Обраќање на конференцијата по повод значењето на малите и средни претпријатија-Скопје, 17.11.2006

Како Вицепремиер одговорен за економски прашања во новата Влада на Република Македонија, ми преставува чест да учествувам на оваа тркалезна маса организирана од Фондацијата Konrad Adenauer Stiftung. Воедно би сакал да ги поздравам сите присутни и да упатам особена благодарност до претставниците на Фондацијата Konrad Adenauer (Stiftung) со чија поддршка од 2000-та година до денес се реализирани голем број проекти за развој на малите и средни претпријатија и граѓанското општество во Република Македонија. Особено е значајна поддршката што Фондацијата и ја дава на Република Македонија на патот кон Евро-Атлантските интеграции.

Фондацијата Konrad Adenauer (Stiftung) преку промовирање на политичка едукација и дијалог ги остварува своите определби за слобода, мир и правда. Имајќи предвид дека ова се приоритети и за Република Македонија, произлегува заклучокот дека оваа меѓусебна соработка може и треба да се продлабочува. Оваа средба е само потврда на континуираната македонско – германска соработка и заедничката заложба за подобрување и развој на приватниот сектор во Република Македонија.

Развојот на малите и средни претпријатија е еден од клучните елементи за постигнување забрзан економски раст и зголемување на вработеноста. Кај сите брзорастечки економии во светот учеството на малите и средни претпријатија во Бруто Домашниот Производ и вкупната вработеност е круцијално. Малите и средните претпријатија во развиените земји учествуваат со повеќе од 50% во вкупната вработеност и Бруто домашниот производ. Во Европската унија има 23 милиони мали и средни претпријатија што претставува 99% од вкупниот број на регистрирани претпријатија. Кај земјите со ниски приходи процентот на регистрирани мали и средни претпријатија е значително помал, но доколку се додадат малите фирми од неформалниот сектор тогаш нивното учество во економијата е значителен, и е процентуално слично со развиените земји. Според дефиницијата на малите и средни претпријатија во Република Македонија,  нивното учество во Бруто домашниот производ изнесува над 50 проценти и над ¾ од вкупниот број на вработени.

Развојот на малите и средни претпријатија значи зајакнување на конкурентноста и претприемништвото, што пак директно влијае на подобрувањето на ефикасноста, продуктивноста и степенот на иновации во економијата на една земја. За да се поттикне растот, како на малите и средни, така и на големите претпријатија потребно е квалитетно бизнис опкружување. Покрај макроекономската стабилност, брзорастечките економии во светот постојано спроведуваат микроекономски политики насочени кон отстранување на бариерите кои го попречуваат растот на малите и средни претпријатија.

Во Република Македонија основните проблеми со кои се среќаваат малите и средни претпријатија се: отежнатиот пристап до капитал, големиот број на административни бариери, преобемната регулатива и правна несигурност.

Дозволете ми да направам краток осврт на одредени аспекти од бизнис климата во Македонија и да ги претставам важните елементи на економската програма на новата Влада чија цел е постигнување на поголем економски раст преку развој на приватниот сектор односно секторот на мали и средни претпријатија.

Главните цели на Република Македонија за следните неколку години вклучуваат воспоставување на одржливи повисоки стапки на пораст и придвижување кон Европа. Завршувањето на структурните реформи и создавањето на институционална, регулаторна и административна рамка кои ќе придонесуваат за развојот на приватниот сектор е клучен предизвик за Владата. Подобреното бизнис окружување ќе помогне да се зголеми конкурентноста на земјата и да се привлечат домашни и странски инвестиции. 

Програмата на новата Влада на Република Македонија содржи бројни мерки за изградба на подобра бизнис клима која би ги поддржувала малите и средни претпријатија во меѓународното конкурентно окружување:

  • Со цел намалување на даночниот товар на претпријатија Владата донесе Одлука со која Република Македонија станува “даночен рај” за претприемачите и инвеститорите, односно има најатрактивен пакет на даноци во Европа. Република Македонија ќе има данок на добивка и персонален данок на доход со единствена стапка од 10%, при што само во 2007 година тие ќе изнесуваат 12%. Исто така, реинвестираната добивка ќе биде целосно ослободена од оданочување, односно нулта стапка. Тоа, ќе се согласите е навистина атрактивна даночна рамка и верувам дека ваквите ниски даноци ќе допринесат за раст и развој на малите и средни претпријатија во Република Македонија.
  • Регуларната комплексност претставува една од најголемите бариери особено за малите и средни претпријатија. Со цел нејзино намалување и поедноставување на регулаторната рамка до јуни 2007 година ќе се спроведе  регулаторна гилотина со која ќе се елиминираат сите неефикасни и антипазарни формалности. Прочистената регулатива ќе овозможи да се создаде Единствен национален регистар на дозволи и одобренија.  Сета регулатива која не се базира врз законски решенија или ќе се елиминира, или ќе добие законска подлога и ќе биде внесена во националниот регистер. Во насока на унапредување на регулаторната рамка ќе се воведе законски рок за давање одговор (правило дека молчењето значи согласност) за регистрација на бизниси и издавање дозволи. Ако не добие одговор претприемачот од Едношалтерскиот регистар за 3 дена, надлежната институција ќе биде должна веднаш да му ги издаде сите потребни документи за регистрација.
  • Според Испитувањето на бизнис опкружувањето на Светска банка и други меѓународни институции, корупцијата е главна пречка за донесување на инвестициони одлуки. Иако се донесени голем број на закони и правилници, досега нивната примена е слаба.  Следната фаза ќе треба да се сконцентрира на напорна работа за спроведување на овие закони. Владата на Република Македонија подготвува повеќесекторска стратегија за разрешување на клучните слабости во судството, царината и функционирањето на релевантните државни институции.
  • Подобрување на функционирањето на пазарот на труд. Клучните реформи во оваа област се: (а) флексибилна употреба на договорите на определено време и договорите на дело; (б) пофлексибилни услови за вработување; и (в) овозможување на флексибилна употреба на времените и хонорарните договори. Со овие реформи се создаваат предуслови за креирање на поголем број работни места.
  • Со цел подобрување на квалитетот на човечкиот капитал. Во ерата на економија заснована на знаење, квалитетот на образовниот систем и неговата ефективност е веројатно единствениот најважен фактор за осигурување на одржлив долгорочен раст и подобрување на конкурентноста на земјата. За таа цел реформите во образовниот систем ќе бидат насочени кон: (a) зајакнување на врските помеѓу вештините стекнати во образовниот процес и оние потребни за пазарот на труд; (б) зголемување на ефикасноста во образованието преку модернизација на наставните програми и учебниците, и поврзување на финансирањето со резултатите од образованието. Предвидуваме компјутеризација на основните и средни училишта, воведување на задолжително средно образование, воведување на предмет “бизнис и претприемништво” и други мерки за подобрување  на квалитетот на работната сила.
  • Растот на малите и средни претпријатија беше исто така попречен од лошиот пристап и високиот трошок на кредитите. Нивото на банкарско посредување во Република Македонија останува меѓу пониските во регионот. Подготвуваме сеопфатна ревизија на законската рамка за подобрување на оваа ситуација и целокупната ефикасност на банкарскиот систем. Понатамошната консолидација на банкарскиот сектор и зајакнувањето на конкуренцијата со влез на врвни странски банки ќе биде поттикнато од Владата на Република Македонија и ние набрзо очекуваме влез на најмалку една реномирана Европска банка.

За зголемување на изворите на финансирање на малите и средни претпријатија Владата на Република Македонија ќе го кофинансира воспоставувањето на 2 еквити фондови во соработка со приватни еквити фондови. Искуствата во други транзициони земји од работата на овие фондови се многу позитивни. Тие имале значајно влијание за подобрување на конкурентноста на приватните компании во локалната економија.

Ќе дизајнираме проект со кој ќе го поддржиме финансирањето на трошоците за подготовка на производството и влез на нови пазари за малите претпријатија извозници и ќе понудиме бесплатни совети за маркетинг.

Покрај овие реформи, предвидуваме и неколку дополнителни мерки:

  • Со цел намалување на оперативните трошоци на работење ќе се иницира создавање на бизнис-центри, каде малите претпријатија ќе имаат на располагање заедничка инфраструктура (сала за состаноци, компјутери и сл.). Ќе го поддржиме здружувањето на малите и средни претпријатија во асоцијации со што се создаваат можности за понатамошно намалување на оперативните трошоци преку заеднички настап на странските пазари и заеднички саемски претставувања.
  • Ќе го помогнеме формирањето мрежа од мали консултантски фирми кои ќе бидат ангажирани во изработка на инвестициски проекти, бизнис планови, маркетиншки стратегии, посредување во склучување на трговски зделки во земјата и странство.
  • Ќе ги подготвиме нашите менаџери да обезбедат конкурентска позиција на нивните производи и услуги на глобалниот пазар преку нивна обука во познати странски компании во светот. Во тие компании македонските менаџери ќе бидат вклучени во секојдневното работење со врвниот менаџмент на странската компанијата. Искуствата кои врвните македонските менаџери ќе ги добијат преку оваа програма очекуваме да помогнат во преструктуирањето на македонските претпријатија.
  • Агенцијата за поддршка на претприемништвото ќе биде зајакната кадровски и технички со цел ефикасно спроведување на активностите поврзани со развојот и инвестициите на малите и средни претпријатија.

На крај би сакал да ги информирам сите присутни дека новата Влада на Република Македонија доследно ќе ги имплементира сите реформи и проекти насочени кон зајакнување на бизнис опкружувањето во земјата што треба да придонесе за раст и развоја на малите и средни претпријатија.

Би благодарам.