Обраќање на вицепремиерот Зоран Ставрески по повод економскиот форум “Забрзано кон Европската унија“, 03.11.2008 година

Почитуван претседател на Стопанската Комора на Македонија, г-дин Бранко Азески,
Почитувани претседатели и претставници на национални стопански комори,

Почитувани претставници на академската заедница,
Драги гости,
Дами и господа,

 

Чест ми е од името на Владата на Република Македонија да се обратам на денешниот форум на тема: “Забрзано кон ЕУ“, организиран од Стопанската комора на Македонија, која е домаќин на овогодинешната средба на претседателите на Стопанските комори од Југоисточна Европа.

Верувам дека на заедничко задоволство, ќе развиеме плодна дискусија за политиките и мерките што ги преземаат земјите од Западниот Балкан за интеграција во Европската Унија и притоа ќе слушнеме позитивни искуства на земјите кои се дел од европското семејство.

Посебно ми е задоволство што на овој настан бизнисмените од регионот ќе имаат можност да го пренесат своето знаење и искуства и на тој начин да придонесат во унапредување на мерките за побрза интеграција кон ЕУ.

Би сакал на почетокот накратко да се осврнам на глобалната финансиска криза, која започна во средината на оваа година и која беше причина светските лидери да пристапат кон преиспитување на економските политики и изнаоѓање на нови мерки за ублажување на негативните последици.

По неколку години забрзан раст, може да се каже дека глобалната економија ќе се движи по работ на рецесија. Тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои финансиската криза што ги зафати најголемите економии, банкротирањето на големи финансиски корпорации или нивното откупување од страна на владите, високоризичната кредитна политика на некои банки практикувана во сите поголеми земји, како и берзанските турбуленции и забрзаниот пад на цените на акциите.

Во таа насока, потребни се соодветни мерки и активности, без одлагање, за зајакнување на националните економии со цел да се одржат стабилноста и постигнатите придобивки за намалување на сиромаштијата во изминатата декада.

Несомнено дека ризиците од глобалните економски случувања во основа влијаат врз Западниот Балкан не може да се потценат, но сепак регионот денес е во подобра позиција да ги апсорбира финансиските шокови. После цела декада на реформи, забрзан економски раст и зајакнати национални институции, создадени се услови за постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија.

 

Во тој контекст главен приоритет на Република Македонија е успешното завршување на процесот на интеграција во ЕУ и постепено достигнување на националниот доход на земјите членки на Европската Унија, на начин што е фискално и социјално одржлив. За таа цел, Владата на РМ работи на исполнување на критериумите за членство во Европската унија:

  1. Доследна имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација,
  2. Промовирање на конструктивен и сеопфатен дијалог во земјата,
  3. Подобрување на ефикасноста на полицијата,
  4. Реформи во судството,
  5. Борба против организираниот криминал и корупцијата,
  6. Професионализација на јавната администрација,
  7. Создавање услови за зголемување на животниот стандард и намалување на невработеноста,
  8. Подобрување на деловната клима,
  9. Нулта толеранција кон структурите кои го попречуваат демократското изјаснување на граѓаните.

 

Секако најголемо внимание посветуваме на исполнувањето на економските критериуми за интегрирање на РМ во единствениот европски пазар и со македонската бизнис заедница како наш значаен партнер.

Република Македонија направи значаен напредок на економски план во изминативе две години. Постигнат е највисок економски раст досега, макроекономската стабилност се одржува во континуитет, а истовремено спроведуваме впечатливи реформи за подобрување на вкупната бизнис клима. Целта е зголемување на конкурентноста на фирмите и ослободување на нивниот креативен претприемачки потенцијал. А тоа ќе се направи преку сериозни реформи во даночната политика, реформи за поедноставување на регулативата и намалување на социјалните придонесите за 1/3. Со други зборови, креирање на подобра бизнис клима и рамноправни услови за сите бизнис субјекти.

Со Регулаторната гилотина ја намаливме бирократијата во администрацијата и воведовме едношалтерски систем за инвеститорите. Денес, фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа. Ги преполовивме трошоците на фирмите за добивање дозволи, уверенија и други административни услуги, а воедно драстично ги намаливме процедурите кои ги зголемуваа трошоците на домашните фирми. Во таа насока, за малите и средни претпријатија овозможивме сите даноци да ги плаќаат по електронски пат, по примерот на големите даночни обврзници.

Дополнително се спроведуваат 50-на нови мерки во сите сегменти значајни за бизнис климата кои опфаќаат: мерки за побрз проток на стоките на граница, пониски логистички трошоци, полесен пристaп до финансиски средства и други слични мерки.

Заради спречување на повторно создавање на регулаторниот товар, работиме на изградба на систем за заштита од “бирократизацијата” на новите регулативи, кој во европските земји е познат како Regulatory Impact Assessment – RIA.

РИА-та има за цел постигнување на поголема предвидливост на регулативата, активни консултации во сите фази на подготовка на законите и проценка на ефектите и трошоците од новата регулатива врз деловното окружување и граѓаните. Од јануари 2009 година сите засегнати страни, пред се бизнис заедницата ќе можат да дадат свој придонес во креирањето на законите на транспарентен и ефикасен начин, со поддршка на европските институции.

Во насока на олеснување на протокот на стоки и услуги и спроведувањето на меѓународните договори за слободна трговска размена, ја модернизираме Царинската управа, преку автоматизација на административните услуги, креирање на one-stop-shop за царинскиот систем, отворање на зелена линија на повеќе царински премини за извозниците на земјоделски производи и намалување на трошоците на терминалите.

Исто така, во тек се активности за значителни инвестиции во енергетиката и модернизирање на транспортната инфраструктура, заради обезбедување услови за одржлив раст во иднина. Овие инвестиции се резултат на добрата соработка на земјите од регионот и во голем дел се поддржани од Европските финансиски институции и програмата за предпристапна помош.

Програмата на Владата има мулти - секторски пристап со кој се предвидени и други важни мерки за квалитетно образование, создавање на ефикасна социјална заштита и зајакнување на флексибилноста на пазарот на труд. Невработеноста, која е еден од најголемите економски и социјални проблеми во Македонија, но и во земјите во регионот во изминативе години забележа мало, но значајно намалување. Активните мерки за вработување кои се имплементираат се, исто така, во насока на зајакнување на стручноста на работната сила, преку едукација, тренинг и програми за доживотно учење, согласно потребите на пазарот на трудот.

 

 

Почитувани,

Земјите од Западен Балкан се дел од Европската Унија.

Впрочем, гледано од стратешки, географски и културен аспект тие се нејзин неразделен дел.

Цврсто сум убеден дека Република Македонија како и Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Албанија, имаат силни капацитети и е подготвена рамноправно да ги дели обврските со постојните земји членки во создавањето на посилна Европа.

Европската визија можеме да ја оствариме единствено преку добра регионална соработка и заемна почит.

Ви посакувам успешен форум што ќе резултира со продлабочување на деловната соработка на стопанските комори од регионот и нивни координирани активности за постепена интеграција во бизнис заедницата на европските држави.

Ви благодарам.