Обраќање пред македонски и бугарски стопанственици - Скопје, 29.11.2007

Ваша екселенцијо, Почитуван заменик министер за економија на Република Бугарија, Почитувани стопанственици, Дами и господа, Драги гости од Република Бугарија и од Република Македонија

Како вицепремиер во Владата на Република Македонија надлежен за ресорот економија, ми претставува посебна чест што сум дел од денешниот бизнис форум на стопанственици од Република Македонија и Република Бугарија.

Дозволете ми на почетокот да им се заблагодарам на организаторите - Сојузот на Стопански комори на Македонија и Амбасадата на Република Бугарија во Република Македонија што ја овозможија оваа средба и ги споија бизнисмените од двете земји, и воедно да им посакам добредојде на сите учесници.

Ќе се согласите, ваквите средби на стопанственици од двете земји се особено значајни за трансфер на искуства, проширување на можностите за соработка и зголемување на меѓусебната трговска размена и инвестициите од двете земји. 

Наша трајна определба е да ги негуваме воспоставените добрососедски односи со Република Бугарија, која како земја членка на ЕУ и НАТО и дава континуирана поддршка на Македонија во процесот на евро – атлантското интегрирање.

Во делот на економската соработка, од почетокот на оваа година трговските односи и размената се одвиваат согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Членството на Бугарија во ЕУ има посредни позитивни ефекти и врз работењето на македонските компании кои преку бугарските пазари ги зголемија своите пласмани и освоија нови купувачи. Оваа година за првпат после подолг период имаме избалансирана трговската размена со 172 милиони Евра на страната на извозот и 178 милиони Евра на страната на увозот, со што е забележан раст на извозот од дури 95%. Бугарија останува шести најзначаен трговски партнер на Македонија, со обем на трговска размена од 350 милиони долари во првите девет месеци од годинава, што претставува раст од 30% споредено со истиот период лани.

Овие позитивни движења потврдуваат дека постои потенцијал за зголемување на размената и интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете земји, како и за нови директни инвестиции. Странските директни инвестиции од Бугарија во Македонија бележат пораст и веруваме дека овој тренд на раст ќе продолжи и во иднина.

Дозволете ми да ви ги презентирам реформите кои ги спроведовме во изминатава година во повеќе области.

Во делот на даночниот систем воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход од 1 Јануари 2008 година ќе изнесуваат само 10% што е најниско ниво во Европа, а реинвестираната добивка целосно ја ослободивме од оданочување. Предвидовме дополнителни даночни поволности во технолошко индустриските развојни зони. Во таа насока, ги поддржуваме најавите на Владата на Република Бугарија за воведување на рамен данок со ниска стапка. Искуството на Македонија покажува дека рамниот данок позитивно влијае за зголемување на инвестициите и намалување на даночната евазија.

Во делот на процедурите за плаќање даноци, на најголемите даночни обврзници им овозможивме сите даночни пријави да ги доставуваат по електронски пат до Управата за јавни приходи, а се преземаат активности ваков тип на услуга да добијат и средните и малите даночни обврзници. Паралелно, воведуваме мерки за интегрирана наплата на сите социјални придонеси по електронски пат.

Во рамки на регулаторните реформи ја имплементираме Регулаторната гиљотина. Овој месец Владата го финализираше пакетот на мерки со кои се елиминираат и поедноставуваат бирократските процедури и формалности во законската регулатива.

Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ со кое за конкретни постапки, доколку администрацијата не одговори на барањата на граѓаните и бизнисмените во пропишаниот рок, ќе се смета дека е даден позитивен одговор. Истовремено, драстично ги скративме општите рокови за донесување на решенија, согласности, дозволи и сл.

За подобрување на стандардите за професионално однесување и работење на јавната администрација, слично како и во Бугарија, Владата започнува со спроведување на проектот Таен клиент преку кој по пат на тајно следење и истражување ќе се оцени работата на министерствата, агенциите, бироата, фондовите, заводите и други органи на државната управа.

Надоместоците и тарифите што се плаќаат за користење на услугите на државните институции како што се Централниот регистар, Катастарот, Царинската управа, Бирото за метрологија ги намаливме до 50%.

За непречено одвивање и зголемување на протокот на стоки, значително ги поедноставивме и забрзавме царинските процедури за увоз и извоз, а во тек е изработка на Царински Едношалтерски Систем за електронско пријавување за добивање увозно-извозни дозволи.

Во однос на започнувањето бизнис, би сакал да ги информирам бугарските бизнисмени дека фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа.

Во Катастарот, имплементираме крупни реформи, се со цел далеку поголема ефикасност во запишување на правата на сопственост и негова целосна функционалност и дигитализација до крајот на 2008. Воедно, значително ги поедноставивме постапките за добивање на дозволи за градба.

Воспоставивме редовен дијалог со бизнис- заедницата и заедно со стопанските комори и бизнис асоцијациите дискутираме по конкретни прашања и проблеми во работењето и се консултираме за политиките што ги спроведуваме. Компаниите - членки на Сојузот на стопански комори имаат можност активно да се вклучат со предлагање мерки и решенија за подобрување на нивната конкурентност, а со тоа и олеснување на условите за водење бизнис.

Зголемувањето на конкурентноста е еден од нашите клучни приоритети и затоа интензивно инвестираме во развој на човечкиот капитал преку модернизација на образованието, прилагодување на програмите кон потребите на бизнисот и развој на претприемништвото. Воведовме задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата, облигаторно изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво.

Еден од проектите кој Владата ќе го спроведе, а е насочен кон зголемување на конкурентноста на македонските компании е проектот „Топ менаџмент“. Преку овој проект на македонските менаџери ќе им овозможиме да се обучуваат во компании во странство од иста или слична дејност, за да се стекнат со современи вештини, знаења и деловна пракса за управување и одлучување. Тоа ќе се придонесе за поуспешно и поконкурентно работење и пристап на странски пазари.

За подобрување на инфраструктурата - транспортот и енергетскиот сектор, Владата спроведува низа активности кои опфаќаат: 1/ модернизација и зголемување на капацитетот на Македонските аеродроми; 2/ изградба на преостанатиот дел од автопатот на коридор 10 за што веќе се обезбедени финансиски средства; 3/ модернизација на железничкиот сообраќај и 4/ изградба на коридорот 8 преку концесиски модел со што ќе се олесни комуникацијата и протокот на стоки и услуги помеѓу Македонија и Бугарија.

Во јануари годинава потпишавме Трипартитна конвенција за нафтоводот АМБО, чија изградба се очекува да започне во 2008.

За подобрување на снабденоста со електрична енергија, инициравме значаен инвестициски циклус од 1.5 милијарди Евра за изградба на термо, хидро и гасни централи, вклучително и трансмисиски линии на гас.

Почитувани стопанственици,

Како резултат на овие реформи, порастот на Бруто домашниот производ во првата половина од годинава изнесува 5.5 - 6%, што е историски највисок пораст и укажува на забрзан раст на македонската економија и остварување на таргетот од 6% на крајот на годината. Реформите спроведени во измината година говорат и за подобра бизнис клима во земјата и значителен пораст на странските директни инвестиции. Домашните и странските бизнисмени, го чувствуваат раздвижувањето во економијата и позитивните промени. Истото, се потврди во извештајот Doing Business на Светската банка каде за 2007 година сме рангирани на високото 4 место по условите за вршење на бизнис, помеѓу светските топ реформатори во конкуренција со 178 земји во светот. Позитивните оценки за економските реформи ги пофали и ММФ и останатите меѓународни финансиски институции. 

Во изминатите 15 месеци преку 10-тина крупни реномирани странски инвеститори ја избраа Македонија како инвестициона дестинација. Задоволство ми е да известам дека вчера бордот на Директори на британската компанија Џонсон Мети донесе конечна одлука да инвестира во Република Македонија над 100 милиони фунти во изградба на фабрика за производство на автомобилски катализатори во слободната економска зона Скопје, што претставува втора гринфилд инвестиција во секторот за автомобилски компоненти после Џонсон Контролс. Исто така, се надевам дека бугарските бизнисмени ќе ги искористат предностите кои Македонија ги нуди за инвестирање во и надвор од слободните економски зони и за проширување на нивните бизниси и ќе остварат успешна соработка со македонските компании.

На крајот, ви посакувам корисни дискусии за време на овој деловен форум, со желба истите да се претворат во конкретни бизнис зделки кои ќе бидат од корист за вас, за Република Македонија и за Република Бугарија.

Ви благодарам.