Антикризни мерки, 24.04.2009

Државата ќе го одобрува својот дел од кредитот (50 отсто од секој кредит) во денари, без валутна клаузула. Со оглед дека рочноста на овие кредити е 12 месеци (за краткорочните) односно цели 5 години (за долгорочните), јасно е дека Владата испраќа јасен сигнал до корисниците на кредитите дека нема да има промена на девизниот курс

Првиот работен ден од оваа недела, Владата на Република Македонија излезе во јавноста со нов пакет на 70 антикризни мерки, насочени кон ублажување на последиците од големата светска економска криза врз македонската економија. Во финансиска смисла, пакетот тежи 353 милиони евра, од кои 173 милиони евра е намалувањето на буџетските расходи, а 180 милиони евра е кредитната поддршка за претпријатијата. Дополнително, пакетот содржи 54 мерки за олеснување на извозот на стоки и намалување на трошоците на фирмите во склоп на регулаторната гилотина, како и петнаесетина мерки предложени од стопанските комори.Кои се основните пораки и кое е значењето на предложените мерки за македонската економија?Прво, Владата испрати јасна порака до стопанствениците, банкарите и сите граѓани дека ја контролира ситуацијата, дека одлучно ќе ја брани макроекономската стабилност, и што е најважно, стабилноста на девизниот курс на денарот. Со ребалансот на буџетот, расходите се намалени за 10,6 милијарди денари, или за 173 милиони евра. Тоа ќе обезбеди буџетскиот дефицит да не надмине 2,8 , што е пониско од повеќето земји во Европа. Задржувањето на ова ниво на буџетски дефицит обезбедува макроекономска стабилност, вклучително и стабилност на девизниот курс.

Второ, финансирањето на буџетскиот дефицит преку користење на средства од надворешни извори, значи дека стопанството може да очекува релаксирање на домашниот пазар на пари и помал притисок врз каматните стапки. Имено, со внесување на 150-250 милиони евра од странство, ќе се зголеми вкупниот обем на средства, вклучително и девизи. Тоа значи дека средствата на домашните банки ќе можат повеќе да се користат за кредитирање на фирмите, наместо да бидат користени за финансирање на буџетскиот дефицит. Тоа ќе помогне да се намали притисокот врз каматите, односно да дојде до нивно стабилизирање и постепено намалување.

Трето, стопанството ќе добие кредитна инфузија во износ од 180 милиони евра, од кои 100 милиони евра се кредитна поддршка од Европската Инвестициона банка (ЕИБ), а остатокот се средства кои се очекува да бидат мобилизирани од домашните банки. Фактот дека ЕИБ се одлучи да и даде на Македонија 100 милиони евра во услови на речиси „замрзнат“ кредитен пазар во светот, е секако најсилен израз на довербата на оваа финансиска институција во економската иднина на Македонија и во способноста на земјава да води квалитетни економски политики и да остварува добри економски резултати.

Четврто, кредитната поддршка ќе биде директно насочена кон поддршка на вработеноста. Средствата ќе им бидат достапни на малите и средни претпријатија, кои вработуваат најголем број работници. Основен услов за користење на средствата ќе биде претпријатието да го задржи постојниот број на вработени, со што директно ќе им се помогне на работниците да ги задржат своите работни места во овие тешки економски времиња.

Петто, начинот на кој се дизајнирани кредитните линии ќе ги реши двата најголеми проблеми со кои се соочуваат денес македонските фирми: недостатокот на ликвидни средства и нивната цена. Имено, 90 милиони евра (45 милиони евра од ЕИБ и 45 милиони евра од домашните банки) ќе се искористат за краткорочни кредити за обртни средства. Воедно, ќе биде овозможено дел од средствата да се користат и за репрограмирање на кредити во рамките на истата банка, за што во моментов постои голем интерес. Дополнителни 70 милиони евра се наменети за долгорочни кредити за инвестиции (35 милиони евра од кредитот од ЕИБ и уште толку од домашните банки).

Шесто, каматната стапка за двата видови кредити е субвенционирана од страна на државата. За крајниот корисник, таа нема да изнесува повеќе од 6 отсто на годишно ниво. Товарот на вака ниската каматна стапка ќе биде врз државата, со цел да не се дестимулираат деловните банки да учествуваат во овие програми. Имено, на делот кој го кофинансира државата (50 отсто од секој кредит, со истовремено гарантирање на истиот), каматната стапка ќе изнесува само 1 отсто. Тоа значи дека и доколку деловната банка наплати 11 отсто камата на својот дел (своите 50 отсто од кредитот), вкупната каматна стапка нема да е повисока од 6 отсто.

Седмо, една од најзначајните пораки кои се праќаат со предложениот модел на кредитна поддршка е дека Владата има целосна доверба во домашната валута, денарот. Имено, државата ќе го одобрува својот дел од кредитот (50 отсто од секој кредит) во денари, без валутна клаузула. Со оглед дека рочноста на овие кредити е 12 месеци (за краткорочните) односно цели 5 години (за долгорочните), јасно е дека Владата испраќа јасен и недвосмислен сигнал до корисниците на кредитите дека нема да има промена на девизниот курс.Осмо, кредитната поддршка е насочена кон зголемување на извозот. Имено, половина од предвидените кредити можат да се користат за поддршка на активностите на извозно ориентирани претпријатија. Воедно, пакетот содржи уште 54 други мерки насочени кон олеснување на условите за извоз на стоки.

Деветто, со пакетот на мерки се предвидува МБПР да издава чинидбени и друг тип гаранции за извршување на договорните обврски, настап на македонски фирми на странски пазари, гаранции за добро извршување на услугите и други типови на гаранции. Износот на средства за оваа намена е 15 милиони евра. Десетто, но исклучително важно: глобалната криза бара ангажирање на сиот креативен потенцијал во земјата, широк процес на консултации и отвореност за добри идеи, за да се дојде до најдобрите решенија. За таа цел, Владата го менаџира процесот на начин кој активно ги вклучи сите стопански комори, бизнисмените, банкарите и најдобрите економски експерти, чии идеи во голем дел се вградени во конечните решенија. Ситуацијата секако не е лесна. Но, што би рекле ние, заедно можеме повеќе.

Зоран Ставрески