Обраќање на вицепремиерот Зоран Ставрески на Бизнис Форум во Грац, Австрија, 18.11.2008

Четврта средба на земјите од Југоисточна Европа „Инвестирање на Балканот - авантура или придонес кон стабилноста“

 

 

Грац, Австрија - 18 ноември 2008
Почитуван претседател на Бордот на Steiermarkische Bank, г. Фабиш Герхард

Почитуван директор на Steiermärkische Bank и член на Бордот, г. Франц Кербер,

Почитуван претседател на Република Црна Гора, г. Филип Вујановиќ,

Ваши екселенции,

Почитувани стопанственици,

Драги гости, Дами и господа,

 

Чест ми е од името на Владата на Република Македонија да се обратам на денешниот настан во организација на Stеiermärkische Bank со цел презентирање на економиите на земјите од Југоисточна Европа.

Посебно задоволство ми е што на овој настан имам можност да зборувам за дел од економските постигнувања на мојата земја, кои верувам ќе придонесат австриските, но и стопанствениците од другите земји да насочат дел од нивниот капитал и know how во Република Македонија, по примерот на Stеiermärkische Sparkasse.

На почетокот би сакал накратко да се осврнам на глобалната финансиска криза, која започна во средината на оваа година и која беше причина светските лидери да пристапат кон преиспитување на економските политики и изнаоѓање нови мерки за ублажување на негативните последици.

По неколку години забрзан економски  раст, може да се каже дека глобалната економија се движи по работ на рецесија.  Тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои финансиската криза што ги зафати најголемите економии, банкротирањето на големи корпорации и нивното откупување од страна на владите, високоризичната кредитна политика на некои банки  во развиените земји, како и берзанските турбуленции и забрзаниот пад на цените на акциите.

Како резултат на ваквите состојби, пред два дена светските лидери на Самитот на Г-20 во Бразил, донесоа заедничка декларација и акционен план со кои се обврзаа да работат заедно на обновување на глобалниот економски раст и спроведување реформи на светските пазари.

Несомнено дека ризиците од глобалните економски случувања врз земјите од Западен Балкан не може да се потценат, но сепак регионот денес е во подобра позиција да ги апсорбира финансиските шокови од било кога порано. После цела декада на реформи, забрзан економски раст и зајакнати национални институции, создадени се услови за постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија.

Во тој контекст, главен приоритет на Република Македонија е успешното завршување на процесот на интеграција во ЕУ и постепено достигнување на националниот доход на Европската Унија, на начин што е фискално и социјално одржлив. За таа цел, Владата на Република Македонија работи на целосно исполнување на критериумите за членство во Европската унија.

Секако најголемо внимание се посветува на исполнувањето на економските критериуми со цел интегрирање на македонската бизнис заедница во единствениот европски пазар како наш најзначаен партнер.

Дозволете да се осврнам на краткорочната макроекономска стабилност.

Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години; избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит под 1% од БДП; стабилен девизен курс и низок јавен долг. Растот на бруто домашниот производ во 2007 година достигна 5.9% што е највисоко ниво од независноста на Македонија. Слични резултати беа остварени и во првите два квартали од 2008 година со раст на БДП од околу 6% во просек. Со оглед на влијанието на глобалната економија врз реалниот сектор, очекуваме годината да ја завршиме со пораст на БДП од најмалку 5%. За 2009 година, Европската Комисија, во последниот извештај проценува порастот на македонскиот БДП да достигне до 4,5%. Ова звучи навистина охрабрувачки, имајќи ги предвид проекциите за негативен раст во ЕУ зоната и Соединетите Американски Држави.                

Растот на БДП е поддржан од зголемениот извоз и порастот на вкупните инвестиции, како резултат на подобрената бизнис клима.

Странските директни инвестиции во 2007 година достигнаа 506 милиони евра, што е трипати повеќе од просекот во претходните години. Во првите осум месеци од оваа година, тие се зголемени за десет отсто споредено со истиот период лани. 

Во делот на даночниот систем воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е најниско ниво во Европа, а реинвестираната добивка целосно ја ослободивме од оданочување.

За инвеститорите во технолошки паркови нудиме низа поволности: ослободување од данок на добивка за  10 години; 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси и данок на имот. Земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени се инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

Со Регулаторната гилотина ја намаливме бирократијата и воведовме едношалтерски систем за инвеститорите. Денес, фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа. Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ според кое доколку администрацијата не одговори на барањето на странката во пропишаниот рок, одговорот ќе се смета за позитивен.

Со овој проект го остваруваме мотото на нашата Влада „Помалку бирократија - повеќе бизнис“.

Финансискиот сектор во Македонија, споредено со другите земји е стабилен поради силната депозитна основа, ниската задолженост кај банките и прудентниот регулаторен режим, што го задржаа кредитното портфолио на банките во здрава состојба. Во изминатите две години значаен прогрес е остварен во зголемување на конкуренцијата и подобрување на ефикасноста. Новиот Закон за банки овозможува банка во Македонија да се основа со минимум капитал од 9 милиони евра, а за подружница на странска банка потребен е капитал од само 2 милиони евра. Како резултат на реформите во последните две години, 5 странски банки започнаа бизнис во Македонија, вклучително и Stеiermärkische Sparkasse.

Во насока на понатамошна либерализација на движењето на капиталот, овозможивме странски државјани слободно и директно да купуваат недвижности и градежно земјиште во Македонија. Оваа можност ќе привлече голем број инвеститори, со оглед на потенцијалот за развој на пазарот на недвижности.

Зајакнувањето на конкурентноста на работната сила е еден од нашите приоритети. Инвестираме значителни средства во модернизација на образованието, прилагодување на наставните програми  на потребите на пазарот на сила и развојот на претприемачката култура. Буџетот за образование за оваа и следната година го зголемивме на 5.2% од БДП, што е многу повисоко од претходните години и е на нивото на земјите од ОЕЦД. Го реализираме проектот “Компјутер за секое дете„ во основните и средните училишта, ги зголемивме државните квоти на техничките факултети. Следната година ќе започне со работа новиот специјализиран Универзитет за информатички науки на англиски јазик, за чија поддршка минатата недела потпишавме Меморандуми за соработка со Интел и Бостонскиот Универзитет. Сите овие реформи имаат за цел Македонија да ја направат земја на информатичко општество и економија базирана на знаење.

Понатаму, направивме значајни реформи во зголемување на флексибилноста на пазарот на работна сила и започнавме со активности за намалување на стапките на социјалните придонеси за 1/3, почнувајќи од 2009 година. Тука, би сакал да споменам дека Македонија е една од земјите со најниска цена на работна сила во Европа, со месечна бруто плата од 390 евра.

Во делот на енергетиката и модернизирањето на транспортната инфраструктура во тек се активности за значителни инвестиции од над 1 милијарда евра, со цел обезбедување услови за одржлив раст и развој на македонската економија.

Пред два месеци Владата избра реномиран странски инвеститор со кој по моделот на јавно-приватно партнерство ќе се изградат и модернизираат аеродромите во Македонија, инвестиција вредна околу 200 милиони евра.

Истовремено, започнати се активности за изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура на Коридор 8 и 10. Овие инвестиции се резултат на добрата соработка на земјите од регионот и во голем дел се поддржани од Европските финансиски институции и програмата за пред-пристапна помош.

Потврда и признание за квалитетните реформи и подобрената бизнис клима дојде и од Светската банка – Doing Business, која минатата година ја рангираше Република Македонија на високото 4-то место по реформите во бизнис климата, со што заедно со прогресот постигнат оваа година, остварен е извонреден скок од 25 позиции на вкупната ранг листа по едноставност во водење на бизнис.

Се надевам дека успеав да Ви пренесам поголем дел од аргументите кои одат во прилог на перцепцијата на Република Македонија како поволна бизнис дестинација. Накратко би ги сумирал:

  1. Кандидатски статус за членство во ЕУ
  2. Македонија ги исполни сите НАТО стандарди
  3. Долгорочна макроекономска стабилност и предвидливи и конзистентни политики
  4. Млада, расположлива и конкурентна работна сила со бруто месечна плата од 390 евра
  5. Пристап на пазари со преку 650 милиони потрошувачи за слободна трговија
  6. Солидна инфраструктура и започнат значаен инвестициски циклус за нејзино модернизирање
  7. Најатрактивен даночен пакет во Европа
  8. Бројни погодности во слободните економски зони
  9. Регулаторна рамка која е најдобра споредено со соседните земји, верификувано во последниот извештај на Светската банка, Doing Business 2009.
  10. и што е особено важно, посветена Влада која е подготвена да ги пресретне потребите на инвеститорите и да ја обезбеди неопходна поддршка за започнување и водење бизнис во Македонија.

 

Меѓународните инвеститори ги препознаа овие позитивни трендови, поради што неколку реномирани компании од Австрија, САД, Велика Британија, донесоа одлуки и донесоа инвестиции во Република Македонија. Исто така, 5 истакнати странски банки влегоа во банкарскиот сектор, меѓу кои секако позначаен е влезот на Stеiermärkische Bank. Stеiermärkische Bank направи аквизиција на една од најуспешните банки во Македонија - Инвестбанка.

Почитувани,

Верувам дека денешната средба ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори за економската состојба во Македонија, економските политики и можностите за инвестирање.

Истовремено ги повикувам австриските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности при реализација на нивните бизнис планови. Ние, како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме неопходната поддршка за реализација на вашите инвестиции.

 

Благодарам.