Обраќање на отворањето на Купот на Македонија во кошарка- Final 8, Кавадарци, 12.03.2008

Почитувани,
Посветени спортисти, тренери, вљубеници во спортот од сите генерации, ентузијасти,

пријатели, родители,

Задоволство е да се биде овде меѓу сите вас кои делите визија за фер-плеј и успех преку пасијата наречена спорт.

Вечерва, во оваа сала во Кавадарци, градот во кој оживува традицијата и популарноста на кошарката, имам чест да го отворам претстојното финале на Куп на Македонија во кошарка во женска и машка конкуренција.

 

Имајќи го предвид, фактот дека последниве неколку години зајакна конкурентноста во македонската кошаркарска лига, очекувам вистинско првенство, квалитетна кошарка, неизвесни натпревари, возбудлива атмосфера и многу забава. Но пред се, очекувам врвен спектакл и празник за македонската кошарка во организација на КК Фени Индустри.

Во изминатиов период Владата изгради неколку спортски сали низ Републикава, активно работи на изградба на нови и на промовирање на идејата - спортот да биде дел од секојдневието на секој млад човек. Само на тој начин ќе може многу млади потенцијали и соништа да се реализираат, следејќи го примерот на големите спортски имиња кои успеаја да не направат горди преку нивната игра.

Имињата на големите: Благоја Ѓеоргиевски - Буштур, Дејан Јовановски, Јорданчо Давитков, Врбица Стефанов, Петар Наумовски, Тодор Гечевски и многу други, се едни од најдобрите кошаркари и промотори на Македонија. Сакаме таа традиција да продолжи и понатаму, да се раѓаат македонски спортски ѕвезди кои успешно и гордо ќе ја издигнат и презентираат Македонија во светот.

 

Денес, 12 март, во Македонија се случија два големи настани: акцијата за пошумување - Засадија својата иднина и започнувањето на овогодишниот кошаркарскиот куп. Два настани со кои докажуваме дека сме обединета нација спремна за позитивни подвизи.

За крај, посакувам на сите натпревари од Купот на Македонија да преовладува спортскиот дух и да победи најдобриот.

Со задоволство го прогласувам Купот на Македонија во кошарка за отворен!

Ви благодарам.