Белaне, 24.10.2008

Веќе подолго време во македонската јавност се водат дебати околу оптималната стратегија за енергетскиот сектор во Република Македонија. Во сите тие дебати и анализи, користењето на енергија од нуклернен погон, е една од централните и најчесто анализирани теми. Тоа е сосема разбирливо ако се има предвид дека македонските хидропотенцијали се ограничени, а производството од термоцентрали е еколошки инфериорно и со прилично ограничен рок заради степенот на искористеност на постојните јагленови ископи. Во такви околности, прашањето кое се наметнува е дали е изводливо инвестирањето во сопствени потенцијали за нуклеарна енергија, или пак е порационално Македонија да ги користи потенцијалите на новата нуклеарна централа “Белене“ која почнува да се гради во соседна Бугарија.

Нуклеарната централа “Белене“ се наоѓа на 570 километри од вливот на р.Дунав наспроти островот Персин – најголемиот остров по долниот тек на Дунав. Иако се работи за проект кој првично започна да се гради пред 20 години, вистинските подготовки за негова реализација започнаа по затварањето на два блока на нуклеарната централа во Козлодуј, пред влезот на Бугарија во ЕУ во јануари 2007 година. Само за потестување, пред затварањето на Козлодуј, Бугарија покриваше 60% од вкупниот енергетски дефицит во Југоисточна Европа. Во мај 2007 Бугарија објави оглас за стратешки инвеститори кои би биле заинтересирани да учествуваат во изградбата и користењето на дел од капацитетот на Белене, при што за нив беше предвидено максимално учество од  49%. Во конкуренција на најголемите и најреномирани европски компании во делот на енергетиката, како што се CEZ, EdF, Electrabel, ENEL, EON, за најдобар понудувач е избрана германската RWE Power. Како стратешки инвеститор, RWE ќе учествува во 49% во сопственоста на нуклеарната електрана, а бугарската државна компанија НЕК со 51%. Притоа, постои опција RWE дел од акциите да може да ги отстапи на белгиската Електрабел како второпласирана компанија, при што уделот на НЕК ќе остане непроменет.

Предвидено е вкупната инвестиција во НЦ Белене да изнесува 4 милијарди евра, иако некои неофицијални проценки се дека проектот ќе чини значително повеќе од тоа,  што секако ќе зависи и од движењата на цените на металите на светските берзи во следните неколку години.  RWE ќе обезбеди близу половина од тие средства, при што 1,275 милјарди евра се однесуваат на стекнување на 49% од акциите. Воедно, заради светската финансиска криза и привременото затегнување на кредитните услови од страна на глобалните банки, RWE понуди околу 300 милиони евра корпоративен кредит за финансирање на проектот. За главна структурна банка на проектот Белене е избрана француската БНП Париба, која треба да го води и организира финансирањето и да привлече други банки во финансирањето на Белене.

За проектирање, изградба и пуштање во работа на двата реактори, избрана е руската компанија AtomStroyExport, со која е потпишан договор по системот "клуч на рака" во износ од 4 милјарди евра. Подизведувачи на оваа компанија ќе бидат компанијата Areva од Франција и Siemens од Германија. Подготовките за изградбата официјално отпочнаа во септември оваа година. Согласно динамиката, предвидено е првиот реактор да биде пуштен во погон во 2014 година, а вториот една година подоцна. Нуклеарната централа Белене се предвидува да има инсталиран капацитет од 2000 МВт и годишно производство на електрична енергија од 14.000 ГВтч. Од ова производство 8-9.000 ГВтч се предвидуваат да бидат за потребите на Бугарија, а другите да бидат понудени за продажба.

Гледано пошироко, Белене е третиот понов нуклеарен проект во Европа, по финскиот Olkiluoto-3 кој започна да се гради во 2005 и Flammanville  во Франција, земјата која по глава на жител е најголемиот генератор на нуклеарна енергија, кој започна да се гради во декември 2006 година. Европската Комисија официјално го одобри проектот Белене на 7 декември 2007 година. Тоа претставува континуитет на постојниот тренд на проширување на нуклеарните капацитети. Имено, нукелеарната енергија во Европа доживува ренесанса, при што некои земји за прв пат започнуваат со производство на енергија од нукеларни реактори, други ги зголемуваат капацитетите на постоечките или ги одложуваат одлуките за затварање на старите капацитети. Во рамките на ЕУ, околу 30% од вкупната енергија се произведува во објекти на нукелеарен погон.

Врз основа на разговорите што деновиве ги имавме во Бугарија, јасно е дека Бугарија е отворена за учество на Македонија во проектот за НЦ Белене. Тоа учество би било во форма на финансирање на проектот со извесен износ на средства, за сметка на што Македонија би добила дел од производството на НЦ Белене. Одлуката за евентуално учество на нашата земја во овој проект би требало да се донесе во следните два-три месеци, до кога ќе се финализираат условите и ќе се оформи мешовитата компанија меѓу бугарскиот НЕК и RWE (евентуално и Електрабел) која ќе управува со НЦ Белене.

Се разбира, освен сериозна анализа на условите за учество на Македонија во овој проект, за да се донесе конечна одлука ќе треба овој проект да се стави во конкуренција со алтернативните проекти за обезбедување на електрична енергија, како што се изградба на сопствена нукеларна централа, изградба на нови термоелектрани во Неготино, Мариово и слично. Оваа анализа која вклучува енергетски, финансиски, еколошки и други аспекти за исплатливоста, предностите и недостатоците на секое од решенијата, ќе овозможи да се изгради издржан став за едно од најважните прашања за енергетската иднина на Република Македонија.

Зоран Ставрески