Договорни обврски, 08.05.2009

ЕВН Австрија е несомнено голем и значаен странски инвеститор во Република Македонија, со инвестиција од 202,5 милиони евра за купување на 90% од акциите во ЕСМ. Договорот за купопродажба на акции (ДКА) е потпишан во март 2006 година. Како договорна страна, Владата е должна да ги исполнува своите договорни обврски кон ЕВН Австрија. Истовремено, Владата е должна да инсистира на исполнување на обврските на другата договорна страна – ЕВН Австрија.

 

Во тој контекст, Владата има обврска да одговори на секое барање на ЕВН Австрија кое би произлегло од одредбите на ДКА. Обврските на Република Македонија кон ЕВН Австрија се исполнети во целост: 1/ сопственоста врз акциите во ЕСМ е пренесена и запишана на име на ЕВН Австрија; 2/ ЕВН Австрија го има преземено управувањето со ЕСМ Македонија; и 3/ Согласно ДКА, Владата кон крајот на 2007, му врати на ЕВН Австрија 22,5 милиони евра, или 10% од купопродажната цена на акциите. Иако се работи за голем износ, Владата по добивањето на извештајот од ревизорската куќа не го спореше враќањето на овие средства, туку постапи стриктно како што е предвидено во ДКА и му ги уплати на ЕВН Австрија тие 22,5 милиони евра. Според тоа, акциите на ЕСМ се купени за 202,5 милиони евра, а не за 225 милиони евра.

 

Обврските на ЕВН Австрија, како купувач, се следни: 1/ да ја исплати купопродажната цена на акциите на ЕСМ. Оваа обврска е исполнета; 2/ втората обврска на ЕВН Австрија е да инвестира (вложи) во компанијата ЕСМ, сега преименувана како “ЕВН Електростопанство на Македонија (ЕВН ЕСМ)“ 96 милиони евра во рок од три години. Во првата година ЕВН Австрија требаше да вложи 35,5 милиони евра, во втората година 31,5, а во третата година 29 милиони евра.

Тука е суштината на проблемот меѓу Владата и ЕВН Австрија: дали ЕВН Австрија вложил средства во ЕВН ЕСМ, согласно одредбите од договорот? ЕВН ЕСМ и после три години од стекнувањето на акциите не достави до Владата  адекватен извештај од кој ќе се утврди износот на инвестициите. Во насока на утврдување на износот и пријателско решавање на ова прашање, Владата, ангажираше независен ревизор, а наодите од извршената ревизија на транспарентен начин беа презентирани пред претставници на ЕВН. Во извештајот е констатирано дека од сопствени средства ЕВН Австрија нема вложено ни едно единствено евро во ЕВН ЕСМ. Истовремено, од средства на македонската фирма ЕВН ЕСМ реализирани се инвестиции од 23,9 милиони евра за првите две години, наспроти обврската од 67 милиони евра. Меѓутоа, овие инвестиции се реализирани од средства на македонската фирма ЕВН ЕСМ кои се прибрани од наплата на електрична енергија на граѓани и фирми, а не како што е предвидено во договорот ЕВН Австрија да вложи сопствени средства како странски инвестиции во ЕСМ.

 

Спорот меѓу ЕВН ЕСМ и ЕЛЕМ, пак е правен спор помеѓу две домашни компании (регистрирани и со седиште во Република Македонија) и под полна правна јурисдикција (надлежност) на македонските судови и македонското право. Владата не е странка во спорот. Оттука, Владата на никаков начин не влијаела, ниту смеела, можела или сакала да влијае врз одвивањето на судската постапка во која се решава овој спор. Владата нема да коментира одлуки во судска постапка која се уште е во тек, бидејќи тоа би можело да биде протолкувано како притисок врз судот.

Без намера да ја коментирам одлуката или судската постапка, би објаснил накратко што е суштината на спорот. Во моментот на продажба во 2006 година, ЕСМ имал побарување од 13 милијарди денари од потрошувачите (граѓани и фирми), но имал и долг кон ЕЛЕМ од 6,5 милијарди денари. Според тоа, ЕСМ е продаден на ЕВН Австрија со побарување, а не со долг, како што се прикажува во јавноста. Раководствата на двете фирми ЕСМ  и ЕЛЕМ склучиле Анекс на Договорот, според кој ЕСМ прифатил да ги прибере сите средства, а на ЕЛЕМ да му исплати половина, односно 6,5 милијарди денари. Овие состојби му биле целосно поэнати на ЕВН Австрија како купувач на ЕСМ. До почнувањето на судскиот спор, ЕВН Македонија АД му платил на ЕЛЕМ само 8,9% од сумата која ја должи, односно 580 милиони денари, а се уште должи речиси 100 милиони евра или околу 91% од долгот. Во текот на изминатите три години и од страна на претходното раководство на ЕЛЕМ (поставено од претходната Влада) и од сегашното раководство се правени обиди за наплата и надминување на проблемите. Со оглед дека ваквите обиди биле неуспешни, а во меѓувреме Државната Ревизија во Извештајот за ЕЛЕМ го утврдила неиполнувањето на договорните обврски од страна на ЕВН Македонија и укажала на опасноста од застарување на побарувањето, ЕЛЕМ во 2008 поднел тужба за наплата на долгот, по што деновиве е донесена и првостепена пресуда.

 

Се на се, Владата нема преземено ниту една мерка, ниту пак е донесен закон или друг пропис со кој би се  загрозила или ограничила сопственоста врз имотот на ЕВН ЕСМ, или би се ограничило или на кој било начин спречило редовното и нормално одвивање на нејзината основна дејност. Покренувањето на судска постапка од страна на ЕЛЕМ спрема ЕВН ЕСМ за наплата на побарувања од трговски договор, никако не може да биде протолкувано како активност чија цел е национализација на ЕВН ЕСМ.

 

Основно начело според кое се раководи Владата како договорна страна во односите со ЕВН Австрија е целосно и доследно почитување на одредбите од купопродажниот договор. Доколку Владата и ЕВН Австрија спогодбено и во рамки на законски дозволените механизми не ги надминат меѓусебните разлики, тогаш секоја страна може да бара правна заштита на своите договорни права. Механизмите на правна заштита се прецизно регулирани во самиот договор и Владата ќе постапува согласно договореното.
Зоран Ставрески