дозволи, вработувањето работници, регистрацијата на имотот, добивањето кредити, заштитата на инвеститорите, даночните оптоварувања, извозот и увозот, спроведувањето на договорите, па се до затворањето на бизнисот. Притоа, тие ги анализираат прописите и практиките во 181 земја. Напредокот од 25 места за две години значи дека во тој период, во Македонија биле направени крупни реформи во даночниот сектор, царината, катастарот, управата за јавни приходи, централниот регистар, судството, финансискиот сектор. Добро е да се има независна и непристрасна оценка за успешноста во спроведувањето на реформите од реномирана институција, која е најголема потврда за резултатите.

Следна вест, во минатиот четврток, беше растот на БДП од 6,5 отсто во вториот квартал. Со тоа станува јасно дека економскиот раст во 2008 година може да достигне рекордни 6 отсто. Во минатото раст од 3 отсто беше границата која тешко можеше да се прескокне. А се знае дека без економски раст од барем 5-6 отсто во текот на неколку години, не може да се реши проблемот на невработеност, кој најмногу им тежи на македонските граѓани.

Особено позитивно е што растот на БДП е резултат на сите сектори во економијата, а посебно индустријата и градежништвото, кои остварија двоцифрени стапки на раст од 12,6 и 23,2 отсто. Сатисфакцијата е уште поголема што двигател на растот се инвестициите, кои веќе трет квартал по ред реално растат со стапки од 60 до 80 отсто годишно. Тоа е најдобриот индикатор за подобрувањето на амбиентот за работа на фирмите во Македонија. Мора да се истакне дека импресивниот раст на инвестициите во најголем дел е резултат на приватните инвестиции. Но, набрзо ќе започне сериозен градежен циклус и во јавната инфраструктура, каде во изминатиов период се подготвуваа неопходните студии и проекти за коридорите 8 и 10, регионалните и локалните патишта, аеродромите и енергетските објекти, за кои со децении се зборуваше, а немаше основни проекти врз база на кои би почнала градба. Сето тоа е гаранција дека овој тренд на пораст на инвестициите ќе продолжи и во наредните години, а тоа ќе донесе уште повисок економски раст.

Конечно, во вторникот, слушнавме две добри вести во еден ден. Стапката на невработеност по долги години се спушти под 34 отсто (33,8 отсто), а Македонија повторно напредуваше на листата на борба против корупцијата на Транспаренси интернешнел (скок од 21 место во 2007 и уште 12 места годинава). Невработеноста е секако најголемиот проблем за македонските граѓани. Нејзиното намалување е тешко, но е можно: со силен економски раст, инвестиции и отворање на нови работни места. За две години отворени се 41 илјада нови работни места, а бројот на невработени е намален за 9 илјади. Тоа е се' уште недоволно, но барем трендот е позитивен и добива на интензитет. Искуството на понапредните земји од централна европа покажува дека се потребни неколку години на силен економски раст, па дури потоа доаѓа до позначајно намалување на невработеноста. На почетокот на економската експанзија претприемачите ги користат неискористените капацитети за да го зголемат производството. Потоа, кога ќе се уверат дека економскиот раст е подолготраен, инвестираат и отвораат повеќе нови работни места.

Врз основа на подобрената бизнис клима која ја истакнуваат домашните и странските инвеститори, но и меѓународните институции, како што се ММФ, Светска банка и Транспаренси интернешнел, може да се очекуваат уште подобри економски резултати во следните години. Тоа ќе резултира со позначајно намалување на стапката на невработени, што е крајна цела на оваа влада. Секако, простор за опуштање или самозадоволство нема. Мора да се продолжи со оптималност во водењето на фискалната и монетарната политика, упорност и работа во реализацијата на микрореформите. Многу работа на многу луѓе на многу места е потребна за Македонија да стане земја на креативни можности за сите.