Украина, 19.02.2009

Деновиве со делегација од 20-на македонски бизнисмени и моите колеги Јанакиески и Бесими престојувавме во убавиот и со снег покриен Киев. Кога прв пат ја посетив Украина и Киев како апсолвент на Економскиот Факултет, имав точно 22 години, половина од мојата сегашна возраст. И тогаш и сега Киев изгледа грациозно: град со прекрасни зданија обдарени со богата патина, град со многу зеленило, убави паркови, бескрајни дрвореди, мистични цркви и манастири, маестрално извајани споменици. Можеби заради младоста, можеби заради обврските, тогаш некако градот го доживеав повпечатливо од денес. Можеби затоа што имав многу повеќе време. Време за прошетки по Андриевската височинка позната како Киевски Монмартр, посета на мистичниот манастир Пештерска Лавра, Музејот на  национална уметност или Паркот на јоргованите. Имав доволно време со часови да стојам пред златните порти на Киев, пред куќата на Булгаков или споменикот на Тарас Шевченко во истоимениот прекрасен парк.

 

А денес, 22 години потоа... Посетата на Киев овој пат беше многу пократка и помалку атрактивна. Исполнета со многу повеќе рационалност и прагматизам  (за жал). Но сепак, позначајна. Еве зошто. Македонија и Украина имаат солидна трговска соработка, но потенцијалите се многукратно поголеми. Украина е на 13-то место на листата на најголеми трговски партнери. Вкупниот обем на трговска размена е во подем и во 2008 достигна 206 милиони долари, што е двојно повеќе од 2007 година. Меѓутоа, голем проблем претставува крајната нерамнотежа: извозот изнесува само 3 милиони долари, наспроти увозот кој достигна 203 милиони долари! Фрапантен трговски дефицит кој секако треба да се решава. И тоа не преку "сечење на подолгата нога" т.е. кратење на увозот, бидејќи 90% од тој увоз се однесува на суровини за челичната индустрија, која истите ги преработува и извезува. Решението мора да се бара во "продолжување на пократката нога", т.е зголемување на извозот. Тоа значи зголемување на извозот на овошје, зеленчук, вино, тутун, лекови, градежни материјали, електрични апарати, адитиви и се друго што може да апсорбира големиот украински пазар. Кај земјоделските производи посебен акцент треба да се стави на извозот на оние производи за кои имаме компаративна предност: раноградинарско, органско и оранжериско производство, квалитетно вино и сл.

 

Од тие причини, на средбата со Украинскиот  Министер за економија разговаравме за клучните фактори за зголемување на извозот на македонски стоки и услуги: навремено добивање на квотите за извоз на вино, повеќе транспортни дозволи за нашите транспортни компании, како и ангажирање на македонската градежна оператива во подготовките на Украина за Европското фудбалско првенство 2012 година. Во насока на подобро презентирање на македонските фирми на украинскиот пазар, потпишавме договор со Киевскиот славистички Универзитет за бесплатно отстапување на простор за првиот македонски информативен бизнис центар во Киев: место на кое македонските фирми ќе можат да се презентираат со својот асортиман и да остваруваат контакти со украински фирми, со цел да се зголеми извозот на стоки и услуги.

Сепак, ударниот дел од посетата беше бизнис форумот  на кој 20 македонски фирми имаа можност да остварат директни b2b (business to business) средби со преку 50 сродни фирми од Украина. Претходната анализа на пазарот овозможи да се исфилтрираат клучните сектори од кои потекнуваа фирмите: агробизнис, винарство, градежништво, индустрија на автоделови и туризам. На неколкучасовната средба очи во очи, бизнисмените зборуваа со бизнисмени. Зборуваа на ист јазик: јазикот на бизнисот. А тој вели дека каква и да е кризата, колку и да трае, полесно ќе се совлада ако соработката меѓу фирмите се продлабочи. Полесно ќе се совлада ако најдеме нов пазар за македонските производи, и тоа пазар на една голема земја.

 

Јас сум цврсто убеден дека освојувањето на украинскиот пазар ќе се случи во блиска иднина. Оптимизмот е базиран не само врз рамката која ја овозможува Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, туку уште повеќе врз активниот пристап на Владата, нашата Амбасада во Украина и македонската бизнис заедница во последниве неколку месеци. Покрај контактите што ги остварија менаџерите на 20-те македонски фирми со потенцијални партнери од Украина, бројот на деловни контакти во последно време е значајно зголемен и со отварањето на нови осум трговски претставништва во Киев: Алкалоид, Реплек, МЗТ Пумпи, Урбан-Инвест, битолска Квасара, Фокабо, Медобил и Специјална Опрема Скопје. Соработката ја поддржуваат и инвестиции во двете насоки од типот на онаа на Здравје Радово во Украина или на бизнисменот Сергеј Тарута во ГП Бетон.

Од она што се договори во Киев, знам дека во иднина ќе има многу повеќе македонско вино, домати и лубеници на украинските трпези. Повеќе градежни фронтови во Украина за македонските градежници. Повеќе украински туристи кои ги запознаваат убавините на македонските цркви и манастири, езера и планини, помогнато со отварањето на чартер авиолинија Киев-Скопје. И помалку бугарски и српски економски посредници во претставувањето на македонските производи на украинскиот пазар: го имаме македонскиот бизнис центар, ги имаме директните контакти меѓу фирмите, ги имаме трговските претставништва на македонските фирми. Конечно, во Украина имаме извонредно активна Амбасада на Македонија. 

 

Кризата, каква и да е, порано или подоцна ќе заврши. Бизнисот ќе продолжи, економијата ќе расте. Но дотогаш, мора сите да вложиме дополнителни напори. Мора да бараме и изнаоѓаме нови излезни решенија. Во тој процес, секој мора да го одработи својот дел. А Киев? Да ја поминеме кризава. Киев ќе биде секогаш убав за посета.
Зоран Ставрески