Предизвици, 17.10.2008

Главна тема на годинешното Собрание на ММФ и Светска банка кое се одржа оваа недела во Вашингтон, разбирливо беше финансиската криза. Настаните во  изминатава година јасно укажаа на големиот број на предизвици со кои се соочува глобалната економија. Се наоѓаме во една од најсериозните кризи во историјата: нарушена доверба во глобалниот финансиски систем и слободната меѓународна трговија. Предизвиците се големи, а решенијата за да се надмине оваа состојба не се едноставни.

Глобалната финансиска криза ги присили развиените земји да преземат брзи и решителни мерки. Преку досега најголемата координирана акција на владите на многу земји во светот, со интервенција која тежи околу 2 трилиони долари, глобалниот колапс е запрен, барем привремено. Ако не друго, тоа ќе помогне да се ублажи паничната фаза од оваа криза, која доведе до "бегство" на инвеститорите од берзите и трупање на кеш, како и бројни ликвидации и принудни продажби на финансиски институции. Интервенцијата исто така ќе помогне барем привремено кредитите повторно да почнат да се одобруваат меѓу банките, што е предуслов за нивно прелевање понатаму во реалниот сектор, односно кон претпријатијата и граѓаните. Она што сепак е најзначајно, е што владите покажаа решителност и свесност дека мора да направат се што е потребно за да се спречи колапс на финансискиот сектор, што е услов за враќање на довербата кај инвеститорите, штедачите и даночните обврзници.

 

Сепак, ова привремено смирување на кризата не треба да се перцепира како нејзино завршување, или да се смета дека е завршена корекцијата на пазарите на акции и недвижности. Проблемот е во тоа што не беше "предуван" само "кредитниот балон", туку и "балонот на потрошувачки кредити" и "балонот на цените на базичните стоки". Прилагодување на овие пазари на реалните можности и големини, е она што следува. Тоа подразбира стегање на ременот во САД и европските земји. Никој не знае точно колку ќе трае прилагодувањето, колку длабока ќе биде рецесијата и колку ќе чини интервенцијата на владите за ублажување на последиците од глобалната криза. Она што е познато е дека прилагодувањата по кризата на пазарите на недвижности траат подолго од другите, што значи реално сценарио е да се очекува кризата да се разрешува и во текот на 2009 година.

Што може да се очекува во периодот што следи? Веројатно први на удар ќе бидат тнр. hedge funds, кои бележат големи загуби заради падот на вредноста на акциите во кои инвестирале овие фондови. По некои проценки, преку 1000 вакви фондови ќе доживеат дебакл во следните неколку месеци, со негативни последици за банките кои им позајмувале средства. Потоа на ред ќе дојде пазарот на деловен простор, чии цени веќе драстично паднаа. Колапсот на овој сектор ќе биде посебно проблематичен за банките од регионален карактер, како и за осигурителните компании. Тоа пак значи дека дното на берзанските индекси сеуште не е достигнато и дека може да се очекува втора рунда на мерки на владите за спасување на проблематични финансиски институции.

За да е ситуацијата уште посложена, не само состојбата во финансискиот сектор, туку и макроекономската перспектива не изгледа добро: САД и ЕУ се на раб на рецесија и што е полошо, со многу мал маневарски простор за нејзино ублажување. Имено, фискалниот простор за "буџетска инекција" за стопанството е стеснет заради големите буџетски трошоци заради преземените мерки за ублажување на банкарската криза. Така, Италија и Франција веќе се над дозволениот буџетски дефицит и нивото на јавен долг, а САД имаат историски највисок буџетски дефицит оваа година.

 

Она што останува на располагање е монетарната политика, која барем во Европа има сеуште простор за користење. За разлика од федералните резерви на САД, европските централни банки имаат простор за намалување на базичните каматни стапки, бидејќи во изминатиов период помалку го користеа тој инструмент за да ја поттикнат реалната економија. Се разбира, за да биде ефективно намалувањето на базичната каматна стапка, потребно е да се сочува стабилноста на финансиските сектори и кредитните институции, преку кои тоа намалување треба да оствари позитивно влијание и во реалниот сектор.

Сето ова важи и за Македонија. Состојбите во банкарскиот сектор се стабилни и истиот има способност за амортизација на одредени екстерни шокови. Сепак, ова не е време за опуштање и индикаторите мора будно да се следат. Парцијални интервенции во насока на директна или индиректна буџетска поддршка за поодделни сектори не се препорачливи. Тоа секако не значи дека не се препознаваат предизвиците со кои тие се соочуваат, посебно сегменти од индустријата на метали. Напротив, тие се реални и тешки. Но такви предизвици имаат и другите сектори, и ќе имаат и во иднина, зависно од циклусите на глобалната економија. Затоа, поддршката треба да е со мерки од посеопфатен карактер. Таква мерка во фискалниот сегмент е намалувањето на придонесите, кое е предвидено за 1.1.2009. Таква можност постои и во рамките на монетарната политика: откако осигури остварување на основната цел (ниска инфлација), Народна банка би можела да ги разгледа можностите за евентуална поддршка на реалниот сектор и економскиот раст преку намалување на базичната каматна стапка или задолжителната резерва, како што тоа го направија и го прават федералните резерви во САД или европските централни банки. Тоа е посебно значајно во овој период кога деловните банки се под притисок за зголемување на каматните стапки на кредитите за населението и претпријатијата, што повратно би можело да има негативни последици врз економскиот раст. Сепак, одлуката за ова е во целосна ингеренција на Народна банка.
Зоран Ставрески