Обраќање по повод формирањето на British Business Group во Македонија, 05.03.2007

Ваша екселенцијо, Почитувани учесници, Дами и господа, драги гости,

Mи преставува особена чест да учествувам на церемонијата со која се обележува формирањето на Британската бизнис групација во Република Македонија. Би сакал да ја искористам оваа прилика да ги поздравам сите присутни на овој настан и да упатам особена благодарност до оние кои учествуваа во формирањето на Британската бизнис групација, што ќе придонесе за зајакнување на економските врски помеѓу Република Македонија и Велика Британија. Македонските стопанственици преку оваа групација ќе имаат можност за подобра соработка со британски бизнисмени, и да стекнат повеќе искуства за британската деловна етика и пракса. Преку Британската бизнис групација се отвораат нови, дополнителни можности за зголемување на соработката и промоција на Република Македонија како потенцијална инвестициона дестинација за британските инвеститори.

Политичките односи помеѓу Република Македонија и Велика Британија ги карактеризира висок степен на взаемна соработка поддржана со континуирани средби на високо ниво. Особено е значајна поддршката на Велика Британија за евроатланските и европските перспективи на Република Македонија. Во однос на економската соработка, трговската размена е балансирана и заклучно со декември 2006 година изнесува околу 70 милиони долари. Одржувањето на добрите политички односи со Велика Британија и понатамошно зајакнување на економските врски се од особено значење за Владата на Република Македонија.

Формирањето на Британската бизнис групација доаѓа во период кога Владата силно работи на подобрување на деловната клима во Република Македонија.

Дозволете ми да направам краток осврт на одделни аспекти на бизнис климата во Република Македонија и да ги презентирам релевантните компоненти од економската Програма на Владата на Република Македонија кои се насочени кон постигнување на поголем економски раст преку развој на приватниот сектор.

Владата на Република Македонија излегува во пресрет на барањата на бизнисмените за подобрување на бизнис климата. Воведовме крупни даночни реформи со кои Република Македонија станува атрактивна дестинација за домашните и странски инвеститори. Со пакетот на даноци кој почна да се применува на почетокот на оваа година, Република Македонија има данок на добивка и персонален данок на доход со единствена стапка од 12%, а од 2008 истиот ќе изнесува 10%. Исто така, што е многу позначајно, реинвестираната добивка ќе биде целосно ослободена од оданочување, односно ќе се применува нулта стапка. Тоа ќе се согласите е најатрактивна даночна рамка во Европа и верувам дека многу фирми ќе ја искористат шансата за инвестирање при вакви ниски даноци.

За инвеститорите во технолошките индустриски развојни зони се предвидени дополнителни даночни, царински, инфраструктурни и други привилегии. Тука спаѓаат царински и ослободувања од данокот на додадена вредност, како и даночни ослободувања од: данок на добивка за период од 10 години; 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси и данок на имот. Земјиштето би се издавало под поволни услови и ќе бидат обезбедени инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување. Овие реформи очекуваме да ја направат Република Македонија атрактивна дестинација за странските инвеститори, а ќе ги стимулираат и домашните инвеститори.

Со цел забрзување на економскиот раст и подобрување на условите на работење на стопанствениците, Владата ја спроведува Регулаторната Гилотина за поедноставување на прописите и редуцирање на административните процедури. Оваа реформа започна кон крајот на минатата година и се очекува да заврши до јуни оваа година, при што ќе се ревидираат и укинат или поедностават стотици дозволи, лиценци, барања, одобренија и други формалности што го попречуваат нормалното работење на фирмите. Целта е да се намали регулаторната комплексност преку ревидирање и прочистување на прописите. Придобивките од оваа реформа очекуваме особено да го подобрат работењето на малите и средни претпријатија за кои обемната и комплексна регулатива претставува една од најголемите бариери. Свесни дека клучно за комплетна и успешна реализација на овој проект е придонесот од приватниот сектор, побаравме негово мислење со конкретни предлози за се` она што го оптоварува неговото работење. Од организациите кои ги претставуваат странските инвеститори, од стопанските комори, и од стопанствениците очекуваме да достават предлози за изменување или укинување на оние прописи кои наметнуваат несуштински и нелогични барања, одземаат непотребно многу време и ресурси.

Започнавме редовен дијалог со бизнис-заедницата во Република Македонија. Заедно со претставниците на деловната заедница остваруваме редовни средби на кои се разгледуваат и решаваат конкретни проблеми со кои се соочуваат фирмите. Ваквите средби со стопанствениците ќе продолжат, бидејќи само на тој начин ќе се создадат услови за унапредување и проширување на бизнис активностите. 

Во насока на поттикнување на ефикасно и транспарентно управување со јавниот сектор, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата Владата на Република Македонија во соработка со експерти од Велика Британија, работи на подобрување на институционалната рамка со цел борбата против корупцијата и организираниот криминал да биде поефикасна и да даде побрзи резултати, што веќе се случува. Во однос на судството, ставени се темелите на реформираниот судски систем во Република Македонија. Со тоа се прави голем исчекор кон остварување на независно судство преку воспоставување на судски систем кој ефикасно ќе ги спроведува законите.

За интеграција во Европската унија ќе бидат потребни правични и ефикасни пазари на имот и функционирање на системот за регистрација на имотот. Во таа насока, планираме да ги забрзаме реформите во оваа област и да имаме целосно функционален Катастар во 2008 година.

Подобрување на квантитетот и квалитетот на човечкиот капитал. Во ерата на економија заснована на знаење, квалитетот на образовниот систем и неговата ефективност е најважниот фактор за осигурување на одржлив долгорочен раст и подобрување на конкурентноста на земјата. За таа цел реформите во образовниот систем се насочени кон зајакнување на врските помеѓу образовниот процес и вештините кои ги бара приватниот сектор, што подразбира модернизација на наставните програми. Истовремено,  предвидуваме компјутеризација на основните и средни училишта, воведување на задолжително средно образование, воведување на предмет “бизнис и претприемништво” и други мерки за подобрување  на квалитетот на работната сила.

Владата на Република Македонија е цврсто решена да ја промовира Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација. Цврсто сме убедени дека единствено преку имплементирање на реформите зацртани во Програмата ќе се дојде до поголем економски раст и намалување на невработеноста. Во овој контекст, реформите ќе бидат посебно корисни за малите и средни претпријатија, кои преку здржување во бизнис асоцијации на најдобар начин ги изразуваат специфичните интереси и потреби.

Соработката меѓу Република Македонија и Велика Британија во следните неколку години треба да биде поинтензивна како во трговската размена, така и во однос на странските инвестиции. Со влезот на странски инвеститори очекуваме да се подобри технолошкото ниво и конкурентноста на економијата, да се подобри корпоративното управување и да се зголеми вработеноста.

Владата на Република Македонија, заедно со приватниот сектор во Република Македонија, Бритранската бизнис групација и британските стопанственици, ќе придонесат за остварување на овие цели со обезбедување поволно бизнис опкружување и зацврстување на економските и бизнис врски меѓу субјектите од Република Македонија и од Велика Британија.

Ви посакувам успешна работа и одлична соработка со македонските бизнис групации.

Ви благодарам.