Обраќање на третиот форум во организација на “Фармер”, 08.05.2008

Почитувани земјоделци,
Почитувани стопанственици,

Претставници на високообразовните институции,
Учесници на форумот,

 

Ми претставува чест да го отворам Третиот форум во организација на “Фармер” на тема: “Градинарството – извозно ориентираните гранки и можност за намалување на трговскиот дефицит”, кој со право се одржува во најградинарскиот регион во Македонија: Струмица.

Градинарските производи се стратешки производи со компаративна предност. Градинарството е еден од најзначајните под-сектори на македонското земјоделство, со годишно производство од 690.000 тони на површина од 52.000 ха.

Од вкупното производство на градинарски култури, дури 70% се извезува на странските пазари, со што се остварува нето девизен прилив од околу 30 милиони евра од свеж зеленчук и уште 50 милиони евра од преработен зеленчук. Конкурентската предност на домашното градинарско производство ја овозможуваат природните услови за започнување на сезоната на берба најмалку еден месец порано во споредба со повеќето земји во регионот и ниската цена на работната сила.

Меѓутоа, поволните природни услови не се доволни за развој на конкурентно градинарско производство. Досегашната стихијната политика на поддршка на аграрот доведе да се соочиме со големи предизвици при изградбата на современ земјоделски сектор.

Основен проблем кој ги мачи земјоделските производители во годините наназад, се пост-бербените загуби и пазарниот квалитет на производот, како резултат на неефикасниот систем на дистрибуција низ фазите на ракување, чување, пакување, складирање, транспорт и пласман на производите.

Затоа, Владата презеде конкретни активности за обезбедување сигурен пласман на земјоделски производи преку откупните центри и ЈП Агроберза. Во Република Македонија го донесовме Хрватски Агрокор, кој во соработка со Агроберза започна со подготовки за изградба на два откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Росоман. Откупниот центар во Струмица е инвестиција вредна 15,6 милиони евра, при што веќе во 2009 година 25.000 тони зеленчук ќе завршат на пазарите по одлични цени.  

Оваа инвестиција ќе овозможи постепена диверзификација на понудата на градинарски производи и премин кон производство на нетрадиционални култури: брокула, прокељ, кинеска зелка, аспарагус и други, кои сé повеќе се бараат на ЕУ пазарите. На тој начин, сегашната структура на производство, ќе се трансформира во понуда прилагодена на потребите на развиената домашна и странска побарувачка.

Во следниот мандат ќе овозможиме натамошно подобрување на пласманот и маркетингот на земјоделските производи преку отворање на два нови откупни центри во Гевгелија/Богданци и Ресен со реномиран странски дистрибутер од Израел. Во 2008 и 2009 година, континуирано ќе работиме на создавање на мрежа на откупни центри во Валандово, Босилово, Демир Капија, Тетово, Дебарца и други места, со партнери кои имаат долгогодишно искуство во агробизнисот.

Во текот на оваа година, ЈП Агроберза ќе се трансформира во Стокова Берза и ќе создадеме шеми за поддршка на развојот на асоцијации, маркетинг кооперативи и компании.

За зголемување на извозот на земјоделски производи, формиравме мешовито друштво за откуп и извоз на земјоделски производи - Агриленд во соработка со израелската компанија Соли, кое многу скоро ќе почне со работа.

Донесовме и одлука за изградба на Карго Аеродром во Штип кој треба да овозможи брз и безбеден транспорт на македонските градинарски производи до пазарите во ЕУ и светот.   

Во тек е воспоставување на Пазарен Информативен Систем кој ќе обезбеди навремени информации за пазарните движења, особено важни во текот на бербената сезона за градинарските култури. На тој начин земјоделците ќе бидат поинформирани и посигурни при планирањето и менаџирањето на својот земјоделски бизнис.

Нашите активности се насочени кон постигнување на заокружено целогодишно производство, окрупнување на индивидуалните парцели, поголема специјализација во производството и подобрување на структурата на извозот.

Почитувани,

Во изминативе 20 месеци, за земјоделскиот сектор, Владата одвои вкупно 90 милиони евра субвенции, наспроти 4-5 милиони евра просечно годишно во мандатот на претходната влада. Во 2006 ги зголемивме субвенциите од наследените 5 милиони на 18 милиони евра и во 2007 повторно ги зголемивме на 27 милиони евра. За 2008 година, за прв пат обезбедивме 45 милиони евра за поддршка на земјоделството за градинарски култури: пиперки, домати, корнишони, гамби, производство на здрава органска храна, тутун, пченица, пченка, јачмен, ориз и други житни и фуражни култури, грозје, млеко, овчарство, свињарство, кози, бројлери.

Со новите мерки за поддршка на градинарското производство, посебно внимание ќе посветиме на:

  • Финансиска поддршка за оранжериско производство за домати, пиперки, краставици и режано цвеќе во износ од 50.000 ден/ха. Поддршката е во делот на оперативните трошоци, особено трошоците за загревање.
  • Финансиска поддршка за производство на отворено и во пластеници предадени во преработувачката индустрија на индустриска пиперка, домати, феферони, корнишони и гамба во вкупен износ од 50 милиони денари, односно 8.500 ден/ха.
  • Финансиска поддршка за подигање на површини на аспарагус и брокула во висина од 9.000 ден/ха.

Преку Програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2008 година, ќе преземеме инвестиции во износ од 60 милиони денари за подобрување на конкурентноста и за модернизација на примарното земјоделско производство. Дел од овие средства ќе се наменат и за градинарството за ко-финансирање на:

  • набавка на земјоделска механизација (освен трактори), приклучна механизација, и опрема за примарно производство во висина од 50% од вкупната инвестицијата во вредност до 1 милион денари;
  • подигнување на нови оранжерии и нивно опремување во висина од 50% од вкупната инвестиција во вредност до 4 милиони денари и
  • изградба на модерни и ефикасни системи за наводнување во висина од 50% од вкупната инвестиција во вредност до 500 илјади денари.

Дополнително, ќе инвестираме 70 милиони денари за набавка на опрема за доработка, преработка, складирање, сортирање и пакување на земјоделски производи со кофинансирање до 50% од вкупната инвестиција во вредност до 2 милиони денари.

Преку Програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, ќе учествуваме со 60 милиони денари во изградба на ефикасни системи за наводнување, при што право на финансиска поддршка ќе имаат сите земјоделски стопанства, задруги или земјоделски претпријатија во секторите овоштарство, градинарство вклучително и оранжериско градинарско производство и цвеќарство.

Обезбедивме и дополнителни 20 милиони денари за рехабилитација на системите за наводнување на Водните заедници. Истовремено, во соработка со Владата на Република Германија, започнавме со имплементација на Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар за изградба на модерни и ефикасни системи за наводнување и воспоставување на т.н системи капка по капка.

Спроведувањето на стандардите за квалитет и безбедност на храна е битен предуслов како за зголемувањето на конкурентната позиција на домашните земјоделски производи на странските пазари, така и за имплементација на мерките за рурален развој преку користење на средствата од ИПАРД програмата.

Затоа, воведувањето на стандардите за квалитет и безбедност на храна, финансиски ќе го поддржиме со 10 милиони денари преку следниве мерки:

  • За спроведени стандарди за безбедност во примарното производство ЕУРЕП-ГАП на свежи производи и суровини за преработувачки капацитети ќе доделиме по 2.000 ден/ха површина, а за добивање на сертификат за ЕУПО-ГАП по прв пат, ќе покриеме 50% од вредноста на консултатските услуги и трошоците;
  • За лабораториска анализа на финален производ наменет за домашен пазар или извоз и за регистрација и добивање право на користење на географска ознака, ознака за потекло и традиционален специјалитет, ќе покриеме 50% од трошоците.

 

Од досегашните контакти со земјоделците и претпријатијата чија основна дејност е земјоделството, пристапот до поволни финансиски средства беше посочен како еден од основните проблеми со кој се соочува македонскиот земјоделец и претставува реална пречка за основање и ширење на производството и семејниот бизнис. Затоа, обезбедивме рурални кредити за земјоделството преку Земјоделскиот кредитен фонд со најповолни услови и тоа:

  • кредити за примарно производствово висинадо 100.000 евра по кредитокорисник со годишна каматна стапка од 4% за кредити пласирани преку банки и 6% преку штедилници;
  • кредити за преработка на примарни земјоделски производи во висина до 200.000 евра по кредитокорисник со годишна каматна стапка од 5% за кредити пласирани преку банки и 6,5% преку штедилници;
  • кредити за извоз на примарни земјоделски производиво висина до200.000 евра по кредитокорисник со годишна каматна стапка од 5% за кредити пласирани преку банки и 6,5% преку штедилници; 

 

Преку имплементација на сеопфатна политика за континуиран развој на земјоделството, со посебно внимание на градинарството како стратешки сегмент на македонското земјоделство, ќе придонесеме за зголемување на домашното производство, намалување на трговскиот дефицит и подобрување на конкурентноста на домашните производи на меѓународните пазари.

Би сакал и на овој форум како и на претходните, да го потенцирам значењето на настаните од овој вид.  Несомнено, мислењата на најзасегнатите – земјоделците, како и на стручните лица, претставува незаменлив инпут за градење и имплементација на успешна земјоделска политика која ќе придонесе кон решавање на проблемите и развој на оваа исклучително важна стопанска гранка.

Благодарам.