Oбраќањето по повод повод јубилејот - 60 години од постоењето на Јавното сообраќајно претпријатие - ЈСП Скопје, 17.01.2008

“Почитуван Директор на Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје

Почитуван Градоначалник на Град Скопје,

Почитувани вработени,

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Би сакал да се заблагодарам за поканата и можноста да се обратам на овој свечен настан  во име на Владата на РМ, по повод 60 годишниот јубилеј од основањето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

ЈСП како компанија од јавен интерес веќе шест децении го обезбедува јавниот превоз на граѓаните низ главниот град и приградските населби, со што заслужено го носи епитетот крвоток на град Скопје.

Ќе се согласиме дека првиот впечаток за организираноста на животот во градот се добива од сликата за јавниот превоз. Економскиот подем на градот наметнува потреба за континуиран развој на градската транспортна инфраструктура и осовременување на возниот парк.  Како што Скопје прераснува во модерен, економски, финансиски и културен центар, така, јавниот градски превоз треба да се прилагоди и да ги следи овие текови. Затоа, неопходни се навремени, осмислени и ефикасни мерки за подобрување на неговиот квалитет.

За жал, мораме да констатираме дека сликата денес не соодветствува на современ, безбеден, економичен, брз и еколошки чист јавен превоз. Граѓаните покажуваат незадоволство од услугите пред се заради честите доцнења и дефекти на автобусите. Овие состојби не се резултат на тековното работење туку, се резултат на долгиот период на дезинвестирање, необновување на возниот парк и непостоење на соодветна стратегија за развој на градскиот сообраќај во главниот град. Како дополнителен проблем е и присуството на нелојалната конкуренција која се создаваше во изминатите години.

Само за споредба, развиените земји и земјите на ЕУ градат активни политики за развој на одржливи урбани транспортни системи. Притоа, централно место зазема јавниот градски превоз и потребата тој да се развива и унапредува со цел постигнување на повисоко ниво на услуга и привлекување на поголем број патници. Современиот градски превоз го намалува загадувањето и изгубеното време на граѓаните и го подобрува квалитетот на живеење во градот.

Во насока на создавање на поволен амбиент за живеење и работење, доближување на транспортната инфраструктура до европските стандарди и подобрување на услугите за граѓаните, Владата на Република Македонија, ЈСП и градот Скопје презедоа конкретни мерки во рамките на своите надлежности.

Имено, кон крајот на август минатата година ја намаливме стапката на Данокот на додадена вредност од 18 на 5% за услугите во јавниот транспорт. Ова директно придонесе да се намалат цените и на билетите во јавниот градски сообраќај. Покрај намалување на цената, презедовме мерки и за подобрување на квалитетот на услугите во градскиот превоз и издвоивме значителни 4,4 милиони евра од Буџетот на РМ  наменети за обновување на возниот парк на ЈСП. Средствата се веќе префрлени на сметката на ЈСП и во тек е постапката за набавка на нови современи автобуси преку меѓународен тендер. Автобусите ќе треба да ги задоволуваат европските еколошки и безбедносни стандарди и да имаат непречен пристап за лицата со посебни потреби.

Ова е најголемата инвестиција во јавниот превоз во историјата на главниот град на Република Македонија. Со новите автобуси, се очекува значително подигнување на квалитетот во јавниот превоз за над половина милион граѓани кои живеат во Скопје и општините околу него. Конечно, новите автобуси ќе значат почист воздух во се позагаденото Скопје.

Почитувани вработени во ЈСП, почитувано раководство,

Ви го честитам Јубилејот и Ви посакувам успешна работа, со желба ЈСП да прерасне во модерно претпријатие по европски терк, способно да одговори на предизвиците и да ги задоволи потребите на граѓаните за сигурен, непречен и квалитетен превоз.

Ви благодарам“