Обраќање на меѓународен бизнис форум во Скопје, 17.09.2007

Почитувани екселенции, Почитувани претприемачи и менаџери, Дами и господа, драги гости

Како Вицепремиер задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија, задоволство ми е да се обратам на овој бизнис форум во организација на Фондацијата Борис Трајковски и Норвешката асоцијација на мали бизниси и да ги поздравам бројните гости - домашни и странски бизнисмени, постојни и потенцијални инвеститори. 

Во моето излагање, ќе ги изнесам главните причини зошто денес да се инвестира во Република Македонија и што презема Владата за креирање поволна бизнис клима.

Дозволете ми да започнам со потенцирање на клучните приоритети во Економската програма по кои се води нашата Влада, а тоа се достигнување и одржување на повисок економски раст и зголемување на стандардот на населението. За реализирање на овие цели, фокусирани сме на подобрување на бизнис климата и создавање услови за развој на приватниот сектор и зајакнување на неговата конкурентност.

Република Македонија во континуитет ги одржува политичката и макроекономската стабилност, кои се главни предуслови за економски развој.

Политичка стабилност. Македонија е успешен пример за мултиетничка држава во која посебно внимание се посветува на развој и негување на демократски процеси, подобрување на меѓуетничките односи и водење мирољубива регионална политика. Нашата определба за евроатланска интеграција се потврди со статусот што Македонија го доби на земја кандидат за ЕУ и поканата за интегрирање во НАТО што ја очекуваме во Април 2008 на Самитот во Букурешт. Истовремено, очекуваме во првата половина од 2008 година Македонија да добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

Макроекономска стабилност. Македонија има долга историја на макроекономска стабилност со ниска инфлација, која во просек во поледните 10 години изнесува околу 2%, избалансирани јавни финансии со низок дефицит од 1%, високо ниво на девизни резерви, стабилен курс на денарот и низок јавен долг од околу 32% од БДП. Како резултат на прудентните макроекономски политики добивме позитивни оценки од меѓународните финансиски институции и неколку реномирани светски кредитни агенции. Така, неодамна рејтингот на Република Македонија беше зголемен на ББ+ со позитивна перспектива.

-Растот на Бруто домашниот производ од 7 % во првиот квартал од годинава е историски највисок и укажува на забрзан раст на македонската економија. Притоа, извозот во првата половина од годинава бележи зголемување од 50 % споредено со истиот период лани.

Приливот на странски директни инвестиции во првите шест месеци изнесува над 120 милиони евра, што е повеќе отколку просекот за цела година во изминатиот период.  

Накратко, ќе ги презентирам политиките и мерките за подобрување на деловното опкружување и привлекување инвестиции.

- Со данокот на добивка и данокот на доход кои од почетокот на 2008 година ќе изнесуваат само 10%, Македонија има најнизок рамен данок во Европа и најповолен пакет на даноци. За бизнисмените, многу позначајно е што реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување.  Поволностите од ваквите ниски даноци, сигурни сме ќе ги искористат многу компании.

Во изминатава година воспоставивме редовен дијалог со бизнис-заедницата. Заедно со стопанските комори и другите домашни и странски бизнис асоцијации остваруваме средби, решаваме конкретни прашања и предлози и се консултираме за политиките кои ги спроведуваме.

- Мотото на оваа Влада е „бизнискратија наместо бирократија“.  Затоа, ја имплементираме Регулаторната гилотина и веќе усвоивме сет на мерки со кои ги поедноставуваме бирократските процедури во стотици закони и подзаконски акти.

Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата на граѓаните и бизнисмените во пропишаниот рок. Со ова правило, доколку во предвидениот рок не се добие одговор, се смета дека одговорот е позитивен.

Ги намаливме тарифите и надоместоците и до 50 отсто кај десетина државни институции, меѓу кои Централниот регистар, Катастарот, Царинската управа, Бирото за метрологија, итн.

Значително ги поедноставуваме и забрзуваме царинските процедури за увоз и извоз како и постапките за добивање дозволи за градба. Што е многу значајно, имплементираме крупни реформи во Катастарот, се со цел далеку поголема ефикасност во запишување на правата на сопственост и негова целосна функционалност и дигитализација до крајот на 2008.

Во однос на започнувањето бизнис, задоволство ми е да објавам дека фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа, без потребен почетен капитал.

- Со донесување на новиот Закон за банки дополнително го либерализиравме финансискиот сектор и овозможивме влез на реномирани банки и странски компании во осигурителниот и секторот за лизинг. Во Македонија, веќе се присутни светскиот реномиран бренд, француската Societe Generale; австриските ГРАВЕ и Хипо Алпе Адриа; како и словенечките Триглав и Сава-Ре. Очекуваме влез на нови странски банки и инвестициски фондови во Република Македонија. Македонската берза за хартии од вредност има висок тренд на раст, кој очекуваме да продолжи со приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО и економското закрепнување.

Зголемувањето на конкурентноста е еден од нашите клучни приоритети и затоа интензивно инвестираме во развој на човечкиот капитал преку модернизација на образованието, прилагодување на програмите кон потребите на бизнисот и развој на претприемништвото. Воведовме задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата преку Проектот “Компјутер за секое дете“, мандаторно изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво. Со цел подигање на квалификациите и конкурентноста на работната сила, спроведуваме бројни програми за доедукација и тренинг.

Во делот на инфраструктурата - транспортот и енергетскиот сектор преземаме низа активности:

- За комплетна модернизација на Македонските аеродроми преку концесиски модел, како и изградба на незавршените патнички и железнички делници од Коридорите 8 и 10.

- За значително подобрување на снабденоста со електрична енергија, инициравме инвестициски циклус од околу 1,5 милијарди евра во инвестирање и изградба на термо, хидро и гасни централи. Веруваме дека со трите големи хидроцентрали: Чебрен, Галиште и Бошков Мост, 400-те мали хидроцентрали, новите странски инвестиции во термоелектраната Тец Неготино и инвестициите во нова комбинирана топлинска и гасна централа, Република Македонија од нето увозник ќе стане извозник на електрична енергија во регионот.

- Посебен приоритет за наредните 2 години е гасификација на Македонија, преку заокружување на гасоводниот прстен околу Скопје, доизградба на главни гасоводни мрежи најпрво до слободните економски зони, а потоа и до другите градови во Македонија и овозможување услови за изградба на дистрибутивни мрежи во сите населени места.

- Заложбата на Владата за либерализација на телекомуникациските услуги и за намалување на цените се потврди со влез на нови оператори во фиксната и мобилната телефонија, како и во понудата на нови интернет услуги. Овој месец со работа започна новиот оператор, австриски Мобилком, со што драстично ќе се намалат цените во мобилната телефонија, а истото очекуваме да се случи со цените и во фиксната телефонија. Намалување на цените на интернет услугите се очекува со започнување на активностите на Космотел Ко и Некском, како и на другите регионални WiMAX оператори.

Со цел промовирање на Македонија во атрактивна бизнис дестинација, воспоставивме уникатна институционална архитектура преку т.н. Тим Македонија, во кој Премиерот заедно со економските министри во Владата преку roadshows во Италија, Австрија, Германија и други земји во светот ја промовира Македонија како атрактивна дестинација за инвестирање. Во овој тим се вклучени и двајцата министри задолжени за привлекување странски инвестиции и директорот на Агенцијата ИнвестМакедонија. Истовремено, спроведуваме агресивна промотивна кампања во најреномираните странски весници и ги презентираме предностите за инвестирање во Македонија.

Владата е посебно фокусирана за развој на слободните економски зони. Формирани се четири вакви зони од кои две во близина на Скопје и по една во Штип и Тетово. Изградбата на инфраструктурата во зоната Бунарџик е во завршна фаза, при што довршувањето и развојот на оваа зона, како и на останатите ќе биде реализирана преку модел на јавно - приватно партнерство, по пат на меѓународен јавен тендер.

За инвеститорите во зоните предвидовме даночни, царински, инфраструктурни и други привилегии. Тука спаѓаат царински и ослободувања од Данокот на додадена вредност, како и ослободувања од: i/ Данок на добивка за период од 10 години; ii/ 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; iii/ даночно ослободување на реинвестираната добивка; iv/ ослободување од административни такси и данок  на имот. Земјиштето се издава под поволни услови за период од најмногу до 75 години заедно со  инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

Владата, на отворен и транспарентен начин на заинтересираните домашни и странски инвеститори ќе им ги обезбеди сите потребни услови за да можат непречено да ги реализираат своите инвестициони проекти во Република Македонија. Пакетот на погодности за инвеститорите во зоните ќе биде одобруван експресно во период не подолг од 10 дена.

Верувам дека изнесов доволно аргументи зошто инвеститорите да ја одберат токму Македонија за воспоставување или проширување на својот бизнис. Дозволете ми да ги сумирам тие аргументи на следниот начин:

  1. Статус на земја кандидат за ЕУ и НАТО
  2. Макроекономска стабилност
  3. Најатрактивен даночен пакет во Европа
  4. Посебни погодности во Слободните економски зони
  5. Млада и конкурентна работна сила
  6. Проширен пазар од 650 мил. потрошувачи
  7. Квалитетна инфраструктура
  8. Влада која има отворен и транспарентен однос кон инвеститорите и е цврсто решена да ја подобри економската иднина на Република Македонија.

На крајот, би сакал да ви посакам корисни дискусии за време на форумот и успешна идна соработка со Владата и македонските бизнисмени.

Ви благодарам.