Обраќање по повод спроведените активности на фондацијата Krimson за поддршка на малите и средни претпријатија, 27.09.2007

Почитувана г-ѓа Амбасадор, Ваши екселенции, Драги гости, дами и господа,

Чест ми е да се обратам на денешниот настан и да ги поздравам активностите на Фондацијата Кримсон за развој на малите и средни претпријатија во Република Македонија.

Навистина е за поздрав податокот за пласирани над 11 милиони УСД кај македонските мали и средни претпријатија, преку Фондацијата Кримсон.

Потврдено е дека, кај сите брзорастечки економии во светот основа за одржување на високи стапки на раст и висок животен стандард е динамичниот приватен сектор во кој фирмите инвестираат, креираат работни места и ја подобруваат продуктивноста. Во таа насока, особено значајно е учеството на малите и средни претпријатија во Бруто домашниот производ и вработувањето.

Во Македонија, секторот на МСП придонесува со над 50% во БДП и вработува повеќе од ¾ од вкупниот број на вработени.

Од тие причини, Владата на Република Македонија во изминатата година интензивно се посвети на решавање на основните проблеми со кои се соочува овој сектор и на создавање услови за негов подинамичен раст и развој.

- Спроведовме амбициозни даночни реформи, преку воведување на рамен данок со стапка од 10%, со што Македонија доби најнизок и најповолен пакет на даноци во Европа. Уште позначајно за претприемачите, е што реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување.

Со цел натамошно поедноставување на даночните процедури и подобрување на квалитетот на услугите на Управата за јавни приходи, започнавме активности за воспоставување посебни канцеларии за мали и средни даночни обврзници.

- Ја имплементираме Регулаторната Гиљотина – еден од најзначајните реформски проекти во последнава деценија. Проект кој е од исклучително значење за подобрување на условите за водење бизнис преку поедноставување на бирократските и регулаторни процедури во стотици закони и подзаконски акти.

Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата на бизнисмените и граѓаните во пропишаниот рок. Со ова правило онаму каде што е воведено, доколку во предвидениот рок не се добие одговор, се смета дека одговорот е позитивен.

Заради редуцирање на трошоците за водење бизнис ги намаливме и до 50 % надоместоците за услугите кај десетина државни институции, меѓу кои Централниот регистар, Катастарот, Царинската управа, Бирото за метрологија, итн.

Значително ги поедноставуваме и забрзуваме царинските процедури за увоз и извоз како и постапките за градење.

Како заокружување на овој проект, а во функција на подобрување на транспарентноста, предвидливоста и достапноста, работиме на воспоставување Единствен електронски регистар на важечки прописи и бизнис формалности.

- Владата работи и на подобрување на пристапот до капитал за малите и средни претпријатија. Познато е дека конкуренцијата е најспонтаниот регулатор кој ги доближува интересите на корисниците и давателите на услуги. Во таа насока, пристапивме кон либерализирање на финансискиот сектор, со што резултатите се веќе видливи. Светскиот реномиран бренд Societte Generale е присутен во банкарскиот сектор; словенечките Сава-Ре, Триглав и австриски Граве во осигурителниот сектор; како и Хипо Алпе Адриа во лизинг секторот. Со новиот Закон за банки го овозможивме основањето на филијали на реномирани странски банки во Македонија, со што дополнително ќе се олесни пристапот до капитал потребен за финансирање на нови инвестициони проекти.

Истовремено, Македонската банка за поддршка на развојот преку повеќе кредитни линии го финансира извозот и проширувањето на производствените капацитети на македонските претпријатија. Во следниот период, преку неа ќе реализираме неколку програми за дополнителна поддршка на малите и средни бизниси.

За обезбедување дополнителни извори на финансирање на МСП, Владата ќе го кофинансира воспоставувањето на еквити фондови врз база на партнерство  со приватни еквити фондови.

- Во Катастарот спроведуваме крупни реформи, со цел поголема ефикасност во работата на службите и брзо запишување на правата на сопственост врз недвижности. Неговата целосна функционалност и дигитализација ќе биде комплетирана до крајот на 2008.

- Во однос на започнувањето бизнис, задоволство ми е да потенцирам дека фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа, без потребен почетен капитал.

- Инвестирањето во човечки капитал на долг рок е од непроценлива вредност за развојот на нашата земја. Затоа го модернизираме образованието преку воведување задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата преку Проектот “Компјутер за секое дете“, задолжително изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво, како и реализација на програми за тренинг и доедукација. Само на таков начин, приватниот сектор ќе има пристап до квалитетна и конкурентна работна сила.

- Во изминатава година воспоставивме континуиран дијалог со бизнис-заедницата. Остваруваме редовни средби со стопанските комори и со странските бизнис асоцијации,  решаваме конкретни прашања, дискутираме за предлози и се консултираме за политиките кои ги спроведуваме.

- Владата ќе продолжи со политика на Нулта толеранција за корупцијата и борба против организираниот криминал, како и заштита на правата од интелектуалната  сопственост.

Почитувани дами и господа,

Како резултат на овие реформи, Македонија во 2007 година има подобра бизнис клима.

Тоа го констатираат домашните и странските бизнисмени, тоа го слушаме од ММФ, Светска банка и другите меѓународни институции. Конечно, истото е верификувано преку фантастичниот резултат објавен  вчера во извештајот на Светска Банка Doing Business 2008: Македонија е на 4-то место во спроведувањето на реформи во конкуренција на 178 земји. Четврта на листата на топ десет реформатори во светот.

Владата на Република Македонија во соработка со приватниот сектор, донаторите и меѓународните финансиски институции ќе продолжи да работи кон остварување на целта: Македонија – земја со еднакви и поволни инвестициски можности за сите.

Ви благодарам.