Обраќање по повод пуштање во употреба на нов локален патен правец с. Подареш – с. Смиланци, општина Радовиш, 24.05.2008

Почитуван градоначалник Велков,
Почитувани претставници на медиумите,

Драги гости,

 

Ми претставува големо задоволство, во име на Владата на Република Македонија, да се обратам на денешното свечено пуштање во употреба на патниот правец помеѓу с. Подареш и с. Смиланци, во општина Радовиш.

Изградбата на овој пат во должина од 5,5 километри е дел од политиките на Владата и на локалната самоуправа за подобрување на патната инфраструктура, со што ќе се овозможи полесна и побезбедна комуникација, поголем проток на луѓе и стоки, и повисок квалитет на живот за граѓаните од овој крај. Тоа ќе придонесе за подобрување на бизнис климата, зголемување на нивото на домашни и странски инвестиции и остварување на повисок економски раст. Исто така, подобрените и модернизирани патишта ќе овозможат порамномерен регионален развој што е меѓу основните приоритети на оваа Влада.

Затоа, Владата започна значаен инвестициски циклус за изградба и модернизација на регионалните и локалните патишта во сите општини низ Македонија, за што обезбедивме 120 милиони евра, преку проект кој ќе го реализираме со Светската банка. Со средствата ќе изградиме и реконструираме над 2.000 км локални и регионални патишта. Дополнителни 150 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба и модернизирање на патната мрежа на коридорите 8 и 10.

Преку Фондот за магистрални и регионални патишта во текот на оваа година ќе започнеме со реконструкција на патниот правец Радовиш – Струмица за што подготовките се во финална фаза. Планирано е проектот да се реализира до крајот на 2009 година.

Со Проектот за регионални и локални патишта општина Радовиш има можност да аплицира за доизградба на патот с. Смиланци - с. Владимирово што ќе се овозможи нејзино поврзување со општина Берово.

Изградбата на оваа делница, ќе придонесе за развој на земјоделието, селскиот и алтернативен туризам и за изградба на локални капитални проекти како што е браната на реката Плаваја. Владата, во рамки на Проектот за изградба на мали хидроцентрали ќе обезбеди услови за изнаоѓање на потенцијални инвеститори кои ќе ја реализираат изградбата на оваа брана.

На крај, би сакал на општина Радовиш да им ја честитам успешната реализација на овој проект за подобрување на патната мрежа и доближување на Македонија до стандардите на Европската Унија.