Мистеријата на капиталот, 19.12.2008

Среќавајќи се деновиве со граѓаните од Пинтија, Драчево и други населени места ширум Македонија, се присетив на маестралното дело на Хернандо де Сото "Мистеријата на капиталот", во кое тој дава одличен одговор на прашањето зошто во некои земји капитализмот е успешен, а во други не. Наспроти популарното верување дека успехот се должи на културолошки разлики, де Сото докажува дека успехот на капитализмот се должи на системот на правно регулирани сопственички права.

Имено, главниот фактор кој ги спречува преку 80% од земјите во светот да ги реализираат користите од капитализмот е нивната неспособност да произведуваат капитал. А токму капиталот е крвотокот на пазарната економија, односно оној фактор кој ја зголемува продуктивноста на работната сила и го создава богатството на нациите. Токму тој фактор им недостасува на сиромашните народи. Но не затоа што го немаат. Туку само затоа што немаат правен систем во кој тој би се создавал и користел.

Дури и во најсиромашните земји и места, луѓето располагаат со средства со кои можат да бидат успешни. Но тие ги поседуваат средствата на непродуктивен начин: имаат земја и куќи за кои сопственичките права не се јасно дефинирани, односно немаат имотни листови кои ќе ја репрезентираат нивната сопственост. Бидејќи правата не се адекватно документирани, средствата не можат да бидат претворени во капитал, да бидат користени како обезбедување за добивање на заем, или да бидат тргувани вон локалните рамки.

За разлика од нив, во западните земји секое парче земја, секоја машина, секоја градба е регистрирана, а сопственоста е документирана. Благодарение на тоа, средствата покрај нивниот материјален облик, на некој начин живеат ²паралелен живот² во кој можат да бидат користени како обезбедување за добивање на кредит и эа други намени. Најзначајниот облик на стекнување на средства за новите бизниси во САД е користење на имотот на бизнисмените како обезбедување. На овој начин, средствата (куќи, имот, машини) соэдаваат капитал.

Тоа е основната разлика меѓу развиените и неразвиените земји. На пазарите во Калкута, Њу Делхи, Ново Мексико, Москва или Скопје, има исто толку добри претприемачи како во Њујорк или Лондон. Луѓето во овие градови имаат чувство за бизнис и имаат усвоено речиси се што постои како инвенција во западните земји, почнувајќи од најсовремени компјутери до нуклеарни реактори. Но тие не можат да ги користат сопствените средства за да добијат капитал за развивање на нивниот бизнис. Тоа е мистеријата на капиталот за која зборува де Сото. Тоа што го прави капитализмот успешен на запад а помалку успешен во други земји во светот, е тој систем на репрезентативна сопственост кој ²исцедува² капитал онаму каде другите кои ги имаат истите средства, не успеваат да го направат тоа. Еден од најголемите предизвици пред човештвото, пред секој од нас, е токму тоа: да ги осоэнаеме и да оствариме пристап до работите кои се невидливи, но знаеме дека постојат.

Дали Владите на земјите во развој го знаат ова и дали пробуваат да го остварат, да ги отворат своите системи на сопственички права за мнозинството сиромашни граѓани? Секако го знаат. И секако пробуваат. Ни помалку ни повеќе туку цели 180 години. Прашањето е зошто тие обиди се безуспешни? Затоа што многу често владите имаат погрешна перцепција дека луѓето живеат и работат во сивата економија за да избегнат плаќање на даноци, наместо да сфатат дека во најголем број случаи вистинската причина е што постојните регулативи не соодветствуваат на реалноста и потребите на тие луѓе. Затоа што е потребен огромен напор сопственоста правно да се регистрира и граѓаните да се убедат во користа од тој процес. Затоа што ретко која влада прави напор да прифати доказ за сопственост кој е вон стандардните документи од кои не коже да се види титуларот – а сиромашните слоеви често имаат единствено таков доказ и никаков друг. И затоа што промената на системот на сопственички права не е само работа на правници и архитекти, туку е пред се и над се одговорност  и волја на политичкото лидерство.

Македонија е секако на почетокот на овој процес и како таква минува низ сите проблеми низ кои минуваа многу земји пред нас. Илјадници граѓани од Пинтија и Драчево, Кочани и Виница, Неготино и Кавадарци, па се до Охрид и Гостивар, се судруваат со истите проблеми: имаат куќи во кои живеат со десетици години, но немаат сопственички документ, имаат дворно место и земјишта кои се нивни со децении, но не можат да ги купат и регистрираат како сопствени. Следствено, тие не можат да ги користат единствените средства со кои располагаат за добивање на кредит во банка и друг вид капиталиэација.

Законот за приватизација на градежно земјиште во иэминатите четири години се покажа нефункционален и граѓаните тешко можат да ги купат своите дворни места или земјиштето. Некаде причината е цената, некаде други правни пропусти. Овој закон, како и уредбата за цената мора да се променат и прилагодат на реалноста. Мора да се овозможи и законските наследници кои земјиштето го добиле како дар или со договор за доживотна издршка, да се третираат како поранешни сопственици и да бидат ослободени од обврската за плаќање на надомест. Ослободувањето од надомест треба да се прошири и за лицата кои се сегашни корисници на земјиштето, а кои со правен основ стекнале сопственост од поранешен сопственик на тоа земјиште. Мора лицата кои биле поранешни сопственици на земјиштето пред поопштествувањето, а на кои земјиштето никогаш не им било одземено од владение, да можат да го приватизираат во рамките на стекнатото право на користење. Мора да се намали надоместот за извршени геодетски работи, со што ќе се намали надоместот за приватизација. Мора да се продолжи рокот за приватизација.

Конечно, мора да се намалат эа 50% цените за купување  на дворното земјиште. Тоа е единственото средство кое им остана на мноэинството сиромашни граѓани кои изгубија речиси се во процесот на транзиција. Наспроти малкуте транзициски профитери, кои приграбија се.

Зоран Ставрески