Обраќање во Државниот завод за статистика -“Кон европските стандарди во официјалната статистика“, 07 Април 2008

Почитувани гости,
Дами и господа,

Пријатели на статистиката,

 

Ми претставува особена чест и задоволство што имам можност да Ви посакам добредојде на денешниот настан на кој ќе бидат презентирани главните резултати од твининг-проектот “Поддршка на Државниот завод за статистика”, нивното влијание во рамките на статистичкиот систем, а пред се позитивното влијание за сите корисници.

Со овој Твининг-проект, Европската комисија уште еднаш инвестираше во Република Македонија со цел да даде поддршка на официјалната статистика во усвојувањето на статистичките стандарди на Европската унија. Благодарение на можноста за заедничко работење со експерти од неколку земји-членки на Европската унија: Германија, Словенија, Унгарија, Чешка и Шведска, сега сме чекор понапред во градењето на ефикасен и модерен статистички систем. 

Владата на Република Македонија и сите ресорни министерства се една од најголемите целни групи на корисници на статистичките податоци за реализација на стратешките цели и приоритети:

остварувањето на повисок одржлив економски развој и

интегрирањето во Европската унија

 

Веродостојни и споредливи статистички податоци претставуваат неопходен предуслов за Република Македонија во процесот на стабилизација и асоцијација и во преговорите за членство во Европската унија.

Спроведувањето на реформите од агендата на ЕУ е комплексен процес. Државниот завод за статистика е соочен со вистински предизвик, имајќи ја предвид двојната улога која ја има со Спогодбата за стабилизација и асоцијација.  Имено, од една страна, статистиката претставува посебно поглавје во хармонизацијата со европското законодавство, а од друга страна, обезбедува статистички податоци за потребите на  другите поглавја со цел мониторинг и оценка на нивните избрани политики. 

 

Владата на Република Македонија, согледувајќи го виталното значење на статистиката во процесот на интеграција во ЕУ, му дава голема поддршка на Државниот завод за статистика како координатор на статистичкиот систем преку зголемување на финансиските и човечките ресурси. Имено, во 2008 година буџетот на Државниот завод за статистика е зголемен за 15 проценти во однос на 2007 година и во тек е постапката за вработување на нови 17 лица во Државниот завод за статистика. Владата ќе продолжи и во иднина да го поддржува Заводот, особено водејќи сметка за зголемените обврски кои произлегуваат од Националната програма за усвојување на европското законодавство.

Поддршката ќе обезбеди натамошен одржлив развој на официјалната статистика во Република Македонија и реализација на основната стратешка цел на македонскиот статистички систем: висок степен на хармонизација со статистичките стандарди на Европската унија.

Во таа насока, и поддршката обезбедена од фондовите на ЕУ преку спроведувањето на Твининг-проектот, ќе придонесе Заводот подготвено да се соочи со предизвиците од зголемените побарувања, претежно во рамките на европскиот статистички систем, и ќе одигра значајна улога во процесот на пристапното партнерство со ЕУ, особено во процесот на започнување на преговорите за членство во ЕУ.

 

На крајот, би сакал да му честитам на Државниот завод за статистика за ентузијазмот и постигнатите резултати и да истакнам пред останатите министерства и институции во Република Македонија  дека Државниот завод за статистика претставува навистина добар пример за градење на европска институција.

Ви благодарам.