Обраќање по повод нови капитални инвестиции на Макстил - Скопје, 16.04.2007

Почитувани домаќини, дами и господа, драги гости,

Ни претставува големо задоволство, да присуствуваме на овој значаен настан денес со кој се најавува почеток на нова, и што е уште позначајно, домашна инвестиција вредна над 22 милиони Евра, со дополнителни 20 милиони Евра за инвестиции во заштитата на животната и работната средина.

Оваа инвестиција целосно се вклопува во напорите на Владата на Република Македонија за креирање услови за развој на приватниот сектор и стимулирање на севкупните инвестиции, со цел постигнување повисок економски раст и отворање нови работни места. 

Мерките што Владата ги презема, а кои се однесуваат на реформи во даночната област и царините, намалување и поедноставување на регулативата, реформи во катастарот, судството, финансискиот сектор и образованието, како и модернизирање на инфраструктурата, несомнено водат до подобрување на вкупната инвестициона клима и зголемување на конкурентноста на македонските компании.

Пример за ова е новата инвестиција на Макстил, водечката македонска компанија во челичната индустрија и еден од носителите на македонската индустрија и извоз, која финансиски е поддржана од Стопанска Банка – Скопје. Особено ме радува што ќе се инвестира во воведување нови технологии и проширување на постојните капацитети, што пак директно ќе придонесе за значителен пораст на производството и извозот на челик. Исто така, значајно е што оваа инвестиција се реализира во време кога метало-преработувачката, посебно челичната индустрија е во подем што гарантира сигурен поврат и максимално искористување на бенефитите што ги нудат светските берзански движења.

Ефектите пак, за македонската економија од оваа домашна инвестиција се повеќекратни: пораст на индустриското производство, отворање нови работни места, зголемување на извозот, воведување нови технологии, вклучително и повисоки еколошки стандарди и подобрување на конкурентноста.

Инвестицијата која денес се најавува е многу позитивен сигнал и за останатите домашни инвеститори и доказ дека Владата спроведува конзистентни политики и реформи кои во фокусот го имаат развојот на приватниот сектор. Убеден сум, дека вакви инвестиции многу брзо ќе се реализираат и во други домашни компании во овој и останатите сектори и конечно ќе започне долгоочекуваниот инвестициски циклус во македонската економија.

Им честитам на Макстил и на Стопанска банка АД Скопје за овој значаен деловен потфат, со желба за понатамошна успешна работа.

Ви благодарам.