Развојна банка, 05.12.2008

Во услови кога „кредитната суша“ постепено ја зафаќа и Македонија, односно приватните банки стануваат се' порезервирани за одобрување нови кредити,секој денар со кој располага државата (во случајов банка во државна сопственост) е значаен и мора да се стави во функција на стопанствотоЕдна од најсериозните последици од светската економска криза е поголемата претпазливост на банките во кредитирањето на стопанството и на населението. Гледано од аспект на поединечна банка, тоа е логична и краткорочно здрава политика, но на глобално ниво ваквиот однос ја продлабочува кризата во стопанството, кое останува без неопходната финансиска поддршка. Оваа тенденција е особено опасна во земји како Македонија, каде што заради неразвиеноста на берзата, банкарските кредити се доминантен извор на средства за фирмите. Долгорочно, политиката на прекумерна контракција на кредитната активност е погубна и за самите банки бидејќи влошените состојби во стопанството ќе ги влошат и нивните биланси. Според тоа, во овие тешки времиња и за банките и за претпријатијата, повеќе од кога било се наметнува потребата решенијата да се бараат заеднички, преку балансиран пристап. Тоа подразбира кредитната активност да биде поумерена, но и да не се злоупотребува ситуацијата за правење екстра-профит или оставање на стопанството целосно без кредитна поддршка.

Каква е улогата на националните развојни банки, како што е Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во вакви околности и дали тие може да помогнат на кој било начин? Се чини, улогата е поважна од кога било порано и тие може да помогнат, се разбира до одреден степен. Развојните банки се во државна сопственост, основани за да го поддржат економскиот развој на земјата преку вршење специфични финансиски услуги што приватните банки немаат интерес да ги извршуваат затоа што кредитниот ризик или ризикот на земјата е преголем за нив. Иако рамката на нивните активности варира од земја во земја, тие најчесто се фокусирани на финансирање на извозот, пред се' преку поддршка на малите и на средните претпријатија. За разлика од класичните приватни банки, развојните банки ја немаат максимизацијата на профитот како главна цел, туку тоа е поддршката на развојот. Тие се на некој начин инструмент на економската политика, при што се моделирани според специфичните потреби и можности на секоја земја. Токму затоа и степенот на нивна ефикасност во остварувањето на основната цел варира од земја во земја. Во Македонија, тој досега беше мошне низок.

Имено, МБПР во досегашното работење не успеа ниту да изгради ефикасен бизнис-модел, ниту да даде сериозна поддршка на развојот на македонската економија. Причините за тоа се пред се' од системска природа, но нивното елаборирање не е предмет на овој текст. Намерата е повеќе да се проанализираат можните излезни решенија што би ја направиле МБПР многу поефикасна институција, што долгорочно е значајно за развојот на земјата, а краткорочно може да ја пополни ликвидносната празнина која заради кризата ја оставаат деловните банки. Тоа може да се оствари само преку сериозни промени на организацијата и моделот на работење на МБПР, со цел таа да прерасне во ефикасна развојна банка. МБПР во никој случај не треба да биде конкурент на приватните банки, туку само да го пополни оној сегмент од пазарот кој е непополнет од нив.

Промените што треба да се направат за МБПР да може да ја игра оваа улога, се однесуваат како на системските услови на работење, така и на оперативните инструменти на банката. Првата крупна системска промена која треба да се разгледа е можноста МБПР директно да ги кредитира фирмите, наместо тоа да го прави со посредство на други деловни банки. Досегашниот начин на одобрување на кредитите преку посредник имаше два крупни недостатока: 1. ја усложнуваше и одолговлекуваше постапката на одобрување на кредитите и 2. ја зголемуваше цената на кредитите, бидејќи деловните банки додаваа најмалку 3 процентни поени маржа за вршењето на улогата на посредници.

Значи, за да се забрза постапката и да се обезбедат поевтини кредити за фирмите, потребно е со законски измени да се овозможи директно кредитирање на фирмите од страна на МБПР. Се разбира, ниедно решение не е црно-бело, односно нема само позитивни или само негативни карактеристики. Така и оваа измена, доколку биде донесена, мора да биде надополнета со зајакнување на човечкиот потенцијал на банката и примена на строги критериуми за оценка на кредитниот ризик и профитабилноста на проектите што банката би ги поддржала. Фактот дека се работи за банка во државна сопственост не смее да биде причина за одобрување на кредити кои не ги задоволуваат најстрогите стандарди за бонитетот на кредитобарателот и прифатливост на кредитниот ризик. Во спротивно, ефектите ќе бидат негативни.

Втората покрупна измена би можела да се направи во делот на гаранциите. Досегашните резултати од функционирањето на гарантниот фонд се поразителни, што главно се должи на лошиот дизајн на овој инструмент, а пред се нискиот максимален износ на гаранциите кои ги нудеше МБПР. Наместо гарантен фонд, МБПР би можела по успешниот пример на други слични банки да се фокусира на издавање класични гаранции за покривање на ризиците од неизвршување на работите/услугите од страна на нашите фирми во странство, учество на наши фирми на тендери во странство и други видови гаранции за кои приватните банки немаат интерес. Износот на гаранциите не би бил однапред лимитиран, а би зависел од процената на ризиците и придобивките од конкретниот проект.

Со овие две измени, МБПР би можела многу поефикасно да го искористи својот потенцијал во функција на развојот на македонската економија. Во услови кога „кредитната суша“ постепено ја зафаќа и Македонија, односно приватните банки стануваат се' порезервирани за одобрување нови кредити, секој денар со кој располага државата (во случајов банка во државна сопственост) е значаен и мора да се стави во функција на стопанството.
Зоран Ставрески