Обраќање на отворањето на спортската сала во Облешево, 25.12.2007

Почитувани граѓани на општина Облешево, Почитувани високи претставници на Македонската православна црква, Почитувани пратеници, Почитувани претставници на локалната самоуправа, Драги пријатели,

Задоволство ми е, што денес сме тука во Облешево да го одбележиме отворањето на првата спортска сала во оваа општина. Изградбата на салата е дел од Проектот на Владата на Република Македонија и на Агенцијата за млади и спорт: „35 Спортски сали и 50 фудбалски игралишта”.

Оваа спортска сала ќе го носи името на големиот македонски револуционер Никола Карев и ќе остане во сопственост на Основното училиште “Климент Охридски“.

Овој објект, најсовремено опремен, ќе внесе нов, позитивен момент во секојдневието на децата, младите и на општина Облешево. На површина од 1.300 метри квадратни, со капацитет од 500 седишта и модерни спортски реквизити, ќе можат да се практицираат најразлични видови на спортови како што се: мал фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, тенис, гимнастика и боречки вештини, но и да се следат бројни спортски натпревари.

Почитувани граѓани,

Ќе се согласиме дека, физичкото образование е еден од најбитните сегменти во севкупниот образовен процес, кој има повеќекратни позитивни ефекти врз идниот развој на младите индивидуи. Спортската активност е клучен фактор за создавање на здрави генерации, какви што и се потребни на Република Македонија.

За жал, во Република Македонија во минатото постоеше една парадоксална состојба, кога наспроти декларативните заложби за промовирање на спортот и физичката култура, во реалноста не беше направено апсолутно ништо на тој план. Граѓаните на општина Облешево беа дел од таа реалност, дотолку повеќе што во 2002 година насилно се прекина изградбата на спортската сала и покрај неопходноста иницирана од страна на децата, младите и граѓаните.

Како резултат на таквата глува политика, денес во голем број на градови и училишта во Македонија воопшто нема фискултурни и спортски објекти, а голем дел од постојните, заради негрижа се наоѓаат во многу лоша и руинирана состојба, што е навистина разочарувачки и неприфатливо.

За надминување на ваквите состојби, Владата започна со изградба на 35 спортски сали и 50 фудбалски игралишта, што претставува најголема инфраструктурна инвестиција во спортот и физичкото образование во Република Македонија. Досега, предадени се во употреба спортските сали во општините Валандово и Пехчево, додека во општините Берово, Македонски Брод, Демир Хисар, Брвеница, Илинден, Злетово, Битола и Свети Николе активностите за изградба на салите се во тек.

Целта на овој Владин Проект е 30 општини и училишта да добијат на трајно користење комплетно нови спортски сали, а 5 сали да станат сопственост на високо образовните институции во Скопје, Тетово, Битола и Штип.

Значајно е да се спомене, дека со реализацијата на овој проект ќе се отворат и нови работни места во општините, што произлегува од потребата за управување и одржување на салите.

Секако, придобивки ќе има и локалната самоуправа и спортските клубови и друштва, како и сите вљубеници во спортот. Салите, ќе бидат повеќенаменски и ќе можат, покрај за домашни, регионални и меѓународни спортски натпревари,  да се користат и за организација на културни и музички настани.

Проектот на Владата за изградба на спортски сали е амбициозен и насочен кон афирмирање на нови позитивни вредности кај младите. Неговата реализација ќе придонесе да се зголеми бројот на млади луѓе кои практикуваат поздрав начин на живеење фокусиран на промовирање на натпреварувачки дух, правила на фер плеј и тимска работа.

Изградбата на овој објект е плод на нашата заедничка работа. Ние, како Влада, ја потврдивме својата заложба за градење на општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популација, а вие, почитувани граѓани на општина Облешево, ни ја дадовте неопходната поддршка за остварување на оваа цел.

Лично сум убеден, дека со ваквата политика ќе дадеме огромен придонес во развојот на младите кои се движечка сила на македонското општество.

Затоа, и понатаму ќе продолжиме да го исполнуваме ветеното на изборите и да инвестираме во нашата иднина и во младите генерации на кои сите ќе бидеме горди.

Ви посакувам многу спортски успеси во Годината што доаѓа, на кои сите ние заедно ќе се радуваме.

Ви благодарам.