Дилемата на Обама, 14.11.2008

Неодамна одобрените 700 милијарди долари финансиска поддршка за банкарскиот сектор, несомнено укажаа на решителноста за справување со првиот бран на финансиската криза.Обама сега се соочува со посериозен и подолготраен предизвик: решавање на проблемот на рецесија во услови кога сите фактори за раст на економијата дејствуваат против него.

Новоизбраниот претседател на САД се соочува со голема дилема. Американската економија навлегува во сериозна и длабока рецесија. Последните податоци за третиот квартал од 2008 веќе покажуваат дека американскиот бруто-домашен производ се наоѓа во негативна зона, односно е за 0,3 отсто понизок од пред една година. Сите индикатори за економијата покажуваат дека таа се соочува со огромни проблеми. Опаѓаат истовремено побарувачката за стоки и услуги, производството, вработеноста, доходот, цените на недвижностите, берзанските индекси. И тоа опаѓаат многу и опаѓаат секојдневно. Берзата е во паника, акционерите се во паника, менаџерите се во паника, работниците се во паника, граѓаните се во паника.

Случувањата во американската економија во теоријата се нарекуваат „тврдо приземјување“. Тоа и можеше да се очекува по вештачки одржуваниот „висок лет“, како последица на надуваноста на кредитите, цените на недвижностите, акциите на фирмите и доходот на просечниот Американец. Сето тоа сега треба и мора да се сведе во реални рамки. Враќањето во реалноста, како и секогаш во слични ситуации, е болно и ќе потрае. Се' уште нема никакви индикации дека е достигнато дното, ниту каде тоа би можело да биде.

Новиот американски претседател има на располагање два лека за заздравување на економијата. Првиот е да се намалат даноците со цел потрошувачите да може да купуваат и натаму, што би ги одржало производството и вработеноста на пристојно ниво, иако пониско од досегашното. Но, ваквиот приод е кратковид и има еден клучен недостаток: проблемот би се решавал на начин на кој и се предизвика - со вештачко одржување на потрошувачката на нереално ниво. Затоа, се' поголем број економисти се согласуваат дека наместо тоа, треба да се користи вториот можен лек: зголемување на јавните инвестиции.

Тие на краток рок би овозможиле да се одржи повисок економски раст и да се ублажи падот на вработеноста, а на долг рок би ја зголемиле конкурентноста на американската економија, што би помогнало да се ублажи високиот трговски дефицит. Во меѓувреме, иако и во овој случај болно, но сепак помалку болно, би се оставило да завршат корекциите на пазарите: враќање во реални рамки на цените на недвижностите, берзите, доходот, стандардот на живеење. Овој приод несомнено е поквалитетен и изгледа поиздржано.

Сепак, и едниот и другиот пристап имаат сериозен недостаток: го зголемуваат буџетскиот дефицит. Тука е и дилемата пред која се наоѓа Обама со неговиот економски тим. Тој не може ефективно во исто време да се справи со рецесијата и да го намалува дефицитот во буџетот. Прашањето е кое од двете зла е помало и како да се направи соодветен баланс?

Во 1933 пред слична дилема се најде и тогашниот американски претседател Френклин Рузвелт. Иако во неговата кампања тој прокламираше политика на урамнотежен буџет, големата депресија го принуди да примени мерки што драстично го зголемија буџетското трошење и дефицитот. Милијарди долари беа потрошени на јавни работи, односно инвестиции во инфраструктурата, кои повлекоа вработување на милиони луѓе. Се разбира, дефицитот драстично се зголеми.Обама несомнено го почнува својот мандат во екот на најголемата економска криза во светот по големата депресија од 1929-33 година. Како и Рузвелт, и тој се соочува со потребата за решавање на рецесијата и намалување на буџетскиот дефицит. Остварувањето на двете цели истовремено е тешко, ако не и невозможно.

Неодамна одобрените 700 милијарди долари финансиска поддршка за банкарскиот сектор, несомнено укажаа на решителноста за справување со првиот бран на финансиската криза. Обама сега се соочува со посериозен и подолготраен предизвик: решавање на проблемот на рецесија во услови кога сите фактори за раст на економијата дејствуваат против него: 1. банките се уплашени за сопствената иднина и со право антиципираат влошување на нивното кредитно портфолио заради рецесијата. Затоа, и покрај финансиската инјекција, не сакаат да продолжат со посериозна кредитната активност, која беше клучна за одржување на личната потрошувачка на високо ниво;

2. вредноста на богатството на американските акционери е намалена за најмалку една третина, а некаде и за цели 50 отсто заради стрмоглавиот пад на акциите на берзите. Тоа ги принудува да трошат помалку, што ја продлабочува рецесијата; 3. вредноста на становите и деловниот простор драстично се намали, а токму порастот на цените на недвижностите заедно со приходот од капиталните добивки на акционерите беа двигатели на растот во претходниот период; 4. американските компании ги редуцираат драстично сопствените инвестиции, сведувајќи ја активноста главно на преживување на големата криза (значи пад на приватните инвестиции). Кога се' ќе се собере, иднината на американската економија барем за 2009 не изгледа воопшто добро.

Несомнено, новата администрација ќе мора да се бори против рецесијата со нови стимулативни мерки, насочени најверојатно кон финансирање на капитални инвестиции во инфраструктурата и јавните работи. Како тоа да се реализира, а притоа да не се загуби контролата врз буџетскиот дефицит, е секако главниот предизвик. Одговорот за оваа дилема, кој можеби не е идеален, но е оптимален во дадените услови, е: рецесијата тропа на вратата на американската економија во моментов, а буџетскиот банкрот се' уште не.

Во секој случај, влогот е огромен. Тоа секако не е само иднината на американската, туку и на светската економија. Затоа е потребен оптимално избалансиран одговор од страна на новиот американски претседател. Да веруваме дека Обама успешно ќе ја реши дилемата што е пред него.