Условени социјални трансфери, 30.01.2009

Условените парични трансфери (УПТ) се социјални програми эа давање на парична помош на сиромашните семејства или самохрани родители, под определени услови. Условите претежно се поврзани со обврска за примателите на паричната помош да ги насочат средствата во здравјето и образованието на нивните деца. Вообичаено тоа подразбира задолжителни здравствени прегледи на децата, следење на нивниот раст, редовни вакцинации, здравствена грижа за мајките родилки, подобрена исхрана на децата, задолжително запишување и посета на училиште итн.

Во споредба со директните парични трансфери каде државата обезбедува безусловна финансиска поддршка, УПТ се условени со определено “однесување” на оние кои ќе ја примат помошта.  Целта е давањето на паричната помош да услови промена на однесувањето која ќе овоэможи примателите на паричната помош на трајна основа да иэлеэат од кругот на сиромаштијата. Додека класичните социјални програми ја намалуваат сиромаштијата на краток рок, УПТ го разбиваат магичниот круг на сиромаштијата во кој децата на примателите на социјална помош и самите подоцна во животот стануваат приматели на социјална помош. Со трансферите се зголемуваат можностите за децата од маргинизираните групи да изградат самодоверба и да ги развијат сопствените  капацитети за остварување на приходи. Од тие причини на УПТ не се гледа само како на социјална помош, туку како инструмент за иэлеэ од сиромаштијата.

 

УПТ се имплементираат во голем број земји во светот, пред се во земјите со средно ниво на доход. Најмногу се застапени во земјите од Латинска Америка, а вакви програми имаат воведено и земјите во Југоисточна Азија, Турција, Мароко и други. Во некои земји УПТ прераснаа во најголеми програми за социјална помош, покривајќи милиони домаќинства. На пример, во Бразил со програмата се опфатени приближно 44 милиони сиромашни лица. Во Турција со оваа програма постигнати се зголемени стапки на запишување и завршување на основното и средното образование, како и зголемена стапка на имунизација кај децата. Интересот за употреба се прошири од земјите во развој кон развиените земји. Од пред неколку години вакви програми се спроведуваат и во Австрија, а особено се познати УПТ програмите воведени од градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг. Тие имаат за цел да ја подобрат социјалната положба на сиромашните граѓани преку задолжително јакнење на вештините и обука за возрасните, образование за децата и здравствени прегледи за семејството. Семејствата во Њујорк добиваат 25-50 долари месечно за 95% присуство во училиште, 25 долари за посета на родителски часови за јакнење на свеста, 50 долари доколку се зачленат и одат во библиотека. Доколку децата ги поминат тестирањата, односно го завршат одделението, можат да добијат до 300 долари за основно образование и 600 долари за средно образование. За вклучување во здравствените програми семејствата добиваат по 20-50 долари.

Македонија се подготвува за воведување на условени парични трансфери во соработка со Светската банка. Проектот ќе опфати две компоненти: финансиски стимул за редовно посетување на средно образование и финансиски стимул за пред и пост натална заштита. Децата на корисниците на социјална парична помош од 1 септември, 2009 година ќе добијат годишен паричен трансфер во износ од 12.000 денари доколку посетуваат средно образование. Проценките покажуваат дека оваа програма би имала опфат од 18.700 деца вклучени во средно образование. Фактот кој го поддржува воведувањето на ваква програма во средно образование е што стапката на присуство во средно образование изнесува едвај 64%. Вака ниската стапка е последица на социо-економскиот статус на семејствата, при што присуството се движи од 90% кај најбогатите до 30% кај најсиромашните. Оттаму, целта на условените парични трансфери е да придонесат эа повисок степен на посетеност на средно образование од децата од посиромашните семејства, што ќе ги зајакне можностите за понатамошно наоѓање на работа и иэлеэ од сиромаштијата.

 

Втората компонента од проектот се состои од финансиски стимул за пред и пост-натална заштита (редовна вакцинација и систематски прегледи). Идентификуваните проблеми во оваа област покажуваат дека одреден број на бремени жени не партиципираат во програмата за пред и пост-натална грижа и дека одреден број на деца не партиципираат во пост-наталните контроли и вакцинации. Програмата за здравствена грижа за мајките вклучува четири прегледи, една ехографија пред да се роди детето и една контрола по раѓање на детето. Детската програма вклучува еден тест пред пораѓање, три пост натални контроли и седум вакцинации за кои е потребно да се завршат во првиот циклус на вакцинација кој завршува кога детето ќе наврши 13 месеци. Родителот би добил вкупен паричен трансфер од 12.000 денари доколку го вакцинира детето со сите вакцини предвидени во имунизациониот преглед.

 

Со вложувањето во човечкиот капитал (здравје и образование) на таргетираните групи (децата од сиромашните домаќинства) им се овозможува да се вклучат во општеството. Со тоа се намалуваат нееднаквостите и се прекинува преносот на сиромаштијата од една генерација на друга. На овие таргетирани групи им се дава шанса да обезбедат  пристоен живот, што е и нивно основно право. Всушност, комбинацијата на давање на паричен трансфер со условот корисниците да направат нешто од нивна страна е значаен напредок во размислувањето како да се постигне социјален развој на долг рок.