Обраќање на промоцијата на книгата Како до сопствен бизнис во издание на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, 25.12.2007

Почитуван Ректор проф.д-р Мартиновски, Почитуван проф.д-р Поленакович, Почитуван Академик Таки Фити, Ваша ексцеленцио г-дин Фуере и Почитувани автори

Задоволство ми е што сум дел од денешната промоција на книгата „Како до сопствен бизнис“ подготвена од тим на еминентни професори и правни и економски експерти. Би сакал, од името на Владата на Република Македонија да упатам посебна благодарност до претставниците на Центарот за развој на нови бизниси кои во изминатите 20 месеци интензивно работеа на поттикнување на претприемачкиот дух меѓу младите луѓе. 

Како резултат на нивната работа за прв пат при Универзитетот Св. Кирил и Методиј  се одржуваат специјализирани обуки за практичните аспекти за започнување на бизнис. За поздравување е тоа што неколку стотици студенти веќе покажаа интерес и ги пријавија своите бизнис идеи за да се едуцираат и учествуваат во обуките и работата на центарот. Најдобрите од нив подготвија бизнис планови и со поддршка на Центарот успеаја да започнат сопствени бизниси. 

Владата го препознава огромното значење што образованието го има за општествениот и економскиот развој на земјата, бидејќи само со создавање на квалитетни високо образовни кадри, македонската економија може да ја зголеми конкурентноста и да го следи развојот на европските земји.

Во таа насока, во изминатата година се спроведуваа крупни реформи во образованието: Воведовме 9 – годишно основно образование и задолжително изучување на два странски јазици во основното училиште, воведовме задолжително  средно образование, и она што сум сигурен дека ќе го поздравите е воведувањето на предметот претприемништво во средното образование. Верувам дека средношколците ќе покажат интерес за надградба на своето знаење од областа на претприемништвото преку користење дополнителна литература, како што е ова дело.

Расположливата работна сила често пати не се совпаѓа со побарувачката на пазарот на труд. Затоа, формирањето на едукативни центри посебно за менаџмент и технички дисциплини, се битни елементи во создавањето модерна работна сила која ќе ги задоволи потребите на работодавачите.

Млада и образована сила е ресурсот кој ќе придонесе да го одржиме чекорот со современите научно - технолошки достигнувања. По укажувањата на бизнис заедницата дека во Македонија постои недостаток на информатичари, превземена е инцијатива за основање на нов Државен универзитет за информатички технологии.

Покрај проектите во образованието, Владата работи на создавање поволни услови кои ќе ги поттикнат младите луѓе да започнат сопствен бизнис.

Во таа насока, за да ги олесниме постапките за започнување на бизнис го укинуваме почетниот капитал кој беше потребен да се основа фирма;  ги намаливме трошоците за регистрирање и преку воведувањето ИТ технологии и подобра организација на процесите во Централниот регистар ги скративме процедурите и времето потребно да се регистрира фирма. Овие активности придонесуваат да се надминат психолошките бариери дека започнувањето и водењето бизнис е сложен и скап процес.

Преку Проектот за самовработување кој ќе стартува овој месец, ќе се обезбедат поволни кредити и едукативна и техничка поддршка за започнување на легален бизнис. Меѓу целните групи се млади лица до 27 години евидентирани како невработени, а за секое новоотворено работно место ќе се доделуваат средства во висина од 3.000 евра, со можност да се финансираат проекти со најмногу 5 работни места. Средствата ќе се одобруваат со најниска можна каматна стапка од само 1% годишно, додека рокот на враќање на кредитот ќе биде 3 години со одложено плаќање од 1 година. За спроведување на Проектот во 2008 година се обезбедени 6 милиони евра, со што се очекува да се отворат околу 2.000 нови работни места.

На крај, би сакал да изразам поддршка на активностите на Центарот за развој на нови бизниси во изминатиот период и нивната посветеност во создавањето на нови работни места, поттикнување на иновативноста и развојот на претприемништвото воопшто во Република Македонија. 

Ви честитам и ви посакувам понатамошна успешна работа.

Ви благодарам.