Обраќање пред регионалните стопански комори на Прилеп и Битола, 22.03.2007

Почитувани стопанственици, Дами и господа, драги гости

Ви благодарам за поканата и можноста да се обратам на денешниов настан организиран од Стопанската Комора на Република Македонија. Ми претставува особено задоволство да го посетам Прилеп и да остварам средба  со стопанствениците и бизнисмените кои се членови на Регионалните стопански комори од Прилеп и Битола. Би сакал да ги поздравам сите присутни и да упатам особена благодарност до претставниците на Стопанската комора кои со својата работа даваат значителен придонес во унапредувањето на дијалогот меѓу бизнис-заедницата и Владата на Република Македонија. Компаниите кои се членки на Стопанската комора на Македонија имаат можност да предлагаат мерки и активности за унапредување на инвестиционата клима во Република Македонија.

Подобрувањето на инвестиционата клима и остварувањето на поголем економски раст преку развој на приватниот сектор е еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија. Завршувањето на структурните реформи и создавањето на институционална, регулаторна и административа рамка кои ќе придонесуваат за развојот на приватниот сектор е клучен предизвик за Владата. Подобреното бизнис опкружување ќе помогне да се зголеми конкурентноста на земјата и да се привлечат повеќе домашни и странски инвестиции.

Дозволете накратко да се осврнам на одделни аспекти на бизнис климата во Република Македонија и да ги презентирам активностите кои Владата ги презема во насока на подобрување на деловното опкружување во земјата.

Започнавме редовен дијалог со бизнис-заедницата во Република Македонија. Заедно со Стопанската комора и останатата деловна заедница остваруваме редовни средби на кои се разгледуваат и решаваат конкретни проблеми со кои се соочуваат фирмите - членки на овие организации. Ваквите средби со стопанствениците ќе продолжат, бидејќи само на тој начин ќе се намали ризикот и трошоците на работењето и ќе се создадат услови за унапредување и проширување на нивните бизнис активности. 

Во рамки на Владината реформска агенда за намалување на бирократските процедури, ја воведовме Регулаторна гилотина преку која ќе се изврши т.н. кастрење на прописите и формалностите. Оваа реформа започна кон крајот на минатата година и се очекува да заврши до јуни оваа година, при што ќе се ревидираат и укинат или поедностават стотици дозволи, лиценци, барања, одобренија и други формалности што го попречуваат нормалното работење на фирмите. Целта е да се намали регулаторната комплексност преку ревидирање и прочистување на прописите и формирање на Единствен електронски регистар на прописи со цел добивање на едноставен и јасен преглед на регулативната рамка и формалностите за водење бизнис во Република Македонија.

Свесни дека клучно за комплетна и успешна реализација на овој проект е придонесот од приватниот сектор, побаравме негово мислење со конкретни предлози за се` она што го оптоварува неговото работење. Мината недела Владата на Република Македонија потпиша Меморандум за соработка со шест бизнис асоцијации меѓу кои и Стопанската комора на Македонија. Со него се предвидува вклучување на бизнис заедницата како партнер на Владата во реализацијата на овој проект.

Досега Стопанската Комора на Македонија достави 65 обрасци во кои се предлагаат повеќе од 200 измени и укинувања на постоечки прописи кои го отежнуваат работењето на бизнисите. Од членовите на Регионалните стопански комори очекувам да достават предлози за изменување или укинување на оние прописи кои наметнуваат несуштински и нелогични барања, одземаат непотребно многу време и ресурси.

Слично на денешниот настан подготвуваме поинтензивни средби со деловната заедница и во другите градови во Република Македонија и поголема медиумска покриеност, со цел овој значаен проект да го доближиме и до граѓаните.

Воведовме крупни даночни реформи со кои Република Македонија станува атрактивна дестинација за домашните и странски инвеститори. Со пакетот на даноци кој почна да се применува на почетокот на оваа година, Република Македонија има данок на добивка и персонален данок на доход со единствена стапка од 12%, а од 2008 истиот ќе изнесува 10%. Исто така, што е многу позначајно, реинвестираната добивка ќе биде целосно ослободена од оданочување, односно ќе се применува нулта стапка. Само во 2007 година има лимит од 50% од даночната основа на која се однесува ослободувањето. Убедени сме, дека тоа ќе придонесе многу фирми да ја искористат шансата за инвестирање при вакви ниски даноци. Воедно, интензивно работиме и на поедноставување на даночните процедури.

Понатаму, во однос на подобрување на функционирањето и ефикасноста на пазарот на труд клучни реформи кои ги започнавме во оваа област се: (а) флексибилна употреба на договорите на определено време и договорите на дело; (б) пофлексибилни услови за вработување; (в) намалување на придонесите во случај на невработеност на просечното ниво и траење како во земјите на ОЕЦД; и (г) овозможување на флексибилна употреба на времените и хонорарните договори. Очекуваме со овие реформи да се поттикне создавањето на нови работни места.

Во насока на поттикнување на ефикасно и транспарентно управување со јавниот сектор, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата Владата на Република Македонија работи на разрешување на клучните слабости во релевантните државни институции. Започнавме со техничко опремување на граничните премини со кое работењето на царината целосно ќе се интегрира во единствен компјутеризиран систем. Ќе се воведе менаџирање на царинската постапка со кое ќе се пропишат стандарди за времетраењето и начинот на спроведување на одделни фази од царинската постапка.

Во однос на судството, ставени се темелите на реформираниот судски систем во Република Македонија. Со тоа се прави голем исчекор кон остварување на независно судство преку воспоставување на судски систем кој ефикасно ќе ги спроведува законите. Исто така, воведуваме механизми за забрзување во решавањето на судските предмети.

Почитувани стопанственици,

Нашите заложби за подобрување на бизнис климата беа потврдени со вчерашната одлука на германскиот гигант Siemens за отворање на софтверски центар во Република Македонија. Се надеваме дека ваквиот пример ќе го следат други домашни и странски стопанственици кои ќе ја препознаат јасната определба на Владата за повисок економски раст и развој на приватниот сектор.

Сметам дека секоја помош во насока на постигнување на поставените цели е добродојдена, и затоа, Владата на Република Македонија, и јас како нејзин Премиер, го поздравуваме и подржуваме Вашето работење. Но истовремено, ја бараме и Вашата поддршка во остварувањето на нашите програмски определби насочени кон стабилна, развиена и просперитетна Република Македонија.

Во таа насока, Владата на Република Македонија останува отворена за континуиран дијалог со Стопанската комора на Република Македонија. Очекуваме нашата соработка во иднина да биде уште поблиска и подобра, што е во интерес на сите нас и на граѓаните на Република Македонија.

Ви благодарам.