Oбраќање на вицепремиерот м-р Зоран Ставрески на четвртата Конференција за унапредување на извозот, 02 Октомври 2008

Ваши екселенции,
Почитувани членови на Владата на Република Македонија

Почитувани стопанственици,
Драги гости,

Дами и господа,

Ми претставува особено задоволство од името на Владата да се обратам на четвртата  Конференција за унапредување на извозот, во организација на Министерството за економија и Проектот на УСАИД за деловно опкружување.

Дозволете ми да истакнам дека Владата на Република Македонија особено ја цени поддршката на Соединетите Американски Држави преку Агенцијата УСАИД.

Ваквите средби се несомнено одлична можност за унапредување на воспоставениот дијалог меѓу државата и бизнис заедницата кои придонесуваат за развој на приватниот сектор. Создавањето на услови за подинамичен економски раст и вработувања, во рамките на конкурентна пазарна економија, е стратешка цел на Владата за периодот 2008/2012 година. Тоа може да се оствари единствено преку зголемување на ефикасноста, продуктивноста и иновативноста на компаниите, како услов за пораст на конкурентноста и извозот.

Создавањето на динамичен извозен сектор подразбира флексибилна комбинација на пазарните сили и државната интервенција, макро и микро политиките, како и посебен акцент на малите и средни претпријатија. Во овие рамки, мерките и политиките на Владата се насочени кон задржување на стабилни макроекономски услови од една страна, и подобрување нa амбиентот за работа на домашните и странските фирми, од друга страна.

Согласно нашите програмски определби за економска слобода и развивање на креативниот потенцијал на приватниот сектор, континуирано ја одржуваме макроекономската стабилност преку одржување на ниско ниво на инфлација, стабилен девизен курс на денарот и разумно низок буџетски дефицит.

Истовремено  спроведуваме впечатливи макроекономски и структурни реформи за подобрување на вкупната бизнис клима. Целта е зголемување на конкурентноста на фирмите преку намалување на трошоците за работење, преку реформи во даночната политика, намалување на придонесите, и поедноставување на регулативата. На тој начин ќе се постигне зголемување на домашните инвестиции и ќе се привлечат странски фирми кои директно и индиректно ќе влијаат врз пораст на извозот.

Политиките за унапредување на извозот на Република Македонија за следните 4 години се насочени кон следните цели: 1/ зголемување на бројот на претпријатија кои извезуваат за најмалку 30%, 2/ промена на постоечката извозна структура и 3/ зголемување на конкурентноста на извозните производи.

Во таа насока, спроведовме и спроведуваме бројни реформи за подобрување на бизнис климата.

Со Регулаторната гилотина значајно ја намаливме бирократијата и администрацијата и воведовме едношалтерски систем за инвеститорите. Денес, фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа. Ги преполовивме трошоците на фирмите за добивање дозволи, уверенија и други административни услуги, а воедно драстично ги намаливме бирократските процедури кои ги зголемуваа трошоците на домашните фирми. Дополнително спроведуваме 50-на нови мерки во сите сегменти значајни за бизнис климата кои опфаќаат: мерки за побрз проток на стоките на граница, пониски логистички трошоци, полесен пристaп до финансиски средства и други слични мерки.

За земјите кои немаат пристап на море, како Македонија, брзата и евтина логистичка поддршка на извозот станува клучен фактор на конкурентноста. Пазарот мора да биде снабден брзо и навремено доколку сакаме да одржиме конкурентна извозна позиција. Затоа, во следниот период ќе посветиме посебно внимание на забрзувањето на меѓуграничниот проток на стоки и услуги преку автоматизација на административните услуги, креирање на one-stop-shop за царинските услуги, отворање на зелена линија на повеќе царински премини за извозниците на земјоделски производи, намалување на трошоците на терминалите и сл.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како бизнис дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во слободната економска зона во Скопје. Воедно, работиме на отворање на уште 4-5 други слободни економски зони и даваме активна поддршка на општините за изградба на индустриски зони и технолошки паркови.

Влезот на странските компании во технолошко-индустриските развојни зони, значително ќе влијае врз развојот на домашните фирми како нивни добавувачи и партнери. Тоа дава сигурност за поволни перспективи на извозот и за ублажување на технолошкиот јаз кој постои меѓу македонските фирми и фирмите од развиениот свет.

 Во соработка со бизнис заедницата, ја усвоивме Програмата за подобрување на конкурентноста на македонските производи и услуги. Истата опфаќа преземање на мерки за индиректна поддршка на македонските компании со кофинансирање на трошоците за сертификација на системот за квалитет (IЅО, НАССР, EUREPGAP), интернет конекција, изработкa на идејно решение за дизајн на производ, надоместување на дел од трошоците за информатичка обука на вработените, итн.

Посебно внимание се посветува на организирањето и учеството на бизнис форуми, работилници, тркалезни маси во странство, како и презентација на одделни индустриски гранки на заеднички национални штандови на меѓународните саемски манифестации. Во насока на промоција на македонското производство, Владата ги покрива трошоците за изнајмување на саемски простор, пријавување, приклучок за електрична енергија, вода и уредување на штандот. Обезбедени се средства за изработка и печатење на промотивни материјали како и учество на  ЕХРО Шангај 2010.

Воедно, процесот на брендирање на македонските  производи со извозен потенцијал ќе продолжи и натаму со засилена динамика. Имајќи ја предвид големината на македонските претпријатија и потенцијалите за самостоен настап на странски пазари, Владата го поддржува здружувањето на истородни фирми во кластери. Мерките за развој на кластерите се насочени кон развој на човечките ресурси, соработка со универзитетите и нивно вмрежување, како и поддршка за поврзување со кластерите на регионално и меѓународно ниво.

Билатералните и мултилатералните договори за слободна трговија и за трговска и економска соработка се еден сегмент од активностите за зголемување на надворешно-трговската соработка. Несомнено е значењето на ратификувањето на ЦЕФТА договорот, со кој покрај либерализацијата на трговијата со стоки, се иницира и зголемена соработка меѓу нејзините членки во областа на трговијата со услуги, јавните набавки, инвестициите и заштита на интелектуалната сопственост. Македонија заедно со Хрватска се првите држави кои не се членки на ЕУ, а се приклучија кон програмата за конкурентност и иновации CIP, во чии рамки се промовира јакнењето на секторот на мали и средни претпријатија преку иновации, развој на претприемништво и конкурентски способности.

Во согласност со Европската повелба за мали и средни претпријатија и најдобрите практики во светот, Македонија бележи прогрес во едноставното, брзо и поевтино започнување со бизнис, образованието и унапредувањето на знаењата на претприемачите, овозможување на поквалитетен пристап до финансиски средства (оданочување и финансиски услуги), како и се поголем број на електронски услуги за фирмите.

Би сакал тука да го потенцирам и значењето на расположливоста, цената и квалитетот на работната сила, како услов за пораст на конкурентноста на домашните фирми и за прилив на странски директни инвестиции. Во однос на цената, намалувањето на придонесите од плата за една третина е секако најмоќната мерка која ќе ја подобри конкурентноста на македонските фирми. Во однос на квалитетот, вложувањето во менаџмент вештините на претприемачите е една од мерките за развој на човечкиот капитал. Во таа насока е предвиден проектот Топ менaџмент, кој ќе обезбеди практична обука во успешни странски компании на македонските менаџери од малите и средни претпријатија кои пред се извозно ориентирани. Проектот не само што ќе овозможи менаџерите да се стекнат со големо практично искуство, туку и ќе им помогне во градењето на деловни контакти и наоѓањето на партнери за настап на странските пазари.

Со политиките во образованието, Владата го поддржува зголемувањето на бројот на студенти, посебно во областа на информатичка технологија и технички науки за кои има висока побарувачка.  Република Македонија во следниот период мора да започне со извоз на знаење и вештини во делот на информатичката технологија и другите услуги.

Во делот на земјоделството, субвенциите за периодот од 2008 до 2012 година ќе изнесуваат 460 милиони евра, што заедно со влезот на познати странски извозно-ориентирани компании ќе овозможат модернизација на домашниот агробизнис и промена на извозната структура, од извоз на земјоделски суровини во извоз на финални производи со висока додадена вредност.

Почитувани стопанственици,

Ова се само дел од мерките со кои придонесуваме македонската економија да стане покункурентна и извозно насочена.

Квалитетот е клучен за успехот на претпријатијата, како на домашниот, така  и  на странските  пазари.  Токму во таа насока се мерките што Владата ги презеде и ќе ги презема во идниот период, развој на конкурентноста на домашните претпријатија преку т.н софт мерки за зголемување на извозниот потенцијал, постигнување препознатлив квалитет на домашните производи и создавање на македонски брендови.

Затоа остануваме на определбата за креирање на политиките во партнерство со бизнис заедницата и партнери како што е УСАИД.

Ви посакувам успешни дискусии кои ќе резултираат со конкретни препораки.

Благодарам