Обраќање пред Сојуз на стопански комори на Македонија, 23.12.2007

Почитуван претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија,

Почитувани претставници на Владата, Уважени стопанственици, Драги пријатели,

Ми претставува големо задоволство што имам можност да остварам средба со стопанствениците од Сојузот на стопански комори на Македонија, што претставува континуитет на партнерството и интензивната комуникација и соработка кои оваа Влада ги воспостави со бизнис секторот на една поинаква, квалитетна и динамична основа.

Завршетокот на годината е одлична можност за да се направи евалуација на сработеното, согледување на постигнатите резултати и сферите каде е потребно да се вложат дополнителни напори, како и определување на правците на идниот ангажман и активност.

Уште од првиот ден на своето работење, оваа Влада како еден од главните приоритети и предизвици пред себе го постави економското зајакнување на Република Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Сите мерки и политики кои ги преземаме се во насока на подобрување на вкупниот амбиент за водење бизнис, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања.

Изминатава година вложивме големи напори за подобрување во сите сегменти на економското работење, а меѓународните финансиски институции, бизнисмените, инвеститорите и граѓаните го почувствуваа тоа. За ваквиот ангажман добивме и низа на релевантни признанија, како она од Светската банка која го верификуваше нашиот прогрес и не рангираше на високото 4 – то место на листата на топ 10 светски реформатори.

Покрај Doing Business, годинава според анализата на Transparency International Македонија забележа подобрување за 20 места на индексот за перцепција на корупцијата. Тоа е досега најголема потврда која ја добила оваа држава за успешно спроведените реформи и силната борба против корупцијата и организираниот криминал, што пак е во тесна корелација со севкупното подобрувањето на економскиот амбиент.

Ќе се согласиме дека реформирањето на бизнис амбиентот бара исклучително силно лидерство, кое е неопходно да има визија, енергија и знаење, а Владата во изминатава година покажа дека го поседува тоа.

Дозволете ми да ја искористам оваа можност да се осврнам на најкрупните реформи и чекори кои оваа Влада ги презема во изминатиов период.

Постигнавме значителен прогрес во скратување на постапките за отпочнување на бизнис по сведување на рокот за регистрација на фирма на 3 дена, кој потоа дополнително го намаливме на само 4 часа, а укинат е и основачкиот капитал потребен за основање на фирма. Во оваа област Македонија се најде на 21 место споредено со 178 земји во светот, со што е направен скок од дури 61 место во однос на 2006 година.

Имаме голем напредок во делот на регулаторната гиљотина, поедноставување и скратување на постапките за добивање лиценци, градежни дозволи и царински формалности. Третата област, по која Македонија ја издвојуваат од другите земји е намалувањето на даноците и олеснувањето на даночните процедури. Да потсетам, Владата ги намали данокот на добивка и персоналниот данок на доход на 12% во 2007 година, а од 1 јануари 2008 ќе се намалат на само 10%. Истовремено, реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување.

Спроведовме и низа на мерки кои значително ја подобрија состојбата на бизнисмените. Така на пример, ги намаливме трошоците на телефонските услуги, преку либерализација на телекомуникаискиот пазар, го скративме времето на враќање на ДДВ-то на максимални 30 дена, за разлика од минатото кога повратокот на овој данок доцнеше со месеци. Целосно се елиминирани така наречените “политички инспекции“ на Управата за јавни приходи и другите инспекциски органи. Потоа ги започнавме реформите во Катастарот, каде не очекува уште работа во следниот период. Го воведовме правилото “молчењето е одобрување“ кое предвидува доколку граѓаните и бизнисмените не добијат одговор на своите потреби и барања, во рокот кој е утврден со закон, се смета дека одговорот е позитивен.

Понатаму, укинат е потребниот капитал за отворање на нови бизниси, намалени се трошоците за формирање и одјавување на компанијата во Службен весник, речиси се преполовија трошоците што фирмите и приватниот сектор ги наплаќаа кон Централниот регистар и кон другите државни институции.

Во Парламентот ги доставивме законите кои се од големо значење за градежниот бизнис, со кои драматично се намалуваат роковите и процедурите за градење. Се скратуваат и процедурите за носење и измена на урбанистичките планови, се забрзува процедурата за регистрација на имот, се воведуваат етапни инспекции за проверување на изградбата и уште многу значајни промени. Со новиот Закон кој треба да се изгласа, се воведува и правилото “молчењето е одобрување“, со што барањата на градежните фирми нема повеќе да можат да стојат по фиоките на службениците.

Дозволете ми да ги нагласам реформите во уште една област каде постигнавме значен напредок, а се однесува на условите за тргување односно царинските процедури за увоз и извоз. Реформите во Царината, во насока на поедноставни и поевтини  постапки, воведувањето на едношалтерски систем во царинското работење, како и во однос на радикално намалување на корупцијата која беше присутна таму, придонесоа за скок од 26 места во Doing Business извештајот.

Во однос на затворањето на бизнисите, исто така воведуваме позитивни промени. Со измените на законот за стечај, кој е во согласност со сите европски норми, стечајните постапки се значајно забрзани, и од неколку години, како што беше предвидено со стариот закон, сега се сведени на девет месеци. Секоја постапка што е започната со новиот Закон е завршена за девет месеци, што значи дека како што минува времето, така ќе се менува и перцепцијата за стечајните постапки. Во делот на реализацијата на хипотеките, банките велат дека немаат сериозни проблеми. И покрај тоа ние се трудиме секаде каде има некакви постапки кои можат да се забрзаат, да ги забрзаме.

Почитувани дами и господа,

Како резултат на целокупните реформи Македонија денес има далеку поповолна бизнис клима. Бруто домашниот производ бележи забрзани стапки раст, високи 7% во првиот квартал и солидни 4% во вториот, што е основа да очекуваме до крајот на годината на годишно ниво да се реализира историски највисок пораст на БДП досега.

Ваквите позитивни движења се резултат на растот на индустриското производство и на 50 процентното зголемување на извозот во првите 6 месеци од годинава.

Нивото на странски инвестиции е зголемено и изнесува повеќе од 150 милиони Евра заклучно со јули 2007 година и очекуваме бројката да надмине 250 милиони Евра до крајот на годината.

Владата ќе продолжи да одржува макроекономска стабилност со ниска стапка на инфлација која се движи во просек од 2% во изминативе 10 години и ниско ниво на буџетски дефицит од околу 1% на годишно ниво.

Преку предвремено враќање на 300 милиони Евра долг на државата го намаливме јавниот долг на околу 32% од БДП, го подигнавме кредитниот рејтинг на земјата и направивме значителни буџетски заштеди кои планираме да ги искористиме во нови развојни проекти.

Сето тоа ни овозможи за прв пат во Република Македонија да започнеме со спроведување сериозни и долгорочни мерки за закрепнување и зголемувањето на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.

Конечно, со влегувањето на светски познатите брендови, од типот на “Сосиете Женерал“, “Џонсон Контролс“, “Џонсон Мети“ и интересот на уште неколку познати банки и крупни компании, претставуваат сериозни индикатори дека бележиме сериозен прогрес во подобрувањето на економскиот амбиент и дека земјата станува интересна за инвестирање.

Почитувани дами и господа,

Пред нас е 2008 година, во која со истата динамика и посветеност продолжуваме да работиме во насока на зајакнување на македонската економија, намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани. Нашата визија за 2008 година е да вложиме дополнителен ангажман во сферите каде има потреба од тоа, и реализација на нови мерки и политики во насока на подобро деловно опкружување и услови за работа на стопанските субјекти, што ќе резултира продолжување на економскиот развој на Република Македонија.