Обраќање на ЗПВРМ Ставрески во Штипскиот универзитет, 01 Октомври 2008

Почитуван проректоре,

Почитувани претставници на академската средина,

Почитувани декани, професори, асистенти

Почитувани студенти,

Чест ми е од името на Владата на Република Македонија да Ве поздравам и заеднички да го одбележиме почетокот на првиот час на академската година 2008/2009, на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Универзалната порака на големиот револуционер чие име достоинствено го носи овој универзитет, за разбирањето на светот како поле за културен натпревар меѓу народите, ќе биде дополнителен мотив за сите. За Вас, кои со откривањето на тајните на науката да ги проширите сопствените хоризонти и со тоа да остварите личен напредок, но и напредок на пошироката заедница. Но и за нас како Влада, која мислата на Гоце Делчев ја вгради во сите свои определби за подобро образование за сите граѓани на оваа држава.

Со активирањето на студии на повеќе насоки на Универзитетот во Штип за прв пат, се остварува определбата на Владата за достапност на образованието до што е можно поголем број млади луѓе од овој регион. Универзитетот носи организиран студентски живот, културни активности, пристап до најнови информации и стручна литература со што нуди поквалитетен и поинаков избор за граѓаните од Источна Македонија.

Познато е дека современите општествени текови и имплементирањето на високите технологии бараат повисок степен на образованост. Токму поради тоа, во оваа учебна година покрај задолжително средно образование, значително го зголемуваме бројот на студенти на државните универзитети, посебно на техничките и информатичките науки.

Владата континуирано работи на изградба на флексибилен и диверзифициран образовен систем кој ќе одговори на современите општествените потреби. Инвестирањето во образованието како најсигурен пат за создавање силни индивидуи е еден од стратешките приоритети и цели за периодот 2008 – 2012 година.

На образовниот систем во Република Македонија, особено во високото образование, нужно му беа потребни реформи. Темелните реформи на образовниот систем во Република Македонија се во насока на негово целосно усогласување со Болоњската декларација, европскиот и светскиот образовен систем. Дипломите што ќе ги стекнете, ќе бидат секаде признати, а кредит трансфер системот ќе овозможи голема мобилност во земјите на ЕУ и надвор од неа. Со тоа, одредени содржини од наставните програми ќе можете да ги следите и на други универзитети надвор од земјава.

Во изминатиот период спроведовме бројни мерки и проекти за подобрување на квалитетот на образованието и студентскиот живот.

Ги зголемивме буџетските средства  за образованието од 3,5% на 5,9% од БДП, што е над просекот на земјите од ЕУ и ОЕЦД.

Преку проектот Е-dorming зголемена е транспарентноста во доделувањето на слободните места во студентските домови. Исто така, во тек е реконструкција на студентските домови и поставување на LAN мрежи и бесплатен Интернет, со што ќе се обезбеди целосно опремена просторија за бесплатен интернет и интернет пристап  во секоја соба.

Истовремено, овозможено е онлајн аплицирање за студентските стипендии и кредити.

Од оваа година, се со цел да го олесниме и усовршиме студирањето на нашите идни академски граѓани, во партнерство со приватниот сектор од целата држава ќе го потпомогнеме студирањето на повеќе од 250 студенти во 1-та година во своето студирање. Воедно продолжуваме со субвенционирање на студентите со ослободувањето од надомест за партиципација на техничките факултети и доделуваме дополнителни 125 стипендии во висина од 5.000 денари месечно за талентираните студенти од студиите по информатика.

Целта на реформите во образовниот систем е создавање на квалификувана работна сила која ќе одговори на потребите на пазарот. Ова од причина што еден од најзначајните факторите во одлучувањето на странските инвеститори за вложување во земјава, е расположливата едуцирана и стручна работна сила. Така на пример, Jonson Controls и Johnson Matthey пред донесувањето на одлука за инвестирање во Македонија, направија истражување на пазарот на работна сила, при што утврдија дека Македонија располага со образовани и високо мотивирани млади луѓе, спремни да одговорат на предизвиците на глобалната конкуренција.

Отворањето и развојот на слободните економски зони создава услови за влез на странски капитал и нови работни места. Владата води посебна грижа за рамномерен регионален развој, особено за развој на регионите од источна Македонија. Во овој период се реализираат значајни владини проекти како што се изградбата на слободно економската зона “Штип”, карго аеродромот во околината на Штип и изградбата на хидро-мелиоративниот систем “Злетовица”,  Овие инвестиции, заедно со инфраструктурните проекти во областа на патниот сообраќај, ќе дадат значаен импулс за подинамичен економски развој и ќе овозможат отворање на нови работни места.

Почитувани студенти,

Само со квалитетното и современо образование ќе создадеме силни индивидуи подготвени да творат и сериозно да одговорат на предизвиците во животот. Овој Универзитет во таа насока активно креира политики за учество на меѓународни проекти со цел размена на искуства, знаења и промоција на научни  трудови. За почит е фактот што Факултетот за Музичка уметност оваа година учествуваше на Меѓународниот симпозиум за музика и игра, каде тројца ваши професори ги презентираа сопствените научните реферати во конкуренција од 50 врвни научници од цел свет.

Покажаниот голем интерес за техничките факултети од страна на младите луѓе  е мотив повеќе Универзитетот да ја продлабочи соработката со софтверските компании во насока на постојано унапредување и усовршување на целосната софтверска инфраструктура на Универзитетот.

Почитувани професори, асистенти

Наша заедничка цел е да им помогнеме на младите луѓе во откривањето на нивните таленти и развивање на потенцијалите што ги поседуваат. Имаме задача и обврска да им дадеме можност за стекнување на вештини и знаење со кои ќе се реализираат како индивидуи и професионалци.

Пред нас е одговорноста за подготовка на идните генерации за предизвиците на современиот начин на живеење. Од нивното делување ќе зависи и иднината на нашата земја.

За крај ќе потсетам дека сите ние, родители, студенти, професори сме одговорни пред себе си, семејството, пријателите и околината  да  ги почитуваме потребите за континуирано образование и унапредување, а со тоа и директно да влијаеме на квалитетот на живеење на останатите околу нас.

Токму затоа убеден сум дека успехот на Македонија, е во македонските Универзитети, македонските професори и македонските студенти.

Ви посакувам успешна академска година.